Нема вакцина – нема училиште
Италијанската влада по забрзана постапка донесе закон според кој децата не ќе може да одат во училиштата, доколку не се вакцинирани, или како што прецизира законот – доколку не може да се докаже дека примиле вакцина.
Родителите кои нема да ја почитуваат оваа законска обврска, ќе бидат казнети со 500 евра.
Тоа значи дека со оваа парична казна ќе бидат казнети оние родители кои ќе ги испратат на училиште своите деца, иако не се вакцинирани. Децата под шест годишна возраст, детските установи (училиштата) ќе можат веднаш да ги враќаат назад, дома.
Забраната доаѓа по расправата околу задолжителната вакцинација на децата, посебно за сипаници-морбили, што се покрена откако италијанските здравствени власти и епидемиолозите предупредија на враќање на сипаниците и драстичниот скок на заболени – деца и возрасни, како и на десетина смртни случаи, предизвикани од компликациите што болеста ги носи со себе.
Отфрлена теорија
Како и во некои од државите во Источна Европа и Балканот, во Италија и во уште неколку други западни земји, исто така, се регистрирани голем број случаи на заболени од морбили. Здравствените експерти враќањето на болеста за која се мислеше дека, барем во Европа, е искоренета ја поврзуваат со големиот број невакцинирани деца и тоа само поради отпорот и спротивставувањето на родителите.
Нивните аргументи, сите ненаучни, главно се врзуваат за уверувањето (научено од интернет) дека “ова е ново време“ и дека децата сега се раѓаат со далеку поголем, природен, имунитет од порано.
Италијанските лекари, меѓутоа, одбивањето децата да се вакцинираат го поврзуваат со “распалената хистерија“ преку социјалните мрежи дека вакцината против сипаниците-морбили ја предизвикува болеста аутизам кај децата.
Стравот потекнува од една, сега веќе отфрлена, ненаучна и со ништо недокажана теорија на еден британски доктор кој врз испитувањето на само 12 деца, го има извлечено ваквиот заклучок, поврзувајќи ги вакцините со аутизмот, предизвикувајќи масовен страв кај родителите и одбојност кон вакцинацијата на нивните деца.
Британецот подоцна беше исклучен од британската лекарска комора, а му беше одземена и лекарската лиценца, кога се разбра дека ги има преправано податоците за дванаесетте деца кои биле цел на неговото истражување.
Во изминатите 20 години од тогаш, се направени бројни истражувања низ светот и во самата Италија, за да се потврдат наодите на британскиот лекар, но никој досега, во ниту еден истражувачки центар, не успеал да најде директна врска меѓу вакцината против морбили и аутизмот.
Под стандардите на СЗО
Италијанските здравствени власти признаваат дека ваквиот однос на родителите има предизвикано силен пад на имунизацијата на италијанските деца, што сега е под 80 отсто, иако стандардите на Светската здравствена организација ( СЗО) бараат минимум 95 отсто имунизација, за да се обезбеди брана за појава и за ширење на болеста. Во владината одлука се вели дека станува збор за опасна болест, со тешки последици и закана за сите кои не се вакцинирани.
Во Рим се надеваат дека новиот закон ќе помогне за зголемување на процентот на имунизација.
Одлуката на италијанската влада е сосема спротивна на лажните вести што продолжуваат да се шират во реонот на Западен Балкан, каде и натаму се одржува кампањата против вакцинацијата, што ја шират не само некои родители, туку и извесен број педијатри кои уверуваат дека теоријата на “отфрлениот британски лекар“ не е докрај неточна!?
Се шират лажни вести околу тоа кои земји имаат закони за задолжителна вакцинација, при што Италија (а и Британија) се посочуваат како пример, што е сосема неточно и измислено тврдење.
Безбедносни служби трагаат по локациите од каде се пласираат лажни вести, па една таква е откриена во Сенкт Петербург (во Русија).