Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

Принц Хари: Британците се несвесни расисти

ACHPF/BigStock.com

Принц Хари: Британците се несвесни расисти

Британскиот принц Хари кој сега ја носи титулата војвода од Сасекс, предизвика бранување во домашната јавност откако отворена укажа на постоењето на расизмот во британското општество, како и дека „Британците не се свесни за предрасудите” кои ги носат со себе, или кои ги има околу нив.

Во едно исклучително отворено и искрено интервју за септемвриското издание на британското списание „Вог“, разговарајќи со конзерваторот Џејн Гудел, Хари зборува за прикриените предрасуди кои ги имаат луѓето, кои според принцот водат кон расистичко однесување.

Тој предупредува дека предрасудите потоа продолжуваат понатаму, пренесувајќи се од родителите на децата, минувајќи така цели генерации луѓе опфатени со омразата и нетолеранцијата.

Одбрана на Меган

Како ретко кој досега во Велика Британија, а посебно некој меѓу членовите на најтесниот дел на британското кралско семејство, Хари укажува дека луѓето во Британија честопати реагираат, или се однесуваат како расисти, а да не се ниту свесни за тоа што го носат во себе. При тоа, како што забележа еден лондонски весник, младиот принц-војвода ги повикува Британците и целата домашната јавност да се разбудат и да се погледнат и преиспитаат.

Неговите ставови во интервјуто, ги пренесоа сите лондонски весници, давајќи му силен публицитет на предупредувањето дека “домашните луѓе се укотвени во своите расистички погледи“ кои повремено излегуваат на површината, а тогаш сите се прават како да се изненадени.

Никој не го осудува за ваквите остри зборови, упатени на сметка на Британците и домашната јавност, но некои од таблоидите таквата реакција на Хари ја објаснуваат со неговиот гнев и лутина, поради односот на дел од истата таа јавност кон неговата сопруга Меган Маркл, сега војвотка од Сасекс. Таблоидот “Дејли Експрес“ во интервјуто гледа “жестока одбрана“ на принцот на неговата сопруга, која е од мешовито расно потекло.

Меган Маркл (37), Американка, поранешна актерка, во мај минатата година се омажи за Хари, а во мај годинава тие го добија своето прво дете, малиот Арчи. Мајката на Меган е афро-американка, а во месеците додека сопругата на принцот Хари беше бремена во дел од британската јавност беше покрената силна, непримерна и невкусна кампања против војвотката од Сасекс. Таа беше обвинувана за наводно создавање “лоша атмосфера“ во кралското семејство, за непочитување на кралскиот протокол и за незнаење да се облекува и однесува, наспроти сопругата на братот на Хари, Кетрин Мидлтон.

Расистичка кампања

Работите отидоа толку далеку што се огласи еден американски универзитетски професор со јавен прекор за јавноста во Британија, обвинувајќи дека Меган е на удар само затоа што “не е белкиња“. Некои медиуми осврнувајќи се на интервјуто на Хари, сега признаваат дека во нападите кон неговата сопруга, посебно на социјалните мрежи, навистина имало многу расизам.

Брачната двојка, во меѓувреме, одлучи да ја напушти Кенсингтонската палата во која досега живееја заедно со постариот брат на Хари, принцот Вилијам и неговото семејство, за да се преселат во една куќа во Виндзор во околината на Лондон, на кралскиот имот на неговата баба, кралицата Елизабета.

Хари и Меган, освен тоа, одбија да го прикажат своето новородено дете пред болницата, како што е традиција во кралското семејство. Тоа сега се толкува како нивна реакција на “расистичката“ кампања против Меган, пред породувањето, верувајќи дека во случајот со нивното дете, јавноста не ја интересира толку раѓањето на седмиот во редот на претендентите на британскиот престол, туку каква е бојата на неговата кожа.

Интервјуто на Хари се наоѓа во „Вог“ чиј септемвриски број како гостин-уредник го има подготвувано неговата сопруга, Меган Маркл. Таа има направено специјално интервју со Мишел Обама, сопруга на поранешниот претседател на САД, Барак Обама.
Хари е шестиот во редот на претендентите на британскиот трон, по неговиот татко, престолонаследникот Чарлс, братот Вилијам и неговите три деца.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе