Полска и Израел се скараа за историјата
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанијаху беше во посета на Варшава, а неговиот полски колега Матеуш Моравјецки се подготвуваше да замине за Ерусалим, за учество на посебно уредениот Самит на Израел со земјите од Вишеградската четворка ( Полска, Чешка, Словачка и Унгарија) , но наместо да дојде до натамошно зацврснување на полско-израелските односи , пред таквиот процес се испречија историјата и Холокаустот .
Тоа предизвикаа неочекувано остра расправија на високо политичко ниво, па Полјаците – налутени и повредени – се откажаа и од патот во Светиот град и од Самитот на кој тие, како најголемата и највлијателната земја од „ четворката“ , требаше да го имаат главниот збор. Израелците се откажаа од Самитот што на владата на Нетанијху требаше да и помогне да се отвори процес за подобрување на , инаку , заладените односи ( политичките и економските) на Израел со ЕУ, откако Варшава целосно се повлече, па во Ерусалим ке има само билатерални средби и разговори на израелскиот премиер со чешкиот, словачкиот и унгарскиот премиер.
Полската влада во меѓувреме се огласи со соопштение во кое се вели дека одлуката да не се оди на Самитот во Ерусалим , претставува „ порака и до другите влади и до меѓународното мислење дека историската вистина е основата врз која се почива“.
Различни гледања
Расправијата се покрена откако Нетанијаху изјави дека „ Полјаците биле соучесници во Холокаустот“ . На тоа веднаш реагираше Моравјецки, остро квалификувајќи ја изјавата како „пример за расизам и како целосно неприфатлива“ . Израелската влада , потоа, се обиде да ја смири ситуацијата , појаснувајќи дека премиерот Нетанијаху зборувал за „ некои Полјаци“ кои соработувале со нацистите во времето на истребувањето на Евреите, не мислејќи притоа на целиот полски народ и на државата Полска.
Но , нервозата веќе ги имаше зафатено и двете страни, па владата во Варшава прво, соопшти дека во знак на протест , наместо премиерот , на Самитот ќе патува шефот на полската дипломатија, а потоа, целосно се откажа од патот во Ерусалим. Кабинетот на претседателот на државата во свое соопштение порача дека „ ова не е време за патување на ерусалимската средба“.
Претпоставка е дека на ваквата конечна одлука влијаело пишувањето на израелскиот весник „ Џерусалем Пост“ кој тврди дека Нетанијаху , сепак, зборувал за „ полската нација“ што брзо потоа било изменето. Затоа уследила и налутената изјава на Моравјецки дека во текот на Втората светска војна не постоел „ полски режим“ , односно квислиншка власт ( како во неколку европски држави) за да биде вклучена во хитлеровиот план за истребување на Евреите од Полска и од Европа. Тој уште потсетил дека голем број Полјаци учествувале во операциите за спасување на полските Евреи и не мал број од нив загинале во таквите мисии. Конечно, во текот на последната светска војна, Полска има дадено околу три милиони свои жртви, најмногу цивили , кои биле ликвидирани од нацистите како и Евреите.
Историјата не се засладува
Таа и таква историска вистина ја признаваат и ја бранат Полјаците. Израел, меѓутоа, од секогаш , во толкувањето на времето на нацистичките злосторства , Холокаустот и сите кои учествувале во монструозните планови на Хитлер за „ решавање на еврејското прашање“ , тргнува од бројната, насобрана документација и историските материјали , а од нив се открива дека не мал број полски државјани се ставиле на страната на нацистите и учествувале во истребувањето на Евреите. Вкупно, шест милиони Евреи се ликвидирани, убени и затруени, па запалени во крематориумите на логорите на смрта. Најголемиот број од нив биле ликвидирани, токму на полската територија.
Според Израелците – и тоа е историска вистина која Израел не може и нема да ја заборави, или да ја избрише. „ Нема тука место за лутење, ниту пак станува збор за преправање на историјата“ – изјави израелскиот министер за надворешни работи Израел Кац , реагирајќи на налутените коментари од Варшава и на изјавите на полскиот премиер.
„Ние не можеме да заборавиме дека илјадници Полјаци соработувале со германските нацисти. Таткото на поранешниот израелски премиер, Јицак Шамир бил убиен во Полска од Полјак. И што сега . Па, тоа не може да се зашеќери , или да се заслади историјата зашто е премногу горчлива“- рекол Кац , забележувајќи дека тој самиот е дете на родители кои го преживеале Холокаустот. Кац потсетил и дека кога се зборува за тоа време и за учеството на дел од локалното население во злосторствата кон Евреите, Израел не заборава и знае дека такви примери имало и во Балтичките земји, во Литванија , или во Украина, на пример, како и во низа други земји, но тие не бегаат од историската вистина.
Врв на распалените страсти на релацијата Варшава- Ерусалим , се чини, сепак , се случил кога шефот на дипломатијата Кац , во својата елаборација рекол дека – „ Полјаците се надоени ( цицале) антисемитизам од млекото на нивните мајки“- што полската страна го смета за недопустливо и длабоко навредливо.
Опозицијата во Израел против Орбан
Двете земји се „ закачија“ околу Холокаустот и минатиот февруари, кога полската влада донесе еден контроверзен закон, според кој е противзаконски да се обвинува Полска, или Полјаците дека соработувале со нацизмот во текот на Втората светска војна. И тогаш Израел се спротивстави, тврдејќи дека има многу полски граѓани кои се бореле против нацизмот, но и дека многу од нив соработувале со нацистите.
Владата во Варшава, тогаш делуваше помирливо, па одлучи да го измени законот, така што делото нема повеќе да се третира како кривично, за кое по првата верзија се предвидуваше три години затвор, туку само како прекршок. Тоа , меѓутоа, не ги смени рзликите во гледањето на тој дел од историјата и кај Полјаците и кај Израелците кои сега се уште почувствителни, поради засилениот антисемитизам во Европа.
На израелската политичка сцена, каде се подготвуваат предвремени парламентарни избори, случајот на Полска и демонстративното нејзино повлекување од Самитот со земјите од Вишеградската четворка, се гледа низ една друга димензија. Опозицијата нема против забрзана обнова на односите со ЕУ. Таа е на страната на владата во расправијата околу историјата, но смета дека Полска не е единствената земја од групата, каде имало домашно население што им помагало на нацистите во истребувањето на Евреите и се посочува дека и Словачка ( која имала квислиншка власт) и Чешка, а посебно Унгарија, каде на нацистите им помагале домашните колаборационисти , не може да бидат амнестирани за она што се случувало во минатото. Посебно на удар на израелската опозиција е актуелниот унгарски премиер Виктор Орбан . Него го обвинуваат дека и сега , во својот национализам тој е и антисемита и притоа се повикуваат на некои негови неодамнешни изјави, како и на „ војната“ што ја води со унгарскиот Евреин и милијардер Џорџ Сорос, кога го има навредувано на национална основа.
(Д.И.)