Корупција во судството во Монако
Кнежевската палата во Монако соопшти дека принцот Алберт го сменил министерот за правда на ова медитеранско кнежевство, откако одлучил да го спречи зголемување на времетраењето за издржување на затворската казна на еден судија, вклучен во истрага за корупција, поврзана со руски милијардер.
Разрешениот министер Лорен Анселми ќе биде заменет со Роберт Гели, инаку обвинител во Апелационен суд во Франција, во областа Прованса.
Малото европско кнежевство, сместено меѓу Франција и Италија, се соочува со долготраен корупциски скандал кој никако не може да се разреши. Во него се вклучени претходникот на Анселми, како и тројца високи полициски функционери. Според француските медиуми, скандалот „ се влече“ од времето кога била спроведена заедничка истрага во која бил вклучен и еден француски судија, кој работел во Монако, врз основа на специјалниот договор меѓу Франција и кнежевството Монако.
Сменетиот министер (медиумите велат неочекувано) го отфрлил и барањето на осудениот судија да се преиспита неговиот случај, па се стравува дека зад сето ова се крие нешто нечесно.
Во соопштението на кабинетот на принцот Алберт се посочува дека неговата интервенција била поттикната од желбата за реафирмација на определбата на кнежевската палата за непартиски и независен правен систем.
Корупцискиот скандал за кој сега настрада и министерот за правда на Монако, се провлекува од минатата година, откако рускиот милијардер Дмитри Риболовљев беше уапсен и испитуван од полицијата. Тој е инволвиран во долга правна битка со еден локален дилер на скапи уметнички дела и предмети. Полицијата од почетокот се сомнева дека Русинот се обидел , за својот случај, да поткупи повеќемина локални полициски и судски функционери.
Правни експерти велат дека рускиот милијардер може да биде осуден за попречување на правдата, но и за давање поткуп.
Поранешниот министер за правда, претходникот на сега сменетиот министер, во 2017 година, прво бил присилно пензиониран, а подоцна осомничен за корупција, па осуден за влиаење врз правдата и за земање поткуп.