Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Ексхумација на диктаторот Франко

giusparta/igstock.com

Ексхумација на диктаторот Франко

Врховниот суд на Шпанија, конечно, го затвори „ случајот Франко“ откако одобри ексхумација на телото на поранешниот генерал и диктатор Франциско Франко, од мавзолејот каде тоа сега се наоѓа, инаку оддалечен педесетина километри од Мадрид и негово преселување на јавните гробишта во шпанскиот главен град, каде е погребана и неговата сопруга.

Одлуката на судот, практично, значи потврда на решението на социјалистичката влада на премиерот Педро Санчез, која преземајќи ја власта, од пред 14 месеци, како едно од своите први одлуки  беше тргањето на телото на Франко, што беше и едно од предизборните ветувања на партијата.

Долината на паднатите борци

Ваквата позиција на шпанските социјалисти е позната уште од порано, затоа што тие сметаат дека посмртните останки на поранешниот диктатор не смеат да останат во мавзолејот, изграден со државни пари, што ќе рече со парите на сите Шпанци, за да му се оддава почит на еден диктатор, а преку тоа и на неговиот режим, наместо да биде место за оддавање почит на жртвите од двете спротивставени страни во шпанската граѓанска војна- републиканците и националистите.

Франко кој во војната ги предводеше националистичките сили, по нивната победа  ја презеде целата власт во земјата и диктаторски владееше со Шпанија од крајот на граѓанската војна, во 1939, до неговата смрт во 1975 година, или цели 36 години.

Долината на паднатите борци, како што е официјалното име на спомен-обележјето е изградено уште во 1958 година, на барање на самиот Франко и располага со мавзолеј, една капела и висок крст од 150 метри. Таму се закопани посмртните останки на борци и од републиканската армија која се бореше за уредување на левичарска република и на националистичките сили, предводени од генералот Франко, чија борба отворено ја помагаа тогашните нацистичка Германија и фашистичка Италија.

Телото на Франко лежи таму веќе 44 години.

„Исправена апсурдност“

Владата на Санчез, која е во оставка, подготвувајќи се за новите, четврти по ред избори во Шпанија, во изминатите четири години, го поздрави решението на Врховниот суд, за кое гласале сите судии. Во кусото соопштение владата порача дека судот исправил една апсурдност- Шпанија да биде единствената демократска држава која има и негува мавзолеј за диктатор. Но, семејството на Франко кое беше против ексхумацијата и преселбата на неговото мртво тело, најави дека ќе поднесе жалба до европскиот Суд за човекови права во Стразбур.

Шпанската католичка црква, пак, соопшти дека ја подржува одлуката на судот.

Семејството сега инсистира, наместо на јавни гробишта, посмртните останки на Франко да се преселат во катедралата Алмудена, во центарот на Мадрид. Владата , меѓутоа, е категорично против таквата можност, без разлика што катедралата, на времето била купена од ќерката на диктаторот, која сега таму почива. Според владата на Санчез, тоа нема да се дозволи, за да не може да се велича еден диктатор во центарот на шпанскиот главен град, каде секогаш има многу туристи.

Врховниот суд во својата пресуда инсистира телото на некогашниот диктатор Франциско Франко да не биде преселено во Алмудена, туку на мадридските јавни гробишта.

(Д.Б.)

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе