Поврзете се со нас

Skopje Global

Балкански “патриотски” игри за инспирација

Западен Балкан

Балкански “патриотски” игри за инспирација

Christchurch City Council Newsline/Kirk Hargreaves

Балкански “патриотски” игри за инспирација

Нов Зеланд се опростува од жртвите на терористичкиот напад од минатиот викенд во Крајстчрч, кога во две локални џамии еден милитантен ултра-десничар и бел супремацист изврши масакр во кој беа убиени 50 верници- муслимани. Ова најтешко злосторство во историјата на Нов Зеланд и понатаму ја одржува јавноста во оваа одалечна островска земја во состојба на шок и неверување од она што се случи, врз што сега, полека, се гради уверувањето за потребата од уредување на кохезија во општеството, за која светот (досега) мислеше дека веќе е прилично цврсто изградена.

Пример за тоа почна да дава новозеландската премиерка Џасинда Ардерн која на погребот на убиените верници се појави со црна марама на главата, а веднаш по неа и поголем број од жените во Крајстчрч, во овие денови на тага во градот, одат со марами на главите, онака како што тоа го прават муслиманките, нивните сограѓанки. Тоа е добар знак дека во тамошното општество има сили и спремност да се зацврснува потребната од заедничка одбрана од милитантното десничарење, расизмот, национализмот и белата супремација, затскриено зад лажна христијанска основа.

Ваквиот гест може да помогне и за амортизирање на стравот кај локалните луге од евентуален одмазнички напад, од некој исламистички фанатик, кој би дејствувал како “осамен волк”.

Таквиот страв постои и во соседна Австралија, каде изминатите години имаше инциденти од овој вид, а тоа се чувствува и во Европа, од каде убиецот потекнува и од каде австралискиот бел терорист, се покажа, го црпел историското европско искуството во омразата, во војувањето и во непријателствата врз национална и религиска основа, како „инспирација” во градењето на неговата патолошка исламофобија.

“Црната дупка”

Балканот (за жал) е еден од оние делови од Европа каде овој масовен убиец можел да го научи “урокот” што го има направено да дејствува како бесчувствителна машина за убивање, водена само од омразата кон лугето со друга религија, чија единствена “вина” е тоа што тој и таквите како него, ги имаат означено за колективни виновници во нивната замислена “војна на цивилизацијата”.

Светските медиуми ја објавија фотографијата од автоматската пушка на терористот, на која се испишани низа имиња и настани од балканската историја, од разни ајдуци и војводи, опеани јунаци, од битки и војни од подалечното и поблиското минато.

Во снимениот материјал на овој масовен убиец, пак, може да се слушаат и српски четнички и националистички песни од последното воено судирање на тлото на екс Југославија, во БиХ, во кои се велича и Радован Караџиќ, кого меѓународниот суд во Хаг го осуди на доживотен затвор, како воен злосторник во една брутална и кравава војна.

И имињата на пушката и музиката која служи како звучно покритие за снимениот материјал, додека убиецот патува до местото каде ќе убива невини луге – обични верници, се поврзани за времиња и настани во кои христијани убиваат Османлии, или генерално – муслимани.

Истрагата во Нов Зеланд и во Австралија, каде овој терорист е роден и каде живеел најголем дел од животот, откри дека по смртта на својот татко, во 2010 година, кога имал дваесетина години, тој тргнал на патување низ светот, најмногу престојувајќи во Европа, посетувајќи некои балкански земји, како Бугарија и Романија и безмалку сите поранешни Ју републики – од Србија, Црна Гора и Бих, преку Хрватска, до Словенија.

Во текот на тие патувања тој разбрал за историските настани и за ликовите од минатото, како и за песните што некои сакаат да ги пеат во рамките на локалните, балкански “патриотски игри” кои се уште се играат во овој регион.

Состојба на духот

Според експерти во Белград, внесувањето на српската музика на снимката која убиецот ја има поставено на интернет, има за цел да се провоцираат, да се навредат и во крајна рака – да се понижат муслиманите. “Каков и да му бил мотивот да ја користи токму таа песна, во случајов тоа е сосема небитно” – велат експертите.

Но, за нив е поважно што таа песна, сепак, постои и што лугето се уште ја пеат, многу веројатно од истите цели, какви што се и оние на злосторникот од Нов Зеланд.

Логично е затоа, надлежните служби во регионот да се позанимаваат со тоа како еден ваков човек дошол до нив, а особено дали за време на своите посети низ балканските земји и посебно во екс Ју републики, се среќавал со некого и ако тоа го направел – да се открие кои се тие кои му давале “духовна храна” на еден ултра-десничар и бел супрамацист кои верува дека меѓурелигиозните и меѓунационалните состојби треба да се решаваат со насилни методи – со ликвидација на неистомислениците.

Таквото испитување не е толку потребно за истрагата што се води во Нов Зеланд, ниту за тамошниот суд, колку што е потребно овде во регионов, за да може и тука да се изгради меѓуетничка и меѓурелигиозна кохезија, за да и се стави крај на омразата.

Особено што таа состојба, од која стравуваат во Нов Зеланд, на балканските простори се уште не е надмината.

Посебно, кога станува збор за поранешниот Ју простор, каде и по повеќе од 25 години од распадот на некогашната заедничка држава и по крвавите војни на просторот на кој некогашното “братство и единство” беше раскинато и целосно разурнато со меѓусебни убивања, ликвидации и геноцид (во Сребреница, во БиХ), омразата ја отсликува состојбата на духот и кај генерациите родени кога се случуваа злосторствата.

Неопходни истраги

Преминот Шипка во Бугарија, познат по битката од руско-турската војна во втората половина на 19 век, по која е ослободена оваа земја и кој има попримено димензии на национална епопеја, исто така се најде на пушката од новозеландскиот терорист, како “инспиративна” локација од минатото за да се мразат (и за да се убиваат) муслимани.

На властите во Софија тоа им беше доволно, веднаш да покренат истрага на својата територија околу тоа со кого тој (можеби) се среќавал додека бил во Бугарија, ставајќи ја својата истрага во функцијата на веднаш започаните истраги и подалеку од регионов, за да се откријат, евентуалните, потенцијални легла на милитантно десничарење и на можен тероризам.

Официјален Белград, меѓутоа, на тоа реагираше сосема спротивно. Таму веднаш отворија расправа со “некои во меѓународната јавност” што воопшто ја споменуваат Србија во „негативен контекст” и што некои нејзини историски личности се “поврзуваат за колежот во Крајстчрч”.

Никој тоа така не постапи, а уште помалку ја обвинуваше државата Србија за песната во која се велича еден воен злосторник (Караџиќ), но не само функционери од власта, туку и некои аналитичари во сето тоа видоа “нов почеток за ново судење на Србија”, за нејзиното (наводно) повторно дисквалификување во светот, па уште сето тоа, го поврзаа со сегашната ситуација во и околу Косово.

А само беше потребно, тамошните безбедносни служби да поработат малку на тоа кои се оние со кои убиецот од Нов Зеланд, во текот на престојот на српската територија, се среќавал и кои – ако воопшто ги имало – точно го упатиле на кои личности и настани треба да се насочи.

Треба да се верува дека тие служби знаат од кого тој би можел да се “брифира”, затоа што минатото се уште ги труе сегашноста и иднината на просторот кој сега се означува и како Западен Балкан.

“Усташи” и “четници”

Во српската политичка јавност, и понатаму се бараат надворешни “непријатели” кои наводно им мислат лошо на државата и на нејзините луѓе. Официјален Белград е во некаква “кавга” со сите негови соседи со кои ја делеше судбината на некогашната заедничка држава.

Посебно мачна е состојбата во српско- хрватските односи, кои и по 74 години од завршувањето на Вторатата светска војна и партизанијата, остануваат обременети со “усташтвото” и со “четништво” што сега се користат за хранење на национализмот и десничарењето и во двете држави.

Токму во деновите пред масакрот во Крајстчрч, официјален Загреб се “подигна на нога” од одлуката на католичката црква во Корушка (Австрија) да забрани црковна миса во Блајбург за загинатите и убиените домобрани кои како дел од усташките единици на некогашната НДХ, беа во составот на квислиншките сили на страната на нацизмот и фашизмот, кои во последната светска војна беа тешко поразени и казнети.

Од времето на отцепувањето на Хрватска од поранешна Југославија, меѓутоа, блајбуршките жртви се поврзуваат со судбината на хрватскиот народ, во целина, во неговата борба за своја, независна држава. Од друга страна, со години на ред, според австриските медиуми, мисата и сеќавањето на жртвите од Блајбург биле “злоупотребувани за ултра десничарење и за величање на пронацистичките сили”, па за тамошната јавност ваквата одлука е сосема разумна и исправна.

Рехабилитација на злото

Така или не, додека во Загреб на забраната за миса во Блајбург се гледаше како на безмалку “антихрватски гест” во Белград и кај хрватските Срби, настанот беше искористен како „доказ” за српските “исправни” обвинувања дека и во денешна Хрватска се “продолжува со величање на усташтвото” од кое, главната жртва во времето на НДХ, било токму тамошното српско население.

Загребските медиуми, пак, ги искористија откритијата за имињата запишани на пушката на терористот во Нов Зеланд и посебно песната што тој ја слуша пред да го изведе масакрот, како примери за тоа колку лошо може да биде влијанието на “националистичките (српски) и четничките песни” во кои се споменуваат убиствата на Муслимани и Хрвати во босанскохерцеговската војна од пред четврт век.

Српската страна и самата даде повод за критики и осуди, уште со рехабилитација на четништвото и на нивниот лидер, квислингот Дража Михајловиќ, што е направено во изминатите години. Згора на тоа, во деновите непосредно пред новозеландските случувања, во Вишеград, во Република Српска во БиХ, се собраа околу 200 четници, од босанската и од српската страна, за да го одбележат денот на заробувањето на нацистичкиот соработник Михајловиќ, инаку поранешен висок српски воен офицер на Кралска Југославија.

Со својот изглед и со униформите што ги имаа на себе, како во времето кога четниците им помагаа на нацистичките сили, брутално убивајќи ги оние кои војуваа против хитлеризмот, изгледаше како да сакаат да потсетат и во исто време, да се заканат дека идеологијата на омразата и политиката на одмаздата, живеат и во денешната генерација.

Впрочем, тоа на некој начин го има промовирано и еден од сегашните лидери на протестите во Белград и низ српските градови, против актуелната власт во земјата, кој во една прилика има речено дека “квислинштвото треба да се оправда, ако е направено во интерес на српскиот народ”.

Лекција од Нов Зеланд

Во секој случај, овие настани од балканските простори колку и да му биле инспиративни на оној од Нов Зеланд, овде се само “патриотски игри”за да се покаже колку (наводно) се сака сопствениот народ, за да се понижат и да се навредат другите и, најчесто, за да послужат за залажување на масите, за да се владее авторитарно и ако може со децении.

Таму далеку, на крајот од светот, меѓутоа, станува збор за нешто друго. Тие од злосторството научија дека не можат да се прават дека се е во најдобар ред, па веднаш тргнаа да ги сменат работите кои ги делат, за да спречат повторување на крвавото злосторство од Крајстчрч.

Таму веднаш укажаа дека она што се случува далеку од нивната земја и кое можеби му помогнало на убиецот да ги зацврсне своите мрачни уверувања , може лошо да влијае врз изградбата на психата на младите луге, во нивната средина. Бабата и најблиските на терористот, укажаа на таквата можност кога открија дека “тој бил драстично изменет откако се вратил од паувањата низ Европа”.

Во интервју за Си-Ен-Ен тие имаат речено дека неговата радикализација била веднаш видлива.

Тоа не значи дека за тоа се виновни само Балканот, екс Ју територии, или злото што на него се уште го има, но новозеландската јавност, тамошните политичари, експретската елита, веднаш укажаа на заканата што земјата може да ја има од белата супремација и од нешто што таму беше означено како “христијански тероризам”.

Едноставно, во Нов Зеланд не се исплашија да му погледаат на злото во очи и веднаш да го посочат, нешто што на балканскиот регион не може да се постигне ни после повеќе децении.

Веројатно, тоа го прави овој дел од Европа да биде “инспиративен” за болни типови како Брентон Тарант, кој без окото да му трепне, масакрира 50 обични луге, за време на молитва, со својата машинска пушка, слушајќи српска националистичка песна.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе