Поврзете се со нас

Skopje Global

Судот во Хаг против британската контрола на Чагос

Свет

Судот во Хаг против британската контрола на Чагос

Фото: (c) STRINGER Image/BigStock.com

Судот во Хаг против британската контрола на Чагос

Меѓународниот суд на правдата во Хаг одлучи дека Велика Британија ќе треба да ја оконча контролата врз архипелагот Чагос, во Индискиот Океан, во што е можно покус рок. Одлучувајќи по тужбата на властите во Маурициус, највисокиот суд на ОН, во својата „ пресуда“ заклучил дека Чагос островите биле „ бесправно одделени од поранешната британска колонија Маурициус“.

Владата во Порт Луис во својата тужба има наведено дека во 1965 година, во периодот на деколонизацијата во Африка, британската влада ги натерала Маурицијанците да им го предадат целиот архипелаг Чагос, во замена за добивање независност, што и се случило, во 1968 година.

Британскиот Форин Офис кусо ја коментираше одлуката на Судот, објаснувајќи дека таа „нема правна сила на пресуда и претставува само советодавно мислење“. Официјален Лондон, сепак, соопшти дека ќе го разгледа и ќе го анализира мислењето на Судот, иако тоа не е правно обврзувачко.

Британија, претходно, има соопштено дека ќе ги врати островите Чагос кога тие повеќе нема да бидат потребни за одбранбени цели. Според британското објаснување, целата одбранбена инсталација и опрема на оваа, како што вели, британска прекуморска територија, помага за заштита на луѓето во Британија и во светот, од терористички закани, од организираниот криминал и пиратството.

Поранешните жители на архипелагот – Чагосијанците – кои се посебна етничка група што сега е иселена од островите и префрлена во Маурициус, главно во околината на тамошниот главен град Порт Луис, со децении водат спор со британската држава барајќи надокнада за нивните имоти и земјата на Чагос која ја поседувале, а во последно време и право да се вратат дома. Тие се незадоволни од својот статус во Маурициус и тврдат дека во државата што би требало да ја имаат како своја, биле третирани како „граѓани од втора категорија“.

Нивниот проблем со враќањето на Чагос, сепак, не е така едноставен, затоа што Британците уште пред 50 години им го имаат отстапено на Американците најголемиот атол Диего Гарсија, каде САД имаат изградено голема воена база. Архипелагот е оддалечен 3600 км од африканскиот брег и географски е поблиску до Малдивите и до Шри Ланка, на крајниот југ на Азија, отколку до „Црниот континент“.

Маурициус е островска држава, во Индискиот Океан лоцирана наспроти Мадагаскар. Во неа живеат околу два милиони жители – Индо-маурицијанци и Креолци кои зборуваат на четири официјални јазици, англиски, француски, креолски и хинду. Но, најголемиот број од жителите припаѓаат на хиндустичката религиска заедница, околу 70 отсто, додека другите се христијани и муслимани. Главен извор на приходи во земјата е земјоделството, а пред се, одгледувањето шеќерна трска, додека последниве децении забрзано се развива и туризмот.

Британија не е првата земја која вака реагира на одлуката на Судот на ОН во Хаг, затоа што тој и навистина има таква позиција- да даде мислење за определен проблем меѓу две држави, кое има определена политичка тежина и значење за земјата-тужител, но мислењето не повлекува со себе правна сила, за условно речено „поразената“ страна, како што тоа го има секоја судска пресуда.

Освен Чагос архипелагот, Британија има уште неколку други свои прекуморски територии на кои им е дадена локална самоуправа и определена автономија. Најпознати и најмногу оптоварени со контроверзно историски наследство се Гибралтар, на Пиринејскиот полуостров и Фокландските острови, во Јужниот Атлантик.

Овие две британски територии, со децении на ред ги оптоваруваат билатералните односи на Британија со Шпанија и со Аргентина. Во 1982 година, се водеше 70 дневна британско-аргентинска војна за Фокландите во која загинаа илјада војници на двете страни.

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе