Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Балкански јазик во Вестминстер

Florin Cnejevici/BigStock.com & Flynt/BigStock.com

Балкански јазик во Вестминстер

Мислам дека ова веќе е срамно и целосно без вкус на овој начин и со овие зборови да се зборува во Долниот дом на британскиот Парламент

…изјави за лондонската Скај телевизија, Рејчел Џонсон, новинар и член независната група За Промени во Британија.

Нејзините зборови на прекор и несогласување за јазикот што се употребува во текот на острите парламентарни дебати околу Брегзит, што често се претвораат во расправии, добија голема гласност во домашната јавност, затоа што таа не е било кој, туку помладата сестра на премиерот Борис Џонсон.

Како и братот Џо Џонсон кој минатиот месец, несогласувајќи се со Борис и со неговите политикански игри, за да го истурка Брегзит по секоја цена, без договор со ЕУ, што инаку го заговара уште од времето на кампањата за референдумот за ЕУ, што нему и на тврдите брегзитери би им овозможило да останат на власт, даде оставка во владата на сопствениот брат, како и на пратеничката функција, сега и сестрата Рејчел јавно се огради од позициите и постапките на братот-премиер.

Цинично и арогантно

„Мојот брат користи зборови како што се „предавство“ или „капитулација“ (за оние кои не мислат како него), како божем луѓето кои не гласале за Брегзит, сега, треба да се обесат, да удават, да се расчеречат на кол, или да се обележат така што ќе се премачкаат со катран и со пердуви“

…цинично и остро му возвратила сестрата на Борис Џонсон, на својот брат премиер со кого целосно не се согласува околу Брегзит.

Рејчел е гневна на Борис и за неговата крајно цинична изјава околу споменот за поранешната пратеничка Џо Кокс.

Оваа млада политичарка од Лабуристичката партија, беше брутално убиена од еден англиски националист и ултра десничар, додека во својата изборна единица агитираше против излегувањето на Британија од ЕУ.

Зборувајќи за споменот за неа, премиерот Џонсон рекол дека најдобриот спомен за убиената Џо ќе биде ако се реализира Брегзит, што во поголемиот дел од јавноста и меѓу повеќето пратеници во Вестминстер беше оценето како цинично и арогантно.

Рејчел Џонсон уште и додава дека таквите зборови (на братот) се крајно невкусни и навредливи за сите кои ја жалат Кокс како мајка, пратеничка и пријателка.

Судот како Кромвел

Острата јавна пресметка на сестрата на британскиот премиер, со братот Борис, доаѓа по долгата сесија на Парламентот во Лондон, првата по одлуката на Врховниот суд да ја поништи петнеделната суспензија на Вестминстер, што ја наметна премиерот, во обидот да спречи дебата за Брегзит, до средината на октомври, до последните две недели пред сегашниот краен рок за излегување на Британија од ЕУ – на 31 октомври.

Советуван од владиниот главен адвокат кој инаку е со функција министер во владата, Џефри Кокс (не е во никаква врска со убиената пратеничка), Џонсон побара и доби од кралицата Елизабета согласност за суспендирање на работата на Парламентот.

Таа го потпиша тој акт, но со едногласната одлука на сите 11 судии, се покажа дека суспензијата била нелегална, спротивна на законот и дека според тоа, таа никогаш и не била активирана.

Таквата пресуда му овозможи на Парламентот да продолжи да работи, како никогаш и да не била запрена неговата активност, но предизвика “срамно понижување“ за Џонсон, какво досега нема доживеано ниту еден британски премиер во поново време!

Одлуката на Врховниот суд, всушност, значи дека премиерот ја излажал кралицата уверувајќи ја во легалноста на она што таа прифатила да направи – да го затвори Парламентот на Велика Британија, што не се случило од времето кога англискиот крал Чарлс Први се обидел да воведе апсолутизам и за тоа од Оливер Кромвел и парламентаристите, во средината на 17 век бил казнет со отсекување на главата, во лондонскиот Тауер.

Џонсон не признава грешка

Три и половна векови подоцна, Британија е сосема поинаква, па судот ја презеде улогата на Кромвел, на заштитник од самоволието на владата, но премиерот (во улогата на кралот Чарлс) не само што нема да биде суден и осуден, туку во својот веќе препознатлив, арогантен стил, тој одбива да признае дека погрешил, а уште помалку да му се извини на Парламентот што инаку би требало да се очекува од еден средношколец во престижниот Итон и дипломец во Оксфорд.

Во првата реакција на судската одлука, Џонсон рече дека не се согласува со пресудата, инсистирајќи дека суспензијата (ваква каква таа беше направена) е работа на владата, а не на британските судови, но дека сепак, ќе ја почитува.

Во дебатата во Парламентот, што веднаш беше закажана, меѓутоа, на сцена се појавија сите длабоки разлики и несогласувања меѓу партиите околу Брегзит, прво дали да биде со договор, или без него, како што навива владата на Џонсон, а потоа и дали излегувањето од ЕУ, воопшто, треба да продолжи, после целиот хаос што го создадоа партиите изминатите три години и ја поделија Британија, како никогаш досега во поново време.

Она што вчудоневиде, но и длабоко разочара дел од британската јавност, тоа е грубиот, вулгарен и нетолерантен јазик во дебатата, што воопшто не е својствено за Парламентот во Лондон.

„Парламентот е мртов“

Кавгата во Долниот дом ја предизвика токму човекот што и ја продлабочи кризата околу Брегзит, владиниот официјален адвокат Џефри Кокс.

Тој прво им порача на пратениците дека суспензијата, што инаку тој ја има сугерирано како легална, била сосема наместо и во функција на излегувањето од ЕУ, а потоа, кога на опозицијата и на оние 22 конзервативни пратеници кои сега гласаат против сопствената, ториевска влада, им рече дека “овој Парламент е мртов“!

Или поедноставено речено – можете да дебатирате и да расправате колку сакате, но овој состав на Парламентот, на кој Врховниот суд му дозволи да продолжи да работи, повеќе не живее – за да може било што да донесува во, како што тој тврди – намерата да се одврати Брегзит.

Всушност, Кокс само потврди дека владата и не се труди да обезбеди (нов) или било каков договор со Брисел, туку дека ја турка работата кон излегување од ЕУ, без никаков договор.

Премиерот Џонсон, од своја страна, продолжува со старата песна дека Британија ќе има договор до Самитот на ЕУ ма 17 и 18 октомври и дека на крајот од тој месец, во ноќта на вештерките (Халоувин) ќе ја напушти Унијата, после 46 години членство.

Оние поразумните и партиски независните аналитичари, сепак, не се така уверени.

Тие сметаат дека политичката криза во Британија се продлабочува, а кризата околу Брегзит останува нејасна околу тоа кога, или во кој термин, земјата ќе се раздели од Унијата.

Особено што премиерот кој од јули годинава е на таа функција е длабоко разнишан по серијата порази во Долниот дом и понижен од Судот дека дејствувал противзаконски, не верувал дека Судот ќе ја поништи неговата одлука за суспензија и дека Парламентот ќе ја продолжи својата работа.

Сестрата гневна на братот

Гневен, Џонсон пратениците ги делеше на “патриоти“ и “предавници“ (оние кои се противат на неговите потези и посебно оние конзервативци кои му свртија грб, а кои тој ги казни, суспендирајќи ги од партијата), додека опозицијата и оние кои се против неговиот план за вонредни избори, пред Брегзит, за да набрзина си обезбеди петгодишен мандат, ги нарекуваше “кукавици“ обвинувајќи ги и дека се против излегувањето од ЕУ.

Ваквиот јазик е типичен за Балканот, или повеќе за западнобалканските земји, каде политичките противници се дисквалификуваат кога лажни патриоти и наводни “заштитници на народот“ сокриени зад желбата да се владее авторитарно и ако може „путиновски“, немаат никакви аргументи за своето погрешно владеење и кога не сакаат демократски дијалог.

Затоа и е разбирливо што сестрата на премиерот, Рејчел Џонсон, е гневна на својот брат и на јазикот на дисквалификација што тој го користеше во дебата во Вестминстер, не можејќи да ја совлада и да ја сокрие фрустрацијата, затоа што беше фатен, поразен и понижен од неистомислениците.

Прикованиот Прометеј

Пратениците на два пати го одбија предлогот на владата за избори, а тој сега не ја отфрла можност и по трет пат да ги натера да гласаат за тоа! Либералните демократи кои се прогласија за анти-Брегзит партија, порачуваат дека нема да чекаат до 19 октомври (по Самитот на ЕУ) за да се види “дали Борис Џонсон нема одново да се обиде да го изигра законот“.

Лабуристите на Џереми Корбин кои и натаму скитаат како низ темница, не знаејќи како (конечно) да се определат за Брегзит, порачаа дека “сега не е време за избори и за растурање на парламентарниот состав, бидејќи премиерот сака Брегзит без договор”.

Спикерот (инаку конзервативец) Џон Беркоу изјави дека според моменталните правила, не може да има избори пред Британија да излезе од ЕУ.

Претходно, пратениците истуркаа закон со кој премиерот мора да бара од ЕУ нов датум за Брегзит, ако нема договор до 19 октомври.

Конечно, во Брисел откриваат дека официјален Лондон се уште нема испратено нов предлог за да се надмине ќорсокакот, а пред се, тоа како да се уреди границата на Ирска со Северна Ирска.

Џонсон од своја страна, патетично се обиде да ги прекори пратениците дека “некои од нив го претвориле Вестминстер во страдалница” споредувајќи се себе си со грчкиот митски лик Прометеј чиј црн дроб го ковале орлите, додека тој бил прикован на карпата“.

Тоа покажа дека премиерот е дипломец по старогрчки и по античката историја, но се покажа дека сето тоа не ги импресионира Британците, посебно оние кои стравуваат од Брегзит “на диво“ без договор со Брисел.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе