Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Меј: Без компромис може и да нема Брегзит

melis/BigStock.com & palinchak/BigStock.com & wfpa/BigStock.com

Меј: Без компромис може и да нема Брегзит

Немаше друг избор во даденава ситуација (со хаосот околу Брегзит), освен да и пријдам на опозицијата и да отворам дијалог со лидерот на лабуристите, Џереми Корбин

…призна британскиот премиер Тереза Меј, откако ваквата одлука на Даунинг стрит 10, предизвика гневна реакција на десничарите во нејзината Конзервативна партија која е најголемата партија во Долниот дом на Вестминстер.

Овој чекор на премиерот и лидер на конзервативците уследи по низата неуспешни гласања и бројните, сите до една, отфрлени иницијативи во Парламентот во врска со веќе постигнатиот договор на Меј со ЕУ за Брегзит.

Земјите членки го усвоија, но британскиот Парламент одбива тоа да го направи, главно, поради политикански игри на двете главни партии, но пред се, поради ароганцијата на тврдите брегзитери меѓу ториевците кои сакаат да се напушти ЕУ, а Британија да се раздели од досегашното друштво и како “жртва“ и како победник.

Од ноември минатата година, кога договорот беше направен и за кој независни експерти уверуваат дека тој е добар документ и е посебно поволен за Британците, Меј никако не успева да воспостави контрола врз својата партија и да ги натера да гласаат за него.

Таа на двапати издржа гласање за доверба во партијата, но кога станува збор за Брегзит, играта ја водат други – тврдите брегзитери, собрани околу поранешниот шеф на дипломатијата Борис Џонсон, главен претендент за лидерската позиција на ториевците и неговите се побројни истомисленици.

Тие меѓутоа, не сакаат сега да ја тргнат Меј од премиерската позиција, настојувајќи таа прво да им ја заврши работата околу Брегзит.

Меј им врти грб на своите

Во такви услови, таа одлучи да им сврти грб и сега поддршка за Брегзит да бара од лабуристите и целата опозиција, како и од оние конзервативци кои беа против излегувањето од ЕУ и од оние кои инсистираат тоа да се направи само со договор.

Поддршката од ториевците, останува, неопходна, но со одлуката да и пријде на опозицијата за помош, Меј испрати двојна порака. Јавно ги прекори нејзините сопартијци и испрати порака до британската јавност дека работата околу излегувањето од ЕУ, сепак, не може да им се остави само на раскараните конзервативци.

Проблемот за неа е што ниту лабуристите, а пред се, лидерот Џереми Корбин не се искрени во целото ова неколкумесечно пазарење. Неговата намера од Брегзит е конзервативците да излезат поразени, Меј да биде тргната од функцијата, а земјата да има предвремени избори на кои тој верува дека, би можел да победи, иако сите анкети не му даваат за право.

Но, во сегашната хаотична ситуација и во временскиот теснец во кој се наоѓа земјата, преговорите на Меј и Корбин продолжуваат, особено што сега Брисел и ЕУ го условуваат Лондон со успехот на нивниот дијалог.

Ново одлагање?

Според првичниот план, направен уште пред повеќе од две години, Британија требаше да се повлече од Унијата на 29 март, на полноќ.

Но претходно, Британците побараа одлагање на нивниот Брегзит, за да не се случи да си заминат без договор за “развод“. Брисел прифати заминувањето да се одложи до 22 мај, непосредно пред европските парламентарни избори, под услов, до 12 април Парламентот во Лондон да го ратификува договорениот договор.

Кога стана јасно дека ниту тој рок не може да се задоволи, а Британците се на пат да ја напуштат Унијата без спогодба, Меј побара уште едно продолжување – сега до крајот на јуни, иако Брисел предупредуваше дека Британија не може да биде дел од ЕУ, а пред тоа да нема организирано евроизбори, што тврдите брегзитери категорично го одбиваат.

Претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, со право, изјави дека на Брисел и на ЕУ веќе им е преку глава од Британците и нивниот Брегзит, а францускиот претседател Емануел Макрон рече дека ЕУ не може да остане заробеник на британското излегување.

Европскиот Совет, сепак, закажа нов Самит на ЕУ, за Британија, на 10 април, а Меј од Лондон порачува дека ќе бара итни средби со германскиот канцелар Ангела Меркел и со Макрон, предупредувајќи ги своите дома, дека ако не се успее ни со сегашните меѓупартиски преговори, Британија “ризикува Брегзит да им се лизне од рака“.

“Ултимативен“ компромис

Гувернерот на Банката на Англија (која ја има улогата на Централна банка во Британија) одново предупреди на “тешките и непредвидливи последици“ од излегување од ЕУ без договор, а еврокомесарот за земјоделство (од Ирска) Фил Хоган порача дека таквиот чекор на Лондон “едноставно, е будалеста и неодговорна работа“.

Во десничарскиот табор на конзервативците, меѓутоа, засега, нема знаци дека нешто се менува.

Таму се уште има пратеници и функционери во владата кои велат дека е подобро и без договор, отколку со овој што го има постигнато Меј

Според Борис Џонсон, постигнатиот договор бил “закана за бесконечно останување“ на Британија во ЕУ.

Еврокомесарот Хоган, сепак, верува во успех на преговорите на Меј со Корбин кој наеднаш стана “кинг-мејкер“ во бегзитерскиот хаос, гледајќи можност да се рехабилитира себе си за погрешните потези кои ги влече уште од пред референдумскоти изјаснување.

На ден пред Самитот на ЕУ, се огласи и главниот европски преговарач Мишел Барније кој (за прв пат) навести можност од компромис, откривајќи дека постои можност за “менување на текстот на договорот што се однесува на идните односи меѓу Британија и ЕУ“, доколку се постигне договор меѓу Меј и Корбин.

“Текстот може да биде подобрен и дополнет. Тоа е единствената работа за која се уште можеме да преговараме. За корекцијата се потребни неколку недели и ние (ЕУ) би можеле да прифатиме, ако Тереза Меј постигне компромис со Корбин“

…рекол Барније. Излегува дека еден британски премиер сега се соочува да прави “ултимативен“ компромис – на кој очигледно инсистира Брисел – за да се спасува Брегзит, со што таа и се согласува, знаејќи дека тоа ќе и биде последната работа во политичката кариера.

(Д.Л.)

Извештај од Лондон

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе