Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Мафијата шверцува токсини во Кина

Yingko/BigStock.com

Мафијата шверцува токсини во Кина

Италијанските власти соопштија дека полицијата успеала да разбие шверцерски синџир што се занимавал со рециклирање пластика, илегално префрлајќи токсични материјали од Сицилија во Кина.

Целиот криминален синџир дејствувал под контрола на Мафијата.

Тајната операција на полицијата за откривање и за поврзување на сите делови од синџирот, како и за да се откријат и фатат водачите и членовите на бандата, траела четири години. Почнала откако на пазарот во Италија се појавиле чевли, произведени во Кина, со опасно контаминирана пластика.

Во соопштението за разбивањето на бандата се вели дека се уапсени 15 лица, меѓу кои и нејзиниот водач, мафијашкиот кум Клаудио Карбонаро.

За него се знае дека порано бил сведок на италијанската полиција, за една поранешна мафијашка криминална активност. Во 2013 година се вратил на Сицилија и ја презел контролата врз локалната мафијашка мрежа. Според истрагата, од тогаш и започнала илегалната трговија со токсини и со токсичен од островот за кинескиот пазар.

Карбонаро се сомничи и за тоа дека во осумдесетите и деведестите години на 20 век наредил убиства и ликвидација на шеесетина луѓе, кои и застанале на патот на мафијата, или се нашле во судир со неа.

Смрт на 39 илегални мигранти од Азија

Осум жени и 31 маж беа откриени мртви, од задушување, во еден паркиран камион-ладилник, во индустриската зона во англиската област Есекс. Тие се превезувале илегално низ европските патишта, пред да се префрлат со траект од белгиското пристаниште Зебриж во Британија.

Тие се најновите жртви на раширениот шверц на луѓе, преку море и по копно, во кои шверцерите заработуваат големи пари, за сметка на човечките судбини на луѓето кои трагаат по подобар живот, а не ретко страдаат во вакви несреќи. Британската полиција, во меѓувреме, уапси неколку лица, меѓу кои и возачот на камионот, но според лондонските медиуми, зад оваа трагедија стои кинеската мафија, сама или во соработка со други криминални организации во Азија и во Европа.

Досега никој од жртвите не е идентификуван. Првичната информација беше дека станува збор за кинески „илегалци“, но потоа, од некои од мобилните телефони најдени кај умрените се разбра дека меѓу шверцуваните луѓе има и Виетнамци.

Последниве години, Виетнам важи за брзо растечка азиска економија, но и покрај тоа нема работа за сите. Земјата има голем вишок на работно способни луѓе, посебно меѓу младите. Сепак, луѓето некако собираат пари за ова опасно и неизвесно патување, за да како илегалци се префрлат во Европа. За него, за превоз со камиони, се плаќа меѓу десет и 15 илјади долари. Но, има и богато ситуирани Виетнамци, спремни да платат и по 40-50 илјади долари, па тие патуваат со авиони.

Колку е тоа голема сума покажува податокот дека 30 илјади долари е еднакво на 30 годишни плати на Виетнамците во руралните средини. Проценки на службите на ОН се дека само кога станува збор за Виетнам, од каде годишно кон Европа се шверцуваат над 18 илјади луѓе, шверцерските групи заработуваат и по 300 милиони долари, секоја година.

Трасата по која се движат Виетнамците, обично, води преку Русија, каде тие првично биле префрлани. Оваа земја, како и Кина, Франција, Германија и Полска се најкористените копнени траси за префрлање од далекуисточните азиски земји до Британија. Британската полиција сега интензивно трага да утврди од каде тргнале, каде патувале и како и зошто морало сите да умрат. Медиумите во Лондон пишуваат и дека овој камион-ладилник бил дел од конвој од три такви возила во кои изгледа имало над 100 шверцувани луѓе.

Руски војник застрела осум лица

Рускиот војник Рамил Шамсудинов со своето оружје, наеднаш почнал да пука по луѓето околу себе, убивајќи двајца офицери и шестмина војници. Други двајца се потешко ранети. Инцидентот се случил во една руска воена база на Далечниот Исток, во Бајкалскиот регион, на кинеско- руската граница.

Убиството на осумте лица се случило за време додека се менувала стражата во базата.

Убиецот е фатен и уапсен. Отворена е истрага, а првичната верзија е дека не станува збор за терористички напад, туку дека војникот доживеал „ нервен слом“ и дека бил „ ментално растроен“.

Во Русија, воен рок служат сите млади мажи на возраст меѓу 18 и 27 години. Обично, воениот рок трае една година, но оние кои сакаат може да останат во армијата, како професионални војници, потпишувајќи договор.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе