Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Бени Ганц – Израел е заробена држава

Lt. Gen. Benny Gantz at Regional Brigade Headquarters/Israel Defense Forces

Бени Ганц – Израел е заробена држава

Лидерот на лево-центристичката Сино-бела алијанса, Бенјамин-Бени Ганц го обвини Бенјамин Нетанијаху дека ја има заробено државата и дека Израелците ги држи како свои заточеници, поради проблемите што (сега) во улогата само на техничкиот премиер, ги има со правосудството и со законите.

„Тој човек ризикува дури и избувнување внатрешни судирања, само за да и понатаму остане на власт“ – рекол Ганц, доскорешен началник на Генерал-штабот на израелската армија кој униформата ја замени за политиката.

Острите обвинувања доаѓаат по жестоката тирада на Нетанијаху против домашното судство и обвинителството, против опозицијата и нему ненаклонетите медиуми дека заеднички подготвувале “ пуч“ за неговото елиминирање од политиката.

Нетанијаху кој веќе десет години е израелски премиер, беше обвинет за земање поткуп и за корупција, па ќе мора да се појави на судење. Тој е првиот премиер во историјата на државата, што е обвинет за криминал додека се уште е на функцијата, но продолжува да тврди дека станува збор за политички мотивирани обвинувања.

„Државата не е негова сопственост“

Ганц, меѓутоа, тврди дека она што го прави Нетанијаху не го има направено никој досега.

„Ниту еден израелски политичар, како од левицата, така и од десницата досега не се има охрабрено ниту да помисли дека државата Израел постои само за него. Или дека без него (на власт) не ќе може да постои. А, државата и народот не се негова лична сопственост, како што не се на ниту еден политички лидер“ – рекол Ганц.

Неговиот политички противник и лидер на десничарскиот Ликуд, меѓутоа, обвинува дека одлуката на судот – да ги прифати сите наоди на обвинителството, претставува „лов на вештерки“.

Нетанијаху ја напаѓа целата истрага дека била „политичка“, иако таа траеше повеќе од три години и досега се сметаше дека дури е премногу толерантна и попустлива кон премиерот.

Прво, правосудните власти му дозволија тој да остане на функцијата целото ова време, објаснувајќи дека според израелските закони, тој би морал да се повлече, само ако биде осуден. Потоа, му дозволија да се кандидира на парламентарните избори што се одржаа во април годинава. Нетанијаху тогаш освои повеќе пратенички места од Сино-белата алијанса, но недоволно за да формира влада.

Не успеа да се спогоди со никого за коалицирање, а судот „остана нем“ и кога тој арогантно, наместо да го врати мандатот, распиша нови избори дури за септември, ставајќи ја „под мраз“ целата истрага.

Десетмесечна политичка криза

Судот и обвинителството сега тврдат дека немало никаква политика во случајот со Нетанијаху, а тој продолжува да притиска за да остане на премиерската функција и да добие и шести, едно по друго мандат. Дури судијата во неговиот случај се покажа дека бил политички близок до Ликуд и до обвинетиот.

Но судијата сега објаснува дека сите случаи на поткуп, корупција и злоупотреба на функцијата и на јавната доверба, за што е обвинет, се доволно силни за да премиерот со најдолг стаж на таа функција во Израел, мора да се појави на судење.

Ганц, затоа, и обвинува дека Бенјамин Нетанијаху се однесува како државата да е негова своина и приватна фирма, настојувајќи на сите да им покаже дека само тој може да биде израелски премиер.

Таквата тврдоглава позиција, сега дополнета и со формално подигнатото обвинување, предизвикува Израел 10 месеци да е во политичка криза, без Кнесет (Парламент) и без стабилна и функционална влада.

Изборните резултати, меѓутоа, не одат во негова полза. На априлските избори тој и Ликуд имаа сосема мала предност пред Ганц и Сино-белата алијанса. Во септември се покажа дека гласачите губат трпение, па на овие избори предност добија лево-центристичките сили. Ганц сега бара смена на власта и ослободување на заробената држава, инсистирајќи дека не може да се прави коалиција со Нетанијаху, кој сега е обвинет и за криминал.

Ротирачко премиерство?

Ако не се постигне компромис, како и доколку во Кнесетот никој не собере барем 61 потписи за коалициона влада, тогаш ќе има и трети избори. Општото расположение во израелската јавност е дека тоа никој веќе не го сака, затоа Бени Ганц се огласи со компромисен предлог за ротирачко премиерство на влада на големата коалиција на Сино-белите и Ликуд.

Во првите две години владата да ја води Ганц, а следните две Нетанијаху, но само ако не го осудат.

Дали оваа замисла ќе ја прифати десницата останува да се види, но Израел се покажа дека е уште една од државите кои се судираат и се борат (засега и таму неуспешно) со феноменот на заробена држава.

Станува збор за состојба која се наметна во најсуровиот облик во Македонија, во пролета 2017 година, откако режимот кој безмалку 11 години деспотски управуваше со земјата, целосно ја зароби државата, претворајќи ја во партиско-семејна фирма. Таа состојба за малку ќе предизвикаше внатрешни судири, меѓунационални борби, а земјата беше доведена до работ од пуч на тогашниот режим, само за да не се дозволи инаугурирање на нова, легална влада.

Случајот со Македонија

ЕУ/Европа изгледа дека дури тогаш, на еден конкретен пример се соочија со феноменот на заробување на државата на европскиот континент.

Но, Брисел сега барем почна да го обработува тој феномен. Се стравува да не се повтори и на политичко-економскиот простор на Унијата, а се докажува дека во регион каков е Западен Балкан, токму овој „феномен“ е орудието на локалните моќни лидери со кое се блокираат реформите, демократизацијата и вистинските човекови слободи. И, во секој случај, се попречува европскиот пат на државите кон ЕУ.

Така беше со малиот, осуден и побегнат во странство, поранешен премиер-деспот во Македонија, а такви се анализите и за состојбите во Црна Гора и Србија. Тие, формално, имаат отпочнати преговори за членство во Унијата, но практично, не се покренале по тој пат.

Сега и Бени Ганц од Израел укажува и предупредува на една таква состојба – да се грабне државата за лични потреби и амбиции на еден политичар кој е предолго на власт – а тоа во најново време го покажа и случајот со Боливија, во Јужна Америка.

Таму, еден, еднаш легално избран претседател почна да менува закони и да го преправа Уставот на земјата, за да може да добива и трет и четврти мандат, иако тоа Уставот не го дозволува. Кога се соочи со отпор по фалсификувани избори, се обиде да покрене внатрешен судир, а кога здравите сили во полицијата и војската не сакаа да бидат дел од тоа, побегна во странство.

Од таму порачува дека бил „насилно“ тргнат од власт, од домашната опозиција и од „странски сили“, иако тој бил „целосно посветен да му служи на народот“.

Наводно, 24 часови работел секој ден, за интересите на луѓето !?

(И.М.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе