Поврзете се со нас

Skopje Global

Сто години затвор за убијците на Чурувија

Западен Балкан

Сто години затвор за убијците на Чурувија

vchal/BigStock.com

Сто години затвор за убијците на Чурувија

Судот во Белград осуди четворица поранешни припадници на српската тајна служба на вкупно 100 години затвор, за организирање и извршување на убиството на белградскиот новинар Славко Чурувија, извршено уште пред рамно 20 години.

Во април 1999 година, тој беше убиен со дури 14 истрели во главата и во телото, пред влезот во својот дом.

Чурувија беше основач и главен уредник на првиот српски независен дневен весник „Дневен Телеграф“ како и на списанието „Европјанин“ и важеше за остар критичар на режимот на тогашниот српски претседател Слободан Милошевиќ.

Веднаш по бруталното убиство, властите ги згаснаа и весниците што овој новинар ги издаваше, кои важеа за единствениот критичен глас во државата која тогаш се уште се нарекуваше Југославија.

Двајца од обвинетите добија секој по 30 години затвор, додека другите двајца, по 20 години.

Во пресудата на судот уште се вели дека убиствата биле извршени по наредба на “непознато лице“. Но семејството на убиениот и во времето на убиството, а и сега се уверени дека убиството било нарачано од тогашниот српски “вожд“ Милошевиќ кој во 2006 година почина во затворот во Хаг, каде му се судеше за воените злосторства извршени на територијата на поранешната федерална држава.

Чурувија беше единствениот што пишуваше, а неговите весници тоа го објавуваа за тогашната ситуација во и околу Косово, како и за политичките затвореници уапсени од режимот во тоа време. За таквите текстови беше остро критикуван од власта во Белград и беше цел на постојани напади од режимските весници и медиумите воопшто, па сведоци од тие години, денес велат дека буквално бил ставен “за отстрел“ во јавноста во Србија.

Некои сведоци на судењето, уште во претходната постапка, имаат изјавувано дека за тајната служба и за целата власт, новинарот бил означен како “државен непријател број еден“.

…но според сегашните белградски медиуми кои известуваа за судењето, судот не ги прифатил ваквите изјави, иако за тоа се нуделе и тонски снимки.

Новинарот Чурувија беше убиени само неколку денови откако режимските медиуми на Милошевиќ, почнаа жестока кампања против него и неговото пишување, лажно обвинувајќи го дека тој го подржува тогашното бомбардирање на Белград и делови на Србија од страна на силите на НАТО, кои интервенираа на овој начин во обидот да се запре српската офанзива на Косово, во која страдаа многу цивили.

Првиот обвинет Радомир Марковиќ кој сега доби 30 годишна затворска казна, веќе отслужува казна од 40 години за неколку кривични дела како шеф на тајната служба

…меѓу кои и за убиството на поранешниот српски претседател Иван Стамболиќ, чие тело беше пронајдено во 2003 година, откако беше прогласен за исчезнат три години пред тоа.

Другите двајца осудени за убиството на Чурувија, кои добија по 20 години затвор, исто така, издржуваат затворски казни за обидот да биде ликвидиран опозицискиот политичар Вук Драшковиќ.

Блиските на Славко Чурувија изјавиле за белградските медиуми дека не се задоволни од пресудите, пред се, затоа што судот не открива кој стои зад ликвидацијата на новинарот, кој донел наредба и колкумина знаеле што му се спрема на човекот чија единствена вина беше што ја зборуваше вистината за тогашниот режим.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе