Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Грчко-турска “блиска средба” над Егејот

berkay/BigStock.com

Грчко-турска “блиска средба” над Егејот

Безмалку два века има откако Грција се има ослободено од отоманското ропство, но во сите овие изминатите години грчка независност, меѓу двете соседни земји – прво во времето на тогаш се уште постоечката Отоманска империја, а потоа, од дваесеттите години на 20 век и во современа Република Турција – никогаш не се успеа да се изгради вистинско добрососедство, а уште помалку пријателство.

Минатото, разните меѓународни спогодби и наметнатите решенија, како последица на епилогот од Првата светска војна и на постојано градената меѓусебна недоверба во годините потоа, потхранувана и од двете страни, секогаш, се има испречено пред можноста да ги уредат односите на едно европско ниво, дури и откако Грција и Турција, во 1952 година, станаа членки на НАТО, а тоа значеше и сојузници.

Воени инциденти, повреди на воздушниот простор на едната, или на другата држава, звецкање со оружје, од време на време, ги одбележаа годините од 20 век во зоната на Егејското море. Работите отидоа најдалеку со кризата околу Кипар во јули 1974 година, кога полковниците од тогашната воена хунта во Атина, се обидоа, со помошта на една милитантната, националистичка кипарска организација, да извршат енозис (обединување) на островот со Грција.

Ситуацијата се најде на работ од избувнувањето грчко-турска војна, кога Турција ја искористи ситуацијата со пучот во Никозија и соборувањето на кипарскиот претседател, за да воено интервенира на островот, запоседнувајќи го северниот дел, каде доминантно население беа локалните Турци.

Но, на крајот, се заврши со пад на хунтата во Атина и со поделба на островот на грчки и турски, која трае веќе 45 години. Владата во Анкара, во меѓувреме, на турскиот дел прогласи “независна“ република Северен Кипар, која досега никој не ја призна, освен Турција, а на југот од островот остана Република Кипар, која од 2004 година е членка на ЕУ.

Хеликоптерот на Ципрас

Оттогаш работите околу грчко-турските “нерасчистени“ сметки околу Егејот се одржуваат под контрола, доколку не се смета по некој инцидент со влегување и излегување во грчкиот, или во турскиот воздушен простор, на воен авион од едната, или од другата страна, што одамна повеќе не е вест, ниту за медиумите во двете земји.

Деновиве, меѓутоа, европската јавност разбра за една “блиска средба “ на воените авиони од Грција и Турција, над водите од Егејското Море и тоа додека во таа зона се наоѓал и хеликоптерот со грчкиот премиер Алексис Ципрас.

Според информациите во атинските медиуми, Ципрас патувал кон островот Агатониси, сместен на крајниот исток од Егејот, во близината на грчко-турската поморска гранична линија и турскиот брег, за да присуствува на обележувањето на годишнината од грчкото востание против отоманското ропство во 1821 година.

На обраќањето пред луѓето на островот, грчкиот премиер објаснил дека турски воени авиони го присилиле хеликоптерот во кој се наоѓал, да лета ниско, додека грчките воени авиони не го пресретнале турскиот авион, за кој се тврди дека навлегол во грчкиот воздушен простор.

“Мојата порака после ова е дека таквите глупави акции се наполно бесмислени и претставуваат залудно трошење гориво (за авионите)“

…рекол Ципрас пред насобраните островјани од Агатониси. Блиската средба на грчките авиони Ф-16 и на турскиот авион се случила кога хеликоптерот со грчкиот премиер веќе бил шест километри оддалечен.

“Ревизија на Лозана“

Колку што се знае, турската страна нема реагирано во врска со случајот, но во Атина се верува дека инцидентот бил намерно предизвикан. Прво, поради поводот за кој Ципрас патувал од Атина на овој малечок остров, а второ, како уште еден пример дека во условите како е поставена морската граница меѓу двете земји, ваквите инциденти ќе се случуваат.

Тоа е дамнешно објаснување (и оправдување) на Анкара, која повремено, сака да го отвори “граничното прашање“ околу грчките острови, разместени во близината на турскиот брег.

Турција е во екот на предизборна кампања за локалните избори и претседателот Реџеп Таип Ердоган кој лично се вклучува во кампањата, настојува да го подигне моралот на своето гласачко тело со говори или тв настапи во кои треба да се истакне големината и моќта на Турција.

Минатата година тој беше во посета на Грција, прва по 65 години на еден шеф на турската држава, која меѓутоа, заврши со инцидент, откако Ердоган им порача на Грците дека можеби е време за да се преразгледа договорот од Лозана, од 1923 година. Токму со него е уредена границата на Егејот меѓу Турција и Грција со која островите покрај турскиот егејски брег остануваат дел од грчката државна територија.

Овој документ, всушност, претставува конечна спогодба меѓу сојузничките сили од Првата светска војна и тогашна Турција, откако турската република одбила да го прифати и да го потпише претходно склучениот договор од Севр меѓу овие две страни, од 1921 година.

Со лозанскиот договор, меѓудругото, турската страна се откажува од сите територии каде Турците не се доминантно население, а Грција морала да се повлече од градот Смирна, денес Измир на егејскиот брег, каде дотогаш имало бројна грчка и немуслиманска етничка заедница која не сакала да остане во рамките на Турција.

Аја Софија (пак) џамија?

Официјална Анкара, потоа, го остави настрана прашањето околу нејзиното старо незадоволство во врска со границата, покрај западниот егејски брег на Турција, за некоја друга прилика, кога тоа ќе притреба за домашните политички состојби.

Но, во ова време на предизборни активности, кога во овој дел од Европа, по правило, патриотските игри се на цена, зашто се верува дека може да им се продадат на гласачите и да се заработи некој поен, турскиот претседател (одново) се закани дека старовизантискиот храм Аја Софија, во Истанбул би можела да биде (уште еднаш) претворен во џамија.

Во едно предизборно интервју, Ердоган дури навести дека околу тоа би можело набргу да се донесе решение, можеби уште веднаш по изборите од 31 март.

Во кампањата тој настапува преку исламистички позиции, па така во една прилика ги има користено и веќе од секаде повлечените снимки од интернет на масакрот на белиот терорист од Нов Зеланд кој уби 50 муслимани во текот на молитва во две џамии во градот Крајстчрч.

Проценка е дека снимките што ги има направено самиот терорист, Ердоган ги користеше за да му покаже (на своето религиозно и конзервативно) гласачко тело за “силната исламофобија во светот“ (Западот) со кого инаку повремено влегува во јавни расправии.

По терористичкиот напад, турскиот претседател уште и ги заплашуваше своите гласачи дека Австралијанците и Новозеланѓаните (наводно) одново сакаат да го претворат Истанбул во Константинопол, што би се рекло во центар на христијанскиот свет.

Притоа, тој се има закането дека сите кои ќе се обидат тоа да го сторат, ќе бидат вратени назад, дома, во мртовечки сандаци! Грубата и неодмерена изјава била дадена во време на одбележувањето на годишнината од битката кај Галиполе, во првата светска војна, во која британските сили, потпомогнати од австралијански и новозеландски единици се тешко поразени од тогашната отоманска армија.

“Навреда за христијаните“

Се верува, затоа, дека покренувањето на прашањето околу судбината на Аја Софија, за тоа во неа да се извршуваат религиозни, муслимански обреди, како од пред повеќе од 80 години, е директно вклучена како една од предизборните теми за да Ердоган се прикаже како силно исламски определен политичар, чии амбиции не се само да се добијат (и овие) избори, туку и да се манифестирана општата загриженост за муслиманскиот свет, каде тој одамна настојува да биде еден од главните играчи.

На отворањето на приказната за Аја Софија веднаш реагираше официјална Атина. Во изјавата на грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос остро се критикуваат ваквите навестувања на турскиот претседател.

Според грчкиот министер, намерата црквата одново да стане џамија “не е само навредливо за христијаните, туку и за целата меѓународна заедница“.

Овој некогаш најголем црковен храм во Средниот век, што од 1453 година бил претворен во џамија, уште од 1935 година е само музеј, кого УНЕСКО го има означено како еден од најзначајните споменици на светското културно наследство.

Света Софија (Аја Софија), во тогашен Константинопол, прв пат е подигната уште во 537 година, а во џамија е претворена девет векови подоцна, кога отоманските освојувачи го имаат заземено градот. Новите управувачи, околу црквата подигнале четири минариња, во внатрешноста имаат внесено елементи типични за муслиманската религија, за нејзината нова функција, но целосно не го уништиле христијанскиот карактер на храмот, оставајќи некои од најголемите фрески.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе