Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Политички игри, победници и квислинзи

Kamila Koziol/BigStock.com

Политички игри, победници и квислинзи

Полска ја одбележа годишнината од нападот на нацистичка Германија врз нејзината територија и 80 годишната од почетокот на Втората светска војна, онака како што тоа не требаше да се случи.

Во атмосфера на политички игри и за потребите на актуелната десничарска и националистичка влада, која се подготвува за парламентарните избори, следниот месец, што придонесе овој историски настан кој не е само полски – затоа што е дел и од историјата на Европа и затоа што го означува почетокот на досега најголемата и најкрвавата светска војна- да биде маргинализиран и сведен на задоволување на интересите на сегашната власт во Варшава.

Почна со префрлањето на ова одбележување од Гдањск, каде досега редовно се одржуваше, во Варшава, само затоа што локалната власт во главното полско пристаниште е под контрола на полската опозиција, а продолжи со извртениот список на гостите – политичките лидери од Европа и светот – во кои земјите-победнички над нацизмот и фашизмот во последната светска војна, практично, беа потиснати од земјите кои во таа војна војуваа против слободниот свет и кои воспоставија квислиншки режими на својата територија кои соработува со германскиот нацизам.

Потиснување на Путин

Главни гости требаше да бидат германскиот претседател Валтер Штанмајер и американскиот Доналд Трамп кои заедно со домаќинот, полскиот претседател Анджеј Дуда требаше да ги одржат пригодните говори. Но, меѓу гостите ги немаше Русија и нејзиниот претседател Владимир Путин. Немаше никакво објаснување за тоа, но европските медиуми открија дека целата мешаница со поканите била направена само за да се најде изговор за непоканувањето на рускиот претседател.

Секако тука има многу историски фрустрации меѓу двете земји и нивните народи низ минатото, па и на почетокот од војната чија 80 годишнина се одбележуваше. Поради апсурдниот договор меѓу Хитлер и Сталин и германско-советската поделба и окупација на Полска, во септември 1939 година, па преку масакрот врз полските офицери во Катинската шума, што го има извршено советската армија и времето комунизмот под советска контрола, во годините на поделена Европа, се до сегашното остро полско спротивставување на најновите руски потези во Украина, со анексијата на Крим и интервенцијата во Донецк и Луганск, на што во Варшава се гледа и како на закана за полската безбедност.

Пактирање со Хитлер

Путин (како премиер) беше почесен гостин во Гдањск, на 70 годишнината од почетокот на Втората светска војна. Тој го има осудено договорот на Москва со нацистичка Германија и тогаш има побарано и другите во Европа да ги осудат своите гревови од минатото и правењето пактови со Хитлер. Меѓу 1934 и 1939 година, има бројни примери за обиди на европските држави да се “примират нацистите во Германија и Хитлер“ низ правење мировни договори кои од морална гледна точка се неприфатливи, каков што е договорот Молотов-Рибентроп.

Конечно, дури и една Полска, во 1934 година има направено пакт за ненапаѓање со хитлеровска Германија, па како и да се мисли и суди за сегашна Русија и за потезите на Москва кон нејзините поблиски и подалечни соседи, обидите за дестабилизација на ЕУ и спротивставувањето на евроатланските амбиции на земјите од Западен Балкан, вклучувајќи го и мешањето во Македонија, сепак, Советскиот Сојуз е земја победничка во Втората светска војна. Според руски извори, околу 600 илјади советски војници загинале во борбите со нацистите за ослободување на Полска.

Толкувањето на Варшава, пак, беше дека како гости на одбележувањето на осумте децении од почетокот на војната биле повикани лидерите од сегашните полски политички и воени сојузници- земјите членки на ЕУ и на НАТО, како и неколкуте екс советски републики кои се дел од т.н. источно партнерство на ЕУ.

Трамп се откажа од Варшава

Од тој момент, меѓутоа, почна да се растура полското сценарио за годишнината од војната.

Прво, неочекувано, се повлече претседателот на САД Трамп кој требаше да биде главниот говорник. Објаснувањето беше дека не може да дојде во Варшава поради заканата од циклонот кој и се заканува на Флорида. Невремето се уште не е стигнато до бреговите на оваа американска сојузна држава каде претседателот има свој приватен имот, затоа што досега беше во реонот на западниот Атлантик и тешко ги погоди Бахамските острови. Се смета дека Трамп се повлече кога разбра дека го нема Путин, со кого ќе се сретнеше на маргините од одбележувањето. Но, поради тоа настрада средбата на Трамп со украинскиот претседател Зеленски, која се сметаше како важна за можноста од придвижување на работите околу украинската криза.

Потоа, се повлече и се уште актуелниот претседател на Европскиот совет, Доналд Туск. Тој откри дека покана добил во последен момент, и тоа не според европската функција, туку како поранешен полски премиер. Образложението на полската влада било дека биле поканети само претседатели и премиери од земјите членки на ЕУ, а Унијата “не е држава“, што Туск го смета само како смешен изговор за да не присуствува. “Она што сега го направи полската влада (со списокот на гостите) само го покажува отсуство на политичка култура и тоа какви се нејзините стандарди“ – рекол Туск за варшавските медиуми.

На крајот, иако поканет, претседателот на Белорусија Александар Лукашенко објави дека тој и неговата земја ги бојкотираат настаните во Варшава, незадоволни поради непоканувањето на Владимир Путин.

Западните Балканци – колатерална штета

Така излезе дека поради намерата на полската влада да го изолира рускиот претседател, а тоа да не изгледа дека само Русија отсуствува, настрадаа, како колатерална штета, само три западнобалкански држави, чии лидери исто така не беа поканети- Македонија, Србија и БиХ, кои инаку, како дел од екс Југославија и нејзиното силно партизанско движење, имаат дадено голем придонес во борбите на антихитлеровската коалиција. Од тој простор, покани имаа Црна Гора, како членка на НАТО и Хрватска и Словенија како дел од Северноатланската алијанса и ЕУ.

Образложението за неповикувањето на Македонија било дека земјата, формално, ќе влезе во НАТО во декември, а дека Србија, иако има отворен преговарачки процес со ЕУ, не е членка на Унијата. Но ако се погледне списокот на гостите во Варшава, викнати според овие два критериуми, се доаѓа до смешно-тажна ситуација дека на одбележувањето на годишнината од Втората светска војна доминирале земјите кои биле на другата страна од фронтот- како сојузници или поддржувачи на хитлеризмот. Ако се изземат Германија и Италија кои ја почнаа војната за доминација на мрачната десничарска и националистичка идеологија, на нивната страна во шестгодишните судирања се најдоа низа европски држави од тоа време.

Европските квислинзи

Царистичка Бугарија, која ги окупираше Македонија, делови од Србија и северна Грција. Потоа, Романија чија фашистичка “Железна Гарда“ учествуваше и на источниот фронт, во борбите кај Сталинград, па Унгарија и нејзиниот брутален профашистички режим, Словачка со нејзината квислиншка влада и западна Украина каде тамошните националисти соработуваа со хитлеровците.

Норвешка која сега е дел од НАТО на светот му го има дадено терминот “квислиншки“ според својот пронацистички лидер Квислинг кој ја предводеше оваа скандинавска земја како колонија на нацистичка Германија во текот на целата војна. Ирска е сега дел од ЕУ, но во последната војна беше на страната на силите на Оската, како одмазда за Британците, иако не беше дел од големите воени операции и настани. Дури и Франција го имаше својот маршал Петен кој создаде квислиншка власт во дел од земјата, нарекувајќи ја “слободна територија“, додека Шпанија и Португалија, со своите диктаторски режими беа сојузници на Хитлер. Шпанските воени сили дури беа и на рускиот фронт, војувајќи против советската армија.

Воени формации кај Сталинград има испратено и усташката власт во Хрватска во текот на војната, кога како награда за сојузништвото со нацистите, беше создадена т.н. Независна држава Хрватска. Силно националистичка и брутална кон целото нехрватско население, во тоа време НДХ и денеска носи бројни контроверзии, честопати предизвикувајќи нездрави состојби и во денешното современо хрватско општество. Се смета дека вината за таквата клима е во актуелната Хрватска политика и како што сметаат некои во Загреб “во кокетирањето на политичарите со некогашната пронацистичка НДХ и со релативизацијата на усташтвото и на усташките злосторства“.

Дисквалификации на македонските партизани

Според тоа, ако вака се погледнат работите од минатото, во текот на војната и се поврзат со некои актуелни балкански состојби, една Србија, секако, требаше да се најде во Варшава на 1 септември годинава, поради нејзиното силно партизанско движење.
Меѓутоа, ниту актуелната српска политика, како и хрватската, не е докрај ослободена од национализмот, квази- патриотизмот, користењето на историјата за дневно-политички потреби и дисквалификација и омаловажување на целата партизанска борба.

Србија, исто така, имаше квислиншки режим, оној на Милан Недиќ кој беше сојузник на нацистите, како и четништво на Дража Михајловиќ кое целата војна ја помина соработувајќи со германските нацисти, војувајќи проти партизаните и сите други анти-фашисти.

А, што се однесува за Македонија, овде домашните националисти, собрани во партија која секогаш е на спротивната страна, кога треба да се носат историски решенија, продолжува да ја негира и дисквалификува како некакво “комуњарство“ партизанската борба и илјадниците жртви кои се дадени за создавањето на првата македонска држава, врз чии основи постои она што е денешна Република Северна Македонија.

Проблемот е што во македонската јавност, токму лажните патриоти создадоа лажна претстава за некаква голема Македонија, негирајќи го она што е единствената вистина – дека државата е родена и изградувана низ антифашистичката борба и низ институциите што тогаш беа поставени.

Светот го признава тој македонски придонес во уништувањето на нацизмот на европско тло, од моментот кога Македонија стана целосно независна, но нејзините современици тоа го забораваат, па затоа и многу не треба да не чуди што и покрај дадените жртви и војувањето на вистинската страна во Втората светска војна, не ретко “забораваат“ да не повикаат таму каде ни е местото- меѓу победниците во таа војна.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе