Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Гигантскиот чекор на човештвото

Гигантскиот чекор на човештвото

Половина век измина откако човечка нога за прв пат стапна на површината на Месечината и откако луѓето се истоварија на некое од небеските тела, надвор од Земјата, шетајќи и истражувајќи го тлото на најблиското до нас тело, што секоја вечер можеме да го гледаме неговиот сјај.

Беше тоа вистински гигантски чекор за целото човештво, што само десетина години пред тоа не можеше ниту да се замисли, освен во романите и филмовите од научната фантастика. Беше тоа триумф на науката и на технологијата, особено што пред 50 години, тие беа далеку поинфериорни отколку што се денес.

На 16 јули 1969 година, тројцата американски астронаути – Нил Армстронг, Едвин “Баз“ Олдрин и Мајкл Колинс, во вселенскиот брод „Аполо 11“, од вселенскиот центар „Кенеди“, блиску до ртот Канаверал во Флорида, беа лансирани во вселената, во една историска мисија – да стигнат до Месечината, да се спуштат на нејзината површина, да престојуваат таму извесно време и потоа да се вратат на Земјата.

Четири денови подоцна, на 20 јули, во 18,18 часот по средноевропско време, Армстронг и Олдрин со помош на модулот “Игл“ (Орел) се спуштија на месечевата површина, следени од вџашените погледи на повеќе од 600 милиони телевизиски гледачи низ целиот свет, додека Колинс во командниот модул орбитираше околу Месечината, очекувајќи го враќањето на неговите другари.

Рачно спуштање

Во сложената операција на спуштањето на “Игл” Армстронг, буквално има импровизирано со леталото, спуштајќи го со рачни команди на месечевата површина, во реонот познат како „Море на мирот“ успевајќи притоа да ги избегне многубројните карпи и да спречи, евентуално, превртување на модулот.

Дури после шест часови и детални проверки на членовите од посадата на „Игл“ и на научниците на вселенскиот центар во Хјустон, беше дозволено Армстронг да излезе од модулот и стапнувајќи на Месечината, како првиот земјанин, да ги изрече сега веќе историските зборови- Ова е мал чекор за еден човек, но гигантски за човештвото.

Тој и Баз Олдрин, на Месечината останаа 22 часови. При враќањето, забележувајќи дека имаат потрошено повеќе гориво, на месечевата површина имаат оставено се што не им било потребно при враќањето- американските знамиња, специјалните чизми, камерите, четири уреди за фекалии, како и скаличките по кои, прво Армстронг, а потоа и Олдрин се спуштија на Месечината.

На Земјата се вратија како вистински херои

Армстронг почина во 2012 година, како резултат на кризата која настанала после извршената операција на срцето. Но Баз Олдрин и Мајкл Колинс се живи и обајцата имаат по 89 години, па заедно со двата сина на командантот на мисијата „Аполо 11“, Нил Армстронг, беа примени во Белата куќа во чест на 50 годишнината од нивната историска мисија.

„Светот на прозорецот“

Олдрин сега воодушевено зборува дека луѓето шетаа по Месечината пред половина век, кога технологијата не беше на нивото на сегашната, што за него претставува гигантско постигнување, особено што дури сега, во САД одново се размислува за обнова на летовите кон Месечината и за испраќање нова група астронаути.

Можеби и со испраќање на првата жена-астронаут, на истиот пат кој го помина Армстронг, со другарите. Олдрин смета дека кога тоа ќе се случи, сите сознанија и постигнувања од Аполо 11, ќе имаат круцијално значење.

Колинс, меѓутоа, е повеќе поетичен во елаборацијата на нивниот лет од пред половина век, па за американските медиуми изјави: “Месечината одблиску го остава човекот без здив, но она што не можам да го заборавам е погледот на “шарената“ топка, или на „сината џамлија“ – Земјата, како изгрева на месечевиот хоризонт“.

-Беше сина, бела, многу светла, речиси светлечка. На неа се гледаа синилата на океаните, белината на облаците што ја прекриваа во еден нејзин дел, контурите на континентите. Тоа беше поглед кон една убава и светла честичка која доминираше врз црнилото и темнината на вселената над која доминираше- восхитено зборува Колинс, човекот што стигна до Месечината, но не се спушти на нејзината површина. Присетувајќи се на тие моменти од мисијата, тој раскажува како на луѓето во центарот во Хјустон им порачал – „Еј, Хјустон, го имам светот на прозорецот“!

Трка во вселената на САД и СССР

По нив, уште пет други посади од програмата „Аполо“ се спуштија и престојуваа на месечевата површина. Вкупно 12 астронаути шетаа по Месечината, меѓу јули 1969 и декември 1972 година, кога за последен пат, еден земјанин по прошетката и спроведените експерименти, се врати на Земјата. Научниците велат дека сите тие имаат направено исклучително многу, затоа што секоја следна мисија, по првата со „Аполо 11“, имаше друга цел и спроведуваше други задачи.

Сите заедно имаат извршено над 50 експерименти врз површината на Месечината, имаат собрано 382 кг месечеви карпи и камења, како научни примероци за разните истражувања што беа правени подоцна во лабораториите на Земјата, иако од тогаш, сега се спроведува само уште еден експеримент.

А, се почна на 13 септември 1959 година, кога советската сонда „Луна 2“ се урна на месечевата површина, во реонот наречен “Море Имбриум“. СССР, потоа, испрати кон земјиниот сателит низа меѓупланетарни сонди. Потоа се вклучија Американците со своите програми „Ренџер“ и „Сарвејер“. Десет години подоцна, на Месечината стигнаа првите луѓе. Беше тоа триумф на САД врз тогашниот Советски Сојуз, во вселенската трка што се наметна на почетокот од шеесеттите години на 20 век. Откако Советите први лансираа сателит во вселената, а потоа и први испратија човек во вселената, Јуриј Гагарин.

Американците тогаш покренаа еден огромен, мошне амбициозен и скап проект- за испраќање луѓе на Месечината. Проектот го лансираше претседателот Џон Кенеди во 1961 година, кој во тие години на Студената војна им порача на луѓето во САД и на светот дека не може да се дозволи ноќе да ги осветлува „црвена“, што ќе рече, комунистичка Месечина. Големи пари беа вложени во проектот што ангажираше десетици илјади луѓе- научници, инженери и техничари, пилоти, од кои се правеше селекција на идните астронаути- прво, за да се достигне СССР, а потоа и да се надмине, што на крајот и се успеа.

Победа на Американците

Во секој случај, испраќањето луѓе кон Месечината и нивното безбедно враќање, беше огромен технички и технолошки успех, но и голема дипломатска и политичка победа на САД, во времето кога двете големи супер-сили се натпреваруваа на секое поле, низ целиот свет. Според проценките што сега се направени, се смета дека проектот „Аполо“ по вложените пари и извршената работа, може да се спореди само со изградбата на Панамскиот канал, или на проектот “Менхетн“.

Во Москва никогаш не признаа дека се поразени, но по спуштањето на Армстронг и Олдрин, со нивниот лунарен модул, Советскиот Сојуз се откажа од вселенската трка, така како што се водеше во тоа време и од испраќањето своја мисија на Месечината. Едноставно, не сакаа да бидат втори, особено што Американците, охрабрени од успехот на „Аполо 11“ испратија уште десетмина други “шетачи“ по месечевата површина. Само мисијата „Аполо 13“ не успеа, поради хаварија во текот на летот, па голем успех беше безбедното враќање на Земјата на тројцата астронаути.

Последниот лет од програмата „Аполо“ беше изведена на крајот од 1972 година, кога на Месечината се спуштија Харисон Шмит, инаку единствен од сите научник-геолог и Јуџин Сернин. Тие двајцата останаа и најдолго- три денови на Месечината, па во тоа време малкумина веруваа дека од тогаш, па се до денес летовите до најблиското небеско тело до Земјата, практично, трајно ќе бидат прекинати.

Москва не го признава поразот

Во САД тоа се објаснува со неколку причини. Прво, тоа е времето на длабока политичка и економска криза во земјата, која повеќе не можеше да издвојува многу пари за вселенската програма и за патување кон Месечината кое во тамошната јавност веќе не беше предизвик.

На јавноста и беше доволно што Советскиот Сојуз беше поразен, Месечината стана “американска“, па во разни анкети правени седумдесеттите години од 20 век, обичните Американци на НАСА и на давањето средства за истражувањата во вселената, гледаа само како на расфрлање со парите.

Особено што војната во Виетнам која беше во најжестоката фаза, ги чинеше Американците и многу пари и загубени животи. Конечно, американската економија западна во криза, па на Месечината се помалку се размислуваше, уште повеќе што од тие летови не се утврди дека би можело нешто и да се заработува.

Како и да е, целиот свет го одбележи 20 јули 1969 година не само како успех на Америка, туку како гигантско постигнување за човештвото, онака како што пред половина век, од “Морето на мирот“, на Месечината тоа го порача Нил Армстронг.

Исклучок е само денешна Русија која не отиде подалеку од некогашниот СССР, во негирањето на триумфот на САД во вселената. Руските медиуми, не само што не ја одбележуваа годишнината од „Аполо 11“ како успех на науката и технологијата, туку целата мисија и потфатот на американските астронаути го исмеваа. Го нарекуваа “Холивудски приказни“ потхранувајќи ја приказната дека Американците и не се спуштиле на Месечината, туку дека сето тоа е само студиски, холивудски трик.

И после 50 години и после смената на политичкиот систем, Москва и Русија и понатаму не може да признаат дека во вселенската трка за Месечината – доживеаја голем пораз. Не успеаја да одговорат на американскиот предизвик, на технолошки и на технички план, а немаа ниту толку многу пари за да победат.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе