Поврзете се со нас

Skopje Global

Едиторијал

„Жолтите елеци“ не му веруваат на Макрон

„Жолтите елеци“ не му веруваат на Макрон

Околу пет илјади луѓе во Париз, а вкупно триесетина илјади низ цела Франција, се собраа за да протестираат на 17 ноември, за да ја одбележат годишнината од масовните анти владини демонстрации и раѓањето на движењето „ Жолти елеци“, првично насочено против начинот на водењето на внатрешната политика на (тогаш) се уште полетниот претседател Емануел Макрон, кој една година пред тоа триумфираше на изборите како кандидат на сите демократски Французи, пред заканата што доаѓаше од крајната десница, предводена ( и сега) од Марин ле Пен.

Пред една година, Париз беше во пламен, а Франција беше на нога откако без малку 300 илјади луѓе демонстрираа незадоволни од потезите на тогаш, се уште, „млада“ по стаж влада, на младиот и  неискусен во политиката, француски претседател. Освен масовноста и „заштитниот знак“ – жолтите елеци- демонстрантите манифестираа и голем гнев кон богатите и кон  богатството. Инсистираа на поголема социјална правда и на помали разлики во општеството, но Франција се соочи со улично насилство, типично за западните анархистички групи, со уништување автомобили, оштетување историски споменици (меѓу нив и Триумфалната капија) и со подметнување пожари.

Јавноста во земјата на еднаквоста, на братството и рамноправноста- прокламирано уште од француската револуција – остана затечена, не толку од протестите- такви има речиси секојдневно- туку од силината на гневот и од насилните методи. Остана затечена и над се, изненадена  и Елисејската палата, на која и требаа неколку денови  за да се огласи и за да почне  да воспоставува некаков ред. Особено што протестите фатија ритам- секоја сабота, па секоја втора – со изведување на речиси истото сценарио- улични тепачки со полицајците и со специјалните сили.

Повлекување пред „жолтите“

Обичните луѓе, пак, прашуваа кој стои зад „ Елеците“ кои, инаку,  комуницираа меѓу себе преку интернет и што, навистина, бараат од владата.

Првично, ерупцијата од незадоволство беше објаснета со владината одлука да ги зголеми цените на дизел-горивото. Тоа не ги погодува само земјоделците и малиот бизнис кои користат машини и возило на ова гориво, туку и сите француски возачи. Во Франција доминираат автомобилите кои користат дизел, најмногу од сите земји во ЕУ. Затоа, на почетокот, „Жолтите елеци“ ја имаа подршката на мнозинството Французи кои бараа владата да го повлече поскапувањето. Таа прво се инаетеше, но откако виде дека јавноста се повеќе се приклонува на страната на  „елеците“, се откажа од зголемувањето на цената.

Тоа беше време кога Макрон се уште беше во својот победнички елемент, верувајќи во брзиот препород и во реформирањето на Франција, како и во тоа да и се наметне на Европа/ЕУ како новиот нејзин лидер.

Уште во претседателската кампања најавуваше реформи- во секторот на работните односи, кај пензиите и даночниот систем. Сите тие и се одамна потребни на земја каква е Франција со гломазен административен систем и голема администрација, а тоа значи и бирократија, но гласачите кои го подржаа на изборите, реагираа подоцна како и сите другите насекаде во светот. Луѓето во принцип, се согласуваат на реформи, некаде дури и ги бараат, но кога ќе се понудат за прифаќање , обично остро се спротивстават, затоа што секогаш некој ќе се најде погоден, онеправдан и загрозен.

Бунт на крајната левица

Предложениот нов (реформски )  закон за работни односи, затоа,  предизвика противење од страна на синдикатите кои организираа штрајкови. Оној на вработените во јавниот превоз, предизвика и блокада на Париз и на делови од земјата. Во исто време, продолжија со протестите и „ жолтите елеци“, притискајќи врз владата и врз Макрон. Од сега бараа да се повлече од функцијата и да даде оставка. Тоа беа првите политички барања на “ Елеците“ кои го обвинуваа претседателот дека сите реформи што ги прави, или ги најавува, се во прилог само на богатите во Франција и на големите компании.

Сите политички партии во земјата, како и крајната десница тврдеа дека никој од нивните редови не стои зад „ Елеците“. Синдикатите објаснуваа дека ги разбираат барањата на „ Елеците“ но уверуваа дека тие не се организирани, или потикнати од нив, без разлика што некои барањаа се синдикалистички. На крајот се покажа дека тие се “ дело’ на крајната левица, како и дека „Елеците“ не му веруваат на претседателот Макрон и покрај неговата одлука да ги повлече сите понудени реформски закони и проекти.

За да го смири гневот, што се оддолжи на цела една година, францускиот претседател одлучи да отвори јавна дебата за проблемите и за состојбата во земјата, одејќи низ француските градови и разговарајќи со луѓето по разни трибини. Целта беше да се увери јавноста дека сето она што се прави е замислено да биде добро за сите Французи.

„Скромна“ годишнина

Неговите критичари и политички противници , велат, дека со таа прошетка низ земјата и со “дијалогот“ успеа само да ги смири тензиите и да ја отапи острицата на „ Елеците“ во чии редови се вметнаа и анархистите. Тоа придонесе просечните Французи и големиот дел од јавноста да се повлече, особено што не ретко, нивните протести се одржуваа колку за да се запази ритамот, за да се покаже дека движењето е се уште живо и за да искаже улично насилство.

Тоа се виде и на годишнината од првите улични протести. Не само поради драстично помалиот број демонстранти, туку и затоа што 17 ноември годинава се „ славеше“ со улични тепачки со полицијата, со насилството кое никој не го сака, па дури една група, според париските медиуми, тргнала да се „ пресмета“ со купувачите и потрошувачите во луксузната стоковна куќа „ Лафает“, осудувајќи го луксузот и потрошувачкиот менталитет.

Министерството за внатрешни работи остро ги осуди најновите протести, квалификувајќи ги демонстрантите како уличари, насилници и отпадници од општеството. Вкупно 170 лица биле уапсени, а полицијата потврди дека имало и повредени во тепачките.

На „ Елеците“ им беше забрането и да се собираат на низа познати туристички локации во Париз, како и пред владата и Парламентот, но за парижани и посебно за гостите и туристите на францускиот главен град, тоа беше уште еден мачен викенд, исполнет со страв, без разлика што силите на редот направија се за да не се случи уште една експлозија на масивно насилство.

Пад на рејтингот на претседателот

Како и да е, „Жолтите елеци“ во својата „ војна“ со системот и со претседателот Макрон, успеаја во нешто- да го соборат рејтингот на новиот претседател кој на своите две години во Елисејската палата, далеку е од престижот што го имаше  во есента 2017 година, кога на Франција и нудеше прогрес, а на ЕУ заокружување на европскиот концепт и вклучување на сите кои сакаат да бидат дел од Обединета Европа.

Наместо тоа, сега и Макрон размислува поинаку, откако се откажа од сите реформски процеси во земјата, барем за едно догледно време, а се повлече и од претходно прокламираната европеизација на континентот.

Сега сам и без поддршка на другите во ЕУ, прво почна да се инаети со другиот дел од европскиот „ мотор“ , со Германија , практично, војувајќи со „ првата дама“ на Европа, Ангела Меркел, кога веќе стана јасно дека таа полека си заминува, до истекот на мандатот како канцелар во 2021 година, а потоа, почна да се пресметува и со Истокот на ЕУ.

Може да му се даде за право за прекорувањето на ( искривениот) менталитет на екс комунистичките држави, кои на  Унијата  гледаат само како на начин  да дојдат до парите од европските развојни фондови, откажувајќи се основните европски принципи за либерална демократија и правна држава.

“Расипаниот“ европски “ воз“

Но,  е погрешно и опасно за иднината на европскиот проект , што на тој начин ја дели Европа ( одново), после само 15 години членство на источњаците во ЕУ. И уште повеќе , што сите оние кои чекаат да почнат да преговараат за полноправно членство, да ги третира како „ заразени“ од истите источноевропски “болести“ кои ги манифестираат една Унгарија, или Полска, па го блокира стартот на нивниот преговарачки процес, како што направи со Македонија.

Сега  Макрон и неговото политичко  опкржување  во Париз ( чудно, но го нема во овој проект Кеј д Орсеј) , како и  без другите во ЕУ, францускиот претседател , практично сам, уценува дека процесот за заокружувањето на обединувањето на Европа, со влезот и на западниот Балкан, нема да тргне напред доколку не се прифати неговата идеја- за поинакво примање на новите членки!

„Европскиот воз“ (ЕУ) демек, сега бил расипан, па не било во ред да се примаат нови ( патници-кандидати) во таков воз- ќе рече еден од француските поддржувачи на Макрон. При тоа, ќе се обиде да не увери нас овде- Македонија, Албанија, но и Црна Гора и Србија, дека треба да се верува во наводната “добра волја“ на Париз.

Притоа,  ниту не прашаа, дали ние можеби и би можеле да патуваме, додека возот , попатно, се поправа. Наместо тоа,  среде патувањето, францускиот претседател ќе рече од Париз – вие чекајте, додека “возот“ не биде поправен, односно, како стојат работите,  додека не поминат во ЕУ макроновите европски проекти.

Нов „бонапартизам“

Останува уште, тој и неговите, на државите во Западен Балкан кои имаат европски амбиции,  да му покажат за каков „ воз“ станува збор- дали за некои од овие што ги имаме во регионот, или од оние супер брзите, како францускиот Те-Же-Ве. Односно, дали ќе треба да чекаме да се појави некој нов човек во француската Елисејска палата кои на досегашното проширување на ЕУ нема да гледа како на некаква телевизиска  „сапунска опреа“ , како што тоа пред октомврискиот Самит на ЕУ го оквалификува француската министерка за Европа, Амели де Моншален.

Во Франција, повеќето тамошни аналитичари не го разбираат својот претседател, а особено неговото свртување. Пред претходниот  Самит на ЕУ, кога ( и тогаш) беше јасно дека Македонија ги исполни сите барања што Брисел и ги постави, од Париз измислија дека треба да се почека на европските избори, стравувајќи од Ле Пен и од европската крајна десница. Излезе дека таа имаше само 0,9 отсто повеќе освоени гласови од партијата на Макрон. Неговиот амбасадор во Скопје, сега измислува некои други приказни,  криејќи  дека главни „советници“ за македонските состојби му се дружината од опозициската, националистичка, антиевропска и русофилска партија.

Падот на  рејтингот на претседателот Макрон се засили, откако јавноста доби впечаток дека тој не се има снајдено на почетокот од „ жолтиот бунт“. Затоа , некои сметаат дека токму тоа е причина за сегашното свртувањето кон една поинаква ЕУ –  низ јакнење на француските позиции  во Унијата, во Европа и низ градењето мост со Москва, да го засили рејтингот кај домашните гласачи. Неговите политички противници, меѓутоа, тврдат дека проблемот е што , според нив, тој е опседнат со некаков нов “ бонапартизам“ и дека тоа сака да го истурка низ домашната и европската политика. .

(Спектатор)

 

 

 

 

Понатаму
Повеќе на оваа тема
Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Едиторијал

Горе