Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Унгарија со “робовладетелски закон”

ilolab/BigStock.com

Унгарија со “робовладетелски закон”

Унгарскиот премиер Виктор Орбан кој на почетокот на оваа година освои трет, едно по друго мандат, добивајќи двотретинско мнозинство во Парламентот, за прв пат се соочува со силен отпор и незадоволство на опозицијата, на синдикатите, но и на делови од домашната јавност, откако неколку денови по ред Будимпешта ја потресуваат масовни протести. Десетици илјади Унгарци демонстрираат против политиката на Орбан и на неговата десничарска и националистичка партија Фидес, барајќи повеќе демократија.

Демонстрациите започнаа поради несогласувањето со владиниот закон за работни односи. Законот што помина лесно и брзо низ Парламентот кој само ги спроведува сите барања на Орбан, од неговоте противници е означен како недемократски и “вистински робовладетелски” затоа што им дозволува на унгарските работодавачи, на своите вработени да им наметнат прекувремена работа до 400 часови, во текот на една година. Со законот, практично, на работниците им се додават уште по два часа работа, што е еднакво на уште еден работен ден повеќе, секоја недела. Орбановиот закон за трудот им гарантира на работодавачите, на секој работник да му се определат и дополнителни 250 прекувремени работни часови во текот на една година. На тој начин, неделната горна граница, заедно со прекувремената работа се покачува, па во Унгарија ќе изнесува 48 часови, неделно, додека тој екстра труд ќе може да им се исплатува постепено, во текот на три години.

Владата во Будимпешта, како и во јавноста постојано присутната владеачка партија Фидес, која секогаш преку владините медиуми се вклучува во одбрана сите потези што ќе ги најави и спроведе нејзиниот лидер и премиер, се обидуваат да ја смират домашната јавност тврдејќи дека законот не е онаков како што го прикажуваат “противниците на власта”, како и дека сите обвинувања и критики се “невистинити и лажни”, затоа што реформата и новиот закон биле добри и за бизнисот и за работниците.

Противниците на законот не мислат така. Тие на протестите носат транспаренти на кои, иронично, на Орбан му порачуваат – “Срекен Божик господине премиер” а на подржувачите и на пратениците – “Натерајте ги своите мајки да работат прекувремено”. Синдикалните лидери сега бараат од владата да се откаже од законот, додека ЕУ која и онака е постојано во некаков конфликт со унгарскиот премиер и со неговото автократско управување кое е во судир со европските демократски стандарди и со правилата и прописите на Унијата, и овојпат изрази несогласување со потезите што ги влече официјална Будимпешта и со вака скроениот закон.

Протестите во унгарскиот главен град беа мирни, се додека полицијата не почна да користи солзавец кога колоната демонстранти дојде до зградата на унгарската државна телевизија, која во демократските кругови се означува како “бастион на диктатурата на Орбан” и за која се вели дека се користи само за пропагандни цели на владеачката гарнитура. Тоа ја ражести масата, па десетина демонстранти, предводени од пратеници во унгарскиот и во европскиот Парламент, навлегоа во зградата, сакајќи пред тв камерите да и се обратат на јавноста со проглас во кој се осудува робовладетелскиот закон, но и целата досегашна политика на Орбан. Припадниците на безбедноста тоа не го дозволија и насила ги извлекоа пратениците кои тргнаа да го прочитаат прогласот, додека другите останаа цела ноќ во телевизиската зграда, под будна контрола на безбедносните сили.

Исфрлените пратеници имаат тајно снимен материјал, направен со мобилен телефон за она што се случувало, а тие го обелоденија прогласот во кој сега не се бара само повлекување на законот за работни односи, туку и цела низа други мерки за враќање на вистинската демократија во Унгарија. Демонстрантите бараат раскинување со автократското владеење на Виктор Орбан преку кое тој ја “наметнува својата волја на стопанството, на акаедмските кругови, на судството и на медиумите”. После долго време, премиерот ги разгневи Унгарците кои сега откриваат дека на земјата и е потребно целосно независно судство, потоа ослободување на новинарите од државно-партиската контрола, како и прифаќање на европските мерила и стандарди, што практично значи – барање за демонтирање на власта што ја наметна досега недопирливиот лидер на Фидес и премиер.

Протестите во Будимпешта продолжуваат, сега, пред зградата на телевизијата, која како во секој авторитарен режим и овде претставува столб на владината пропаганда за “перење на мозокот”. Претставник на владата во изјава за западни медиуми, уверувал дека ситуацијата е под контрола. Според него, законот за работни односи не се носи за да му служи на бизнисот, пофалувајќи се дека Унгарија и натаму има ниска невработеност од само 4,1 отсто. Проблемот бил во растечкиот недостиг на работна сила, предизвикан од заминувањето на Унгарците во земјите на ЕУ и низ светот, но и од продолжениот пад на наталитетот. Во оваа земја, веќе подолго време, бројот на умрените е поголем од бројот на новородените бебиња, но националстистичката влада на Орбан не сака недостигот на работна сила да го решава со странци и со странска работна сила, поради расистичката политика да се одржува “етнички чиста Унгарија” (!?). Владата затоа, сега, размислувала проблемот да го решава со тоа што ќе ги повика Унгарците кои си заминале, да се вратат во татковината, но не знае како тоа да го изведе.

Орбановата партија, меѓутоа, има (и натаму) своја верзија за она што и се случува на Унгарија. Во соопштението за демонстрациите, националистичката Фидес демонстрантите и оние кои ги предводат, ги оквалификува како “криминалци” кои се обидувале да предизвикаат уличен бунт, потикнати и платени од Џорџ Сорос. Ваквото соопштение по многу наликува на соопштенија од партии и власти слични на унгарската, кои егзистираат низ европскиот континент, од Москва до некои земји на Западен Балкан, како и во Македонија, до пред две години. Фондацијата Сорос, меѓутоа, ги отфрли унгарските обвинувања, како целосно измислени. Претставник на Фондацијата рекол дека властите во Будимпешта сега се обидуваат вината за она што се случува, лажно да ја префрлат на “надворешниот непријател”.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе