Србија на две столчиња
Официјален Белград продолжува да седи на две столчиња, кога станува збор за определбата на земјата за членство во ЕУ и за “историската” приврзаност на Србија кон Русија, покажа белградската конференција, посветена на потребата на Западен Балкан од Унијата и од нејзините стандарди и принципи. Во расправата било посочено дека српската влада, самата, се дистанцира себе си од ЕУ, одбегнувајќи го поглавјето 31 од пристапните преговори, во кои станува збор за заедничката европска надворешна и одбранбена политика. За низа земји од некогашниот комунистички Исток на Европа, ова поглавје имало “техничко значење” затоа што е сосема јасно дека ако некоја држава сака да се приклучи на Унијата, мора да ја усогласи својата надворешна политика кон онаа на ЕУ. Србија, меѓутоа, на ова поглавје гледа сосема поинаку, затоа што сака да биде дел од ЕУ, па веќе има покренато и десетина поглавја, но не сака да расчисти со својата “верност” кон Москва. На конференцијата бил изнесен податокот дека само во првата полова од оваа година, Унијата има усвоено 32 декларации кои се однесуваат на надворешно-политички прашања. Но, владата во Белград, која декларативно и натаму уверува дека останува на европскиот пат има одбиено дури 16 од овие декларации, при што девет од нив се однесувале на Русија. Степенот на усогласеност на српската надворешна политика со европската, едно време беше 80 отсто, а сега изнесува под 50 отсто. Србија и натаму одбива да воведе санкции кон Москва поради анексијата на Крим и интеревенцијата во источна Украина, иако ЕУ на неколкупати досега санкциите ги има продолжено и проширено.
Даблин: Брегзит мора да се одложи
Ирскиот шеф на дипломатијата Сајмон Ковени изјави во Даблин дека излегувањето на Британија од ЕУ ќе мора да се одолжи доколку Лондон поднесе сосема нов предлог за процесот на Брегзит. “Ако навистина се појави нов предлог, како што се навестува, тогаш ќе треба повеќе време за да се разгледа и испита, а тоа не може да се изведе во сегашните термини” – рекол Ковени. Според неговото толкување, тоа може да се изведе со продолжување на членот 50 од Лисабонската спогодба, или со неговото повлекување. ЕУ, но и ирската влада претходно соопштија дека може да се има разбирање за тешкотиите на Британците да го прифатат договорот за Брегзит што веќе го прифатија сите земји членки на Унијата, но дека никако не може да стане збор за покренување нови преговори, со било кого во Лондон.
Трамп против Фејсбук, Твитер и Гугл
Американскиот претседател Доналд Трамп, одново, ги обвини нејголемите интернет компании – Фејсбук, Твитер и Гугл – за политичка пристрасност. Според Трамп, сите тие дејствуваат “во полза на неговите политички противници – демократите во САД. Компанијата Гугл уште претходно ги отфрли сите вакви обвинувања, а особено откако Твитер беше обвинет дека, наводно, намерно му прави тешкотии на налогот на Доналд Трамп @realDonaldTramp кој има 56 милиони следбеници. Претседателот на САД и некои републиканци редовно ги критикуваат најголемите интернет компании дека повеќе им се наклонети на американските демократи, но никогаш не се изнесуваат докази за таквото обвинување, ниту за тоа дека овие популарни компании дејствуваат од политички и идеолошки позиции. Првиот човек на Гугл, Сундара Причај на сослушување во Конгресот на САД има речено дека неговата компанија не нуди информации со кои и се дава предност на некоја група, или идеја.