Поврзете се со нас

Skopje Global

Арчи – осмиот правнук на Елизабета

Брифинг/Weekly

Арчи – осмиот правнук на Елизабета

hadrian/Bigstock.com

Арчи – осмиот правнук на Елизабета

Британскиот принц Хари и неговата сопруга Меган Маркл, кои по венчавката пред една година ги носат тутулите војводата и војводката од Сасекс, добија син кој според монархистичкиот ред , веднаш по раѓањето, стана седмиот претендент на британскиот престол.

Пред него се дедото, престолонаследникот Чарлс, принцот Вилијам, сега војвода од Кембриџ, првиот син од бракот на Чарлс и сега покојната принцеза Дијана, па потоа како претенденти се трите деца на Вилијам и Кетрин ( Кејт) Мидлтон, сега војводка од Кембриџ, па принцот Хари, помлад брат на Вилијам и седмиот во тој ред е штотуку родениот син на Хари и Меган. Тој во исто време стана и осмиот правнук на британската кралица Елизабета Втора.

Младите родители одлучија нивното прво дете и потенцијален претендент на престолот,  да го носи името Арчи Харисон Маунтбатен-Виндзор, што е невообичаено име за деца родени во британското кралско семејство. Хари и Меган , освен тоа, направија претходно уште еден „ прекршок“ во долгата традиција на семејството, одлучувајќи да не и го прикажат на јавноста своето новороденче, веднаш при излегувањето на мајката од болницата, каде таа се породи, туку два дена подоцна, во замокот во Виндзор.

Тогаш кралицата (93) и нејзиниот сопруг, принцот Филип (98) за прв пат го видоа и својот најнов и најмлад правнук, примајќи ги во резиденцијата во замокот и родителите – Хари и Меган, како и нејзината мајка, која допатува од САД. Мајката на Хари , принцезата Дијана, своите два сина ги прикажа во јавноста на излезот од породилиштето, а тоа го направи и Кејт Мидлтон со своите три деца.

Во британската јавност се верува дека иницијатор за отстапувањата од вообичаениот ред во кралското семејство е Хари, вториот син на Чарлс и Дијана, познат уште како малечок како „немирко“ во семејството. Околу него , повремено, се јавуваа проблеми и при школувањето, а и подоцна кога со своето друштво ги посетуваше лондонските ноќни клубови, како и кога замина војник во Авганистан, во најопасната провинција Хелманд, како пилот на борбен хеликоптер. Наместо бројните можности за брак со некоја од европските принцези, тој ја одбра за своја сопруга Меган Маркл, Американка од полу-афроамериканско потекло, поранешна актерка и еднаш разведена.

Во еден период, во време додека Меган беше бремена, лондонските таблоиди се нафрлија врз неа, откривајќи детали од нејзиниот приватен живот, поврзани за таткото кој не ни присуствуваше на венчавката на ќерката. Други правеа сплетки за тоа дека таа нема добри односи со инаку, во јавноста, популарната и омилена Кејт Мидлтон, идната британска кралица, обвинувајќи ја војводката од Сасекс дека ги раскарува меѓусебе членовите на кралското семејство.

Таквите пишувања запреа откако американската филмска ѕвезда Џорџ Клуни јавно повика да се престане со таквото прогнување на Меган. „Таквите работи се случуваа со принцезата Дијана (мајката на Хари) и знаеме како сето тоа заврши“- рече тогаш Клуни.

Бекам шест месеци без возачка дозвола

Дејвид Бекам (43) прославената ѕвезда на англискиот и светскиот фудбал  е казнет од судот во Лондон со шест месеци забрана за возење автомобил. Освен одземената возачка дозвола, тој ке мора да плати и парична казна од 750 фунти и да ги плати судските трошоци. Бекам е казнет затоа што зборувал на мобилен телефон, додека со својот „ Бентли“ се возел низ улиците на центарот на британскиот главен град.

Строгата казна уследила затоа што станува збор за повторен престап, бидејќи и претходно  бил фатен од сообраќајната полиција како зборува на мобилка и вози. Тогаш му биле само одземени шест казнени поени од вкупно 12 колку што годишно може да „потрошат“ британските возачи за разни сообраќајни прекршоци.

На судењето Бекам ја признал вината. Обвинителството, како доказ за вината на некогашниот фудбалер ја приложило фотографијата, што со својот мобилен телефон ја направил некој граѓанин кој го „уловил“ Бекам како вози и зборува по телефон.

Заробени среде Јадранско Море во расипан ферибот

Околу 350 лица останаа заробени во ферибот, на средината на Јадранското Море и по големо невреме, откако откажал еден од моторите на бродот.

Откако посадата не можела да го поправи дефектот, побарале помош од хрватската крајбрежна стража која им испратила еден брод за влечење. Но , поради силниот ветер и брановите кои достигнувале и до пет метри, ниту бродот-теглач не можел да го извлече расипаниот ферибот, па сите заглавиле на околу пет километри од хрватските Корнатски острови.

Од пристаништето Сплит, тогаш, биле испратени два други и помоќни брода за да ги извлечат заробените пловила, а почнала и операција за спасување на патниците. Како што јавуваат хрватските медиуми никој во овој поморски инцидент не настрадал.

Фериботот кој редовно вози меѓу италијанскиот  и хрватскот брег, тргнал од Анкона кон Сплит, со 250 патници, 93 членови на екипажот и 50 возила.

Казна до 2500 евра за невакцинирано дете

Германската влада соопшти дека по забрзана постапка подготвува закон,  според кој со висока парична казна ќе се казнувааат родителите кои нема да ги вакцинираат своите деца, посебно кога станува збор за морбилите. Законот предвидува казна и до 2500 евра и забрана за присуство на невакцинираното дете во училиште, или во некоја претшколска установа.

Ваквото решение доаѓа по раширувањето на опасните морбили низ Европа и светот, посено во САД, како последица на одбивањето на дел од родителите да ги вакцинираат своите деца. Закон со високи казни веќе донесоа и во Италија, претседателот на САД Доналд Трамп нареди задолжително вакцинирање на сите деца, а државата и градот Њујорк, воведоа високи парични казни за несовесните родители. Во оваа сојузна држава, посебно во делови од градот, избувна епидемија од морбили, а главната жртва на оваа опасна заразна болест се невакцинираните деца.

Владите низ светот почнаа со казнување на родителите, откако Светската здравствена организацја (СЗО) предупреди на забрзаното ширење на морбилите, иако се мислеше дека болеста е искоренета. Вината за невакцинирањето се припишува на раширената, неточна информација дека вакцината предизвикува појава на аутизам кај малите деца. Според СЗО таквото тврдење е сосема погрешно, објаснувајќи дека во ниту еден анализиран случај (а се правени илјадници испитувања)  не е докажана поврзаноста меѓу вакцинирањето и аутизмот што, инаку, е генетско заболување.

 

 

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе