Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Бегството во српската амбасада сепак било планирано

dbvirago/BigStock.com

Бегството во српската амбасада сепак било планирано

Бегството на Бранка Милиќ во зградата на амбасадата на Србија не било случајно, ниту станува збор за изненадувачки гест, туку за добро испланиран потег, потврдија црногорските власти врз основа на првичните сознанија од истрагата. За Милиќ сега се знае дека била српска државјанка која повеќе не сака да учествува во судскиот процес, што се води во судот во Подгорица, против неа, па затоа побарала и добила уточиште во српската амбасада. Според истрагата, целта со бегството била да се одолговлекува, до бескрај, целата судска и истражна постапка и процесот, што во судот веќе две години се води за обидот да се изврши пуч во Црна Гора. Тамошната полиција и безбедносните сили открија дека било испланирано да се изврши пуч, за да се смени политичкиот курс на државата и да се спречи приклучувањето кон НАТО и ЕУ. Во групата пучисти, покрај црногорски државјани, имало и двајца Срби и двајца Руси, кои меѓутоа веднаш побегнале во Србија и го избегнале апсењето. Во групата уапсени, на која сега и се суди, била и Милиќ, обвинета дека активно помагала за успех на планот да се собори власта. Со задршка од една недела, полицијата распиша потреница за неа, а судот издаде налог за ставање во притво, додека Специјалното обвинителство сега бара нејзиното судење да се оддели од судењето на другите заговорници. Обвинителството ја обвинува Милиќ дека ја злоупотребила коректноста на инсититуциите на Српската црква во Црна Гора, каде таа била сместена за да не биде во притвор, како и на судот, каде има дадено ветување дека редовно ќе се јавува. Во Подгорица сега се чека на решението на официјален Белград, како ќе постапи по барањето на подгоричкиот суд, таа да излезе од амбасадата и да им се предаде на црногорските власти. Единствена реакција има од српскиот шеф на дипломатијата, Ивица Дачиќ кој посочи дека станува збор за “правна процедура” околу побегнатата обвинета пучистка, но инсистирал дека таа е српска државјанка и дека Амбасадата во Подгорица “не можела нејзе да и ја затвори вратата” и да не ја прими, откако избегала од судот.

Почина Џорџ Буш постариот

Џорџ Буш постариот (94) поранешен претседател на САД, почина во својот дом во Хјустон, соопшти неговото семејство. Неговото тело ќе биде изложено во Вашингтон, а потоа ќе биде погребано во родниот Тексас. Тој беше 41-от претседател, од 1989 до 1993 година. Претходно, во два мандата Буш беше американски потпретседател, кога шеф на државата беше Роналд Реган, а пред тоа, беше директор на ЦИА. Неговиот претседателски мандат го одбележа крајот на Студената војна, распадот на Советскиот Сојуз и на комунизмот во Европа, како и првата војна против Ирак, откако режимот на Садам Хусеин изврши инвазија врз Кувајт. Пред седум месеци, почина неговата сопруга Барбара. Неговиот постар син, Џорџ Буш помладиот беше избран за 43-от претседател на САД. Тој ја објави и веста за смрта на таткото, во името на целото семејство. Неговиот помлад брат, Џеб Буш на два пати беше гувернер на сојузната држава Флорида, но на претседателските избори во 2016 година, не успеа да се наметне кај гласачите, па се повлече од трката пред прајмери изборите за републиканската номинација.

Катастрофален земјотрес во Аљаска

Силен земјотрес со јачина од 7 степени ја погоди Аљаска, во реонот на Енкориџ, најголемиот град на ова американска сојузна држава, на крајниот северозапад од САД, предизвикувајќи огромна материјална штета. Оштетени се голем број згради, но засега нема извештаи за поголеми разурнувања,иако има разурнати згради, а во првите извештаи не се споменуваат ниту човечки жртви. Во првите проверки на теренот по потресот, меѓутоа, се откриени тешки оштетувања на патната мрежа во околината на градот, како и напукнати и оштетени мостови што го прават движењето опасно, или некаде сосема неможно. Епицентарот на потресот бил на само 11 километри, северно од Енкориџ и на длабочина од 41 км, Околу 300 илјади луге живеат во реонот на потресот, а сто илјади во најтешко погодените области. Земјотресот се почувствувал во 8.30 часот, во петокот утрината по локално, или во 18:30 часот по средноевропско време. Веднаш по главниот удар, уследиле серија од 40 земјотеси, т. н. афтер-шок удари. Најсилниот од нив бил со силина од 5.7 степени, според рихтеровата скала, додека другите биле од 4 и 5 степени, предизвикувајќи натамошно оштетување на објектите во погодените области. Гувернерот на Аљаска Бил Вокер прогласи состојба на голема катастрофа, додека претседателот на САД Доналд Трамп се огласи на Твитер со изјава со солидарност со лугето погодени од силниот земјотрес. Ваднаш по првиот удар, беше објавено предупредување за можно цунами, но тоа подоцна беше повлечено. Околу десет илјади луге се без електрична енергија, многу семејства се останати и без вода, додека пореметувања има во железничкиот и во воздушниот сообраќај. Се изјава се огласи и поранешниот гувернер на Аљаска, Сара Пејлин која соопшти дека во нејзиното семејство нема повредени, но во нивната куќа повеќе не ќе може да се живее. Во 1964 година, Аљаска беше погодена од катастрофален земјотрес со јачина од 9.2 степени што се смета за втор најсилен потрес во светот.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе