Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Италија со 66 влади во 73 години

Bigstock.com

Италија со 66 влади во 73 години

Старо-новиот италијански премиер Џузепе Конте формира нова влада која веќе положи и заклетва пред претседателот на државата, Серџо Матарела. Во неа има 21 министри, кои доаѓаат од партиите на новоформираната коалиција на Движењето Пет ѕвезди, на Луиџи ди Мајо, од Демократската партија (ПД) на Никола Цингарети и на малата левичарска партија Слободни и еднакви (ЛеУ).

Италија е државата во Европа која најчесто ги менува владите. Оваа влада е дури 66-та по ред во изминатите 73 години од создавањето на италијанската република, по звршувањето на Втората светска војна и падот на монархијата. Просечното времетраење на италијанските влади изнесува само 13 месеци. Претходната владина коалиција беше на власт 14 месеци.

Премиер-непартиец

Движењето на Ди Мајо кое сега е водечка партија во коалиционата влада доби десет министерски места, левоцентристичките демократи девет, а ЛеУ има еден министер. Во владата, како непартиски човек, е Лучијана Ламоргезе, досегашна независна и високо рангирана државна службеничка, на која Конте и ја додели важната функција министер за внатрешни работи.

Оваа функција во претходната влада ја имаше лидерот на крајно-десничарската и националистичка партија Лига ( порано позната како Лига Норд), италијанскиот популистички политичар Матео Салвини, поради кого и се распадна владата во која тој беше и прв заменик премиер.

Самиот премиер Конте, исто така дејствува како независен политичар, затоа што не е врзан за ниту една од партите на сегашната коалиција, како што не беше ниту во претходната влада. Тој е професор по право, по потекло е од сиромашниот југ на Италија, од провинцијата Пуља, но порано самиот има речено дека ако треба, идеолошки да се определува, тогаш тој и е наклонет на левицата.

Ди Мајо шеф на дипломатијата

Просечна старост на новиот владин кабинет изнесува само 37 години, што е рекордно ниско ниво и крајно необично за една Италија, каде и премиерите и министрите се луѓе  во често поодмината возраст. Како министри има седум жени, или третина од владиниот состав, а главните ресори се разделени меѓу двата главни партнери во колаицијата.

Министер за надворешни работи сега е Луиџи ди Мајо кој треба да ја креира политиката  на италијанската дипломатија, која според премиерот Конте, во неговата прва премиерска изјава, треба да значи достоинствено враќање на Италија, една од земјите оснивачи на ЕЕЗ и на европските интеграциски процеси, на европската и меѓународната сцена. Демократот Роберто Гуалтиоди , пак, ја има функцијата министер за економија, чија задача е исклучително тешка- да спречи задалабочување на земјата во нова рецесија.

На 9 септември за доверба на владата ќе се гласа во Долниот дом, а на 10-ти , во Сенатот на италијанскиот Парламент. Новата коалициона влада на Конте има тесно мнозинство, но се очекува да ја добие довербата на пратениците, затоа што најголемиот дел од нив, се противат на предвремени избори, во овој момент.

Лига во опозиција

Главна опозициска партија сега станува Лига, а Салвини од, практично, италијански водечки политичар кој со своето десничарење, војувајќи против мигрантите, ја креираше и италијанската надворешна политика. Целосно потиснувајќи го Конте на домашната и на европската политичка сцена, Салвини ја изолира Италија од Европа, иако станува збор за третата економија во ЕУ ( по британското повлекување) , наметнувајќи ја својата евроскептична и антиевропска идеолошка определба како италијанска политика.

Токму Салвини и ја предизвика политичката криза во Италија, среде лето, откако се обиде да ја собори владата во која учествуваше, за да предизвика предвремени избори, за да тој стане италијански премиер и лидер на Италија, што не крие дека му е најважната работа во политиката. За да успее во тоа ги користи мигрантите и мигрантската криза, уверувајќи ја домашната продесничарска јавност, но и другите Италијанци, дека само тој може да го реши прашањето со мигрантите.

Не успеа во обидот да изведе „ мини политички пуч“ во владата, сосема потценувајќи ги сите други „ играчи“ на италијанската политичка сцена. Тоа, меѓутоа, не значи дека Салвини и неговите амбиции треба да се отпишат. Заканата од неговото враќање и натаму постои. На изборите за Европскиот Парламент, токму Лига освои 34 отсто од гласовите и тој верува дека на едни парламентарни избори, таа поддршка би можела да биде и зголемена.

(Д.И.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе