Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Полска: ПиС бара пребројување на гласовите

Ann Hirna/Bigstock.com

Полска: ПиС бара пребројување на гласовите

Владеачката полска Партија на правото и правдата (ПиС) бара од Врховниот суд во земјата да дозволи делумно пребројување на гласовите, во Катовице и во Кожалин, оправдувајќи го ваквото свое барање со „големиот број неважечки гласачки ливчиња“ во овие два града, регистрирани на парламентарните избори што се одржаа на 13 октомври.

Оваа десничарска и националистичка партија која досега цврсто ја имаше власта во свои раце, на овие избори, за прв пат, не успеа да извојува уверлива победа. Партијата на правото и правдата, навистина, и овој пат доби најмногу гласови, но во Долниот дом на полскиот Сејм (Парламентот) таа освои помалку пратенички места од оние кои ги имаше во претходниот состав, додека во Горниот дом (Сенатот) го загуби мнозинството.

Пирова победа

Иако водството на партијата своите симпатизери ги уверува во „уште една голема победа„ факт е дека станува збор за „пирова победа“ и за назадување на конзервативно-националистичкиот блок наспроти демократско-либералните партии. Со ваквиот распоред на силите во двата парламентарни дома ПиС мошне тешко  ќе може да ги спроведе своите, инаку, контроверзни реформи во судскиот систем, потоа во медиумската сфера, како и во културните институции.

Всушност, без потребното мнозинство во Сенатот, што десничарите сега го немаат, не ќе може да се усвојат ваквите реформи кои во текот на предизборната кампања беа она што партијата им го нудеше на гласачите, а за кои е потребно да бидат одобрени и во двата парламентарни дома.

Реформите во судскиот систем и во медиумите уште од нивната првична најава предизвикуваат гневна реакција на полската опозиција и на тамошните новинари. Реформата на судството се смета дека ќе овозможи партизација на овој важен дел од државата и ќе ја загрози независноста на судовите и на судиите, додека новинарите се незадоволни дека со владината реформа се загрозува слободата во медиумскиот простор.

Контроверзни реформи

Вака замислените реформи предизвикаа остри критики и во Брисел од страна на Европската комисија, која од почетокот ги предупредува владата и парламентарците дека рефирмите се во спротивност со европските стандарди и со правилата на ЕУ, што Полска ги има прифатено при влегувањето во Унијата. Владата во Варшава, како и тврдото конзервативно и националистичко раководство на ПиС, пак, ги отфрлаше сите вакви критики инсистирајќи на „сувереното право“ државата-членка самата да ги уредува своите внатрешни работи.

Во еден момент, дојде до остра полемика меѓу Брисел и Варшава, а посебно меѓу полската влада и потпретседателот на Европската комисија, во заминување, Јан Тимерманс. Тој инсистираше дека земјата- членка е автономна при носењето на законите, но дека сите во ЕУ мора да се придржуваат на основните принципи врз кои се потпира Унијата и врз кои се уредуваат и донесуваат и законите во земјите членки- а тоа се (меѓу другите) и независноста на судскиот систем и слободата на медиумите.

Тоа се, впрочем,  и основните работи кои ЕУ и Европската комисија во Брисел, одамна ги имаат поставено и како главен услов за примањето нови членки во Унијата.

Маневар на владата

Како и да е, Брисел отвори формална постапка против Полска која и натаму инсистира на реформи кои се спротивни на духот на ЕУ, како што претходно Европската комисија тоа го направи и со владата во Будимпешта и тамошните реформи, спротивни на нормите на ЕУ. Доколку се утврди „вина“, Полска (и Унгарија во посебен случај) би можела да го загуби правото на глас, што досега се нема случено, или пак, да се соочи со помалку средства од буџетските фондови на Унијата.

Во една ваква ситуација, изборниот неуспех на владеачката партија може да предизвика владата во Варшава да мора самата да се повлече од ваквите реформи, или пак да направи поинаква верзија- доколку тоа воопшто го сака. Знаејќи го тоа, партијата на Правото и правдата, сега, бара начин низ пребројување на гласачките ливчиња, во средини каде таа се сомнева дека не било се регуларно, да ги измени крајните резултати од изборите и одново да го врати загубеното мнозинство во Сенатот.

Таквата тактика на ПиС наидува на остра осуда на целата опозиција која во овие избори го гледа почетокот на крајот на доминацијата на десничарската, конзервативна и националистичка ориентација на владеачката партија. Опозицијата обвинува дека ПиС со својата политика предизвикува Полска, наместо предводник на земјите од Истокот во ЕУ, да биде посочувана како пример за земја- членка која дејствува назадно и спротивно на нормите на Унијата, што инаку ги има прифатено при стапувањето во полноправно членство, пред 15 години.

(Д.П.)

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе