Ремек дело од 13 век најдено во кујна
Во кујната на една постара жена во малото место Компрењу, на северот од Франција, случајно било откриено ремек дело на италијанскиот сликар Чимабуе од 13 век. Освен изненадувањето од големото откритие, сликата преку ноќ ја направи жената исклучително богата.
Француските експерти сликата, веднаш по откривањето ја процениле на шест милиони евра, но по одржаната аукција, еден засега непознат колекционер платил за неа четири пати повеќе – 24 милиони. Тоа е највисоката цена што досега, воопшто, е платена за едно дело од пред 1500 година. Чимабуе се смета за „таткото“ на италијанската ренесанса и ова е прв пат едно негово дело да се понуди за продавање на аукција и да се продава.
Сликата „Исмевање на Христос“ е мошне мала – има димензии од само 24 на 20 сантиметри. Се претпоставува дека е дел од некое поголемо уметничко остварување на овој рано-ренесансен италијански сликар. Била откриена од еден француски аукционер, сосема случајно, додека тој бил во домот на жената. Сликата висела на ѕидот од кујната, наспроти трпезариската маса, а жената ја сметала сликата за икона, која има сосема мала вредност.
Чимабуе се верува дека му бил учител на прославениот сликар Џото кој прв, во своите дела, се оддалечил од дотогашниот византиски стил на сликање, што бил популарен во Средниот век. Џото прв почнал да додава елементи на движење во своите слики и перспективи кои сега се познати како типични за западното сликарство.