Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Салвини ултра-десничар со руски пари?

antonionardelli/BigStock.com

Салвини ултра-десничар со руски пари?

Италијанскиот ултра-десничар, националист и популист Матео Салвини, лидер на партијата Лига кој е и прв потпретседател на владата во Рим, се соочува со официјална судска истрага, осомничен за меѓународна корупција, откако во медиумите беше објавено дека има побарано и примено пари од Русија за финансирање на својата партија која во италијанската и европската јавност „продава“ тврд евроскептицизам.

Салвини не крие дека рускиот претседател Владимир Путин му е омилен политичар (не објаснува зошто), се има сликано со маичка со ликот на “господарот од Кремљ“ и навива за тоа ЕУ да ги укине санкциите кон Москва и да го претвори Путин од противник, во свој партнер, но во овој случај демантира дека примал руски пари за неговата Лига. “Немам примено ниту цент, па ниту шише со вотка од Русија“- им изјавил Салвини на италијанските новинари, заканувајќи им се, во свој стил, на сите кои се сомневаат во неговата искреност.

Приказната за тајната врска на Лига со Москва, не е од скоро и не е од еден извор и еден медиум.

Тајни средби во хотел во Москва

Угледниот италијански неделник “Еспресо“ уште во февруари годинава, откри дека поранешниот портпарол на партијата на Салвини и негов близок сојузник, Џанлука Савоини, во октомври 2018 година, имал тајни средби и разговори со руски деловни луѓе, околу постигнување договор за продавање руска нафта за Италија, на тој начин што зделката би служела како параван за прикривање на трансферот на руски пари во касата на партијата Лига.

Американската интернет страница „Базфид“ (Buzzfeed) во меѓувреме објави и аудио снимка на која се слуша како овој соработник на Салвини преговара со петмина мажи за тоа како да се префрлат де десетици милиони долари од руската нафта за италијанската десничарска партија, што таа би ги користела за јакнење на својата позиција на политичката сцена во Италија и за “билдање“ на нејзиниот рејтинг, пред изборите за европскиот Парламент.

Според „Базфид“ разговорите биле водени во хотел во Москва и со нив требало да се обезбеди една руска нафтена компанија, во текот на една година, да и продаде три тони (!?) нафта на италијанскиот гигант „ЕНИ“ за износ од 1,5 милијарди долари. Од тонскиот запис се открива дека на тој состанок, на кој бил советникот на Салвини, заедно со други двајца Италијанци, како и тројца неидентификувани Руси, станало збор за техниката, за тоа како дел од парите од оваа трговско-политичка зделка да завршат во касата на оваа крајно-десничарска италијанска партија.

Судска истрага

Пишувањата на медиумите за тоа дека партијата Лига, барала и добила милиони пари за свои партиски потреби од зделката со руска нафта за италијанскиот нафтен гигант ЕНИ, ги отфрла и другарот на Салвини, но италијански суд нареди истрага за сите наведени наоди, означувајќи го целиот предмет како “случај на меѓународна корупција“.

Италијанската опозиција побара детална судска и парламентарна истрага, а случајот со еден од вицепремиерите на владата во Рим, го поистоветува со скандалот во Австрија во кој настрада Ханс Крисијан Страхе. Вицеканцеларот во владата на поранешниот премиер Себастијан Курц, поднесе оставка откако беше емитуван тајно снимениот материјал за неговата тајна средба со една Русинка, бизнисмен, во Шпанија, на која и нуди да го купи виенскиот весник “Кронен Цајтунг“ кој би требало да ја смени својата уредувачка политика и да стане силен поддржувач на крајнодесничарската Слободарска партија.

Весникот со руските пари требало да му помогне на Страхе, како лидер на крајната десница да добие рејтинг од над 33 отсто, што според него би му помогнало да победи на првите следни парламентарни избори. А кога крајната десница би создала влада, тогаш ќе им врати на Русите да добијат низа зделки, како и тендерите на владата за градежни проекти во Австрија.

Страхе и Салвини

Австрискиот скандал заврши со оставка на Страхе, но и со демонстративна оставка на сите министри од Слободарската партија, па Курц распиша предвремени избори, откако се растури колаицијата на неговата десноцентристичка партија со крајната десница. Австриските гласачи, меѓутоа, на европските избори му дадоа поддршка на Курц и на неговата партија која победи, додека Слободарската партија загуби десет отсто од гласовите што ги имаше освоено на претходните избори за Парламентот во Виена, благодарејќи на антимигрантската реторика, национализмот и ксенофобијата.

Москва ги отфрли обвинувањето дека е вмешана во скандалот со Страхе, како што се прави “невина“ и за случајот со Салвини, но каков и да биде епилогот во руската вмешаност во Италија, од порано е познато дека Кремљ ги подржува сите европски партии на крајната десница, политички и материјално, посебно оние кои се декларираат како евроскептични и заговараат растурање на ЕУ онаква каква што е таа денеска.

Крајната десница во служба Русија

Многу лидери на крајната десница како Французинката Марин Ле Пен биле гости во Москва и имале средби со рускиот претседател Владимир Путин. Европските медиуми ја обвинуваат Ле Пен дека има примени руски пари за својата изборна кампања во Франција, префрлани преку чешки банки. Таа, како и сите лидери од европската крајна десница ги отфрлаат обвинувањата дека се дел од рускиот план за слабеење на ЕУ, за слабеење на нејзиното единство и на заедничката европска политика, но без разлика на демантирањето, сите тие со своето дејствување во земјите каде егзистираат, практично, им служат само на интересите на Москва.

Што се однесува на Италија, мешањето на Кремљ на италијанската политичка сцена не е новина, туку само продолжување на некогашната стратегија на Советскиот Сојуз и тогашниот КГБ, за дестабилизација на оваа земја, финансирајќи делови од тогашната насилничка, крајна левица.

Пратениците на италијанската Демократска партија, затоа, побараа од Сенатот на Италија да му “суди“ на Салвини, но претседателот на Горниот дом, инаку од редовите на Форца Италија на Силвио Берлускони, го отфрли таквото барање. Берлускони кој сега е европратеник, важеше за пријател на Путин, а овој еднаш го посети додека поранешниот италијански премиер беше во домашен притвор.

(Д.И.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе