Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Еден за сите и сите за еден

palinchak/Bigstock.com

Еден за сите и сите за еден

Отворајќи го годинешниот Самит на НАТО кој овој пат се одржа во Лондон, британскиот премиер Борис Џонсон, одново потсети на основниот принцип врз кој Алијансата е создадена, пред точно 70 години- Еден за сите и сите за еден- сакајќи на тој начин уште еднаш да потсети дека и покрај разликите кои сега постојат меѓу одделни земји и нивните политички лидери и натаму останува единството врз кое се темели овој најголем воено-политички сојуз што било кога досега бил создаден во историјата.

НАТО е формирано во 1949 година, само пет години по крајот на Втората светска војна, за заштита на Западот и на западните демократии од можната советска експанзија. Создаден е врз принципот на колективната одбрана меѓу сојузниците и на тој принцип потсетува Џонсон, седум децении подоцна. Алијансата е создадена од 12 земји, а сега брои 29 држави, плус Македонија, па затоа и 70 годишнината, во услови кога бројот на членките е повеќе од двојно поголем, е голем настан и повод за славење.

Седумдесет години Алијанса

Посебно за нас  и за Република Северна Македонија, која токму на јубилејот на Северноатланската Алијанса, влегува во НАТО, после четврт век сакам-не сакам однесување, одбивајќи да се направи дил со соседите, да се постигне договор со Грција за разликите околу името на државата, да се уредат добрососедски односи и да се престане со квази-патриотските игри, користејќи ги минатото и историјата за залажување на народот и за собирање гласови на изборите.

А, во атмосферата која треба да биде славеничка, лидерската средба во околината на британскиот главен град, уште пред лидерите да се соберат во Лондон, беше јасно дека ќе помине и во атмосфера која ќе ги открие разликите и несогласувањата, кои постојат внатре во самата Алијанса.

Впрочем, тоа почна уште од минатиот Самит, кога американскиот претседател Доналд Трамп ги искара сите , што не сакаат да издвојуваат повеќе средства за вооружување и за буџетот на НАТО. Неговиот прекор тргнуваше од тоа дека САД се добри и потребни коа треба да помагаат и да интервенираат, но не и кога бара да се „ отвори ќесето“ за вооружување и за модернизирање на Алијансата.

Напната атмосфера

Продолжи годинава, во октомври,  со едностраната одлука на Вашингтон да се повлече од Сирија, оставајќи ја растурената и распарчена земја на Русија и на режимот на Башар ал Асад, како и на Турција. Таа, пак, ја искористи дадената можност за да се пресмета со сириските Курди, чии борци имаа клучна улога во поразувањето на џихадистите на Исламска држава (ИД), војувајќи како сојузници на Западот и на земјите членки на НАТО.

Целата оваа напната атмосфера кулминираше со минатомесечното интервју на Емануел Макрон за лондонски „Економист“ во кое францускиот претседател зборува дека Алијансата е во состојба на „ кома“ или како што има речено на „ мозочна смрт“, токму поради „ едностраноста“ во однесувањето на Вашингтон и Анкара околу Сирија, Курдите и турската воена интервенција на сириската територија, без претходно да се консултира и извести НАТО.

Никој друг не го подржа Макрон во ваквата дисквалификација на Алијансата, искажана на начин кој потсетува на времето од шеесетите години на 20 век кога тогашниот француски лидер Шарл де Гол се пресметуваше со НАТО ( подоцна и се повлече од неговиот воен дел) манифестирајќи го својот анти-американизам. Наместо тоа, Германија и канцеларот Ангела Меркел остро се спротивставија на изјавата на Макрон инсистирајќи дека Европа/ЕУ не би можеле да се одбранат без Америка, спротивставувајќи се при тоа и на сугестијата на Французинот за создавање на некаква европска војска.

„Одвратно и навредливо“

Официјален Вашингтон, првично, ја одмолче изјавата на францускиот претседател, ако не се смета гласното смеење на државниот секретар Мајк Помпео кога новинарите го прашаа за коментар на изјавата на Макрон. Но, во Лондон, претседателот Трамп, коментарите за НАТО, за САД и за Турција ги оквалификуваа доста грубо, како “ грозно-одвратни, навредливи и нечесни“.

Тоа предизвика нивната заедничка прес конференција да се претвори во расправија на „ отворена сцена“ и во присуство на новинарите, што е веројатно, досега, прв таков случај. Макрон, видливо нервозен, возврати дека останува на своите ставови изнесени во весникот. Тој ја обвини Турција дека соработува со групи блиски до ИД и дека недоволно јасната позиција на Анкара кон ИД е штетна за сојузниците на НАТО, кои војуваат во Сирија и во Ирак.

Анкара веќе го обвини Париз за „ преголема блискост“ со Курдите и се заканува дека може да ја блокира помошта на Алијансата за Балтичките држави и за Полска, за одбрана од можната агресија од Русија, доколку НАТО не се согласи да ги третира сириските Курди од групата ИПГ како „ терористи“.

НАТО и Франција

Трамп од своја страна, му префрли на Макрон дека токму на Франција НАТО и е најмногу потребен, затоа што земјата е во криза од внатре, погодена од, како што рече,  ослабената економија, социјалните немири и тероризмот и го прекори што неговата земја не сака да земе повеќе од заробените џихадисти од ИД, за да им суди за злоделата. Во заробеништво на сириска територија има 400 џихадисти, меѓу нив 60 терористи.

Франција не ги сака назад, објаснувајќи дека треба да им се суди таму каде ги сториле злосторствата (!?) а тоа би значело во Сирија, во Ирак, или можеби мисли на Турција, која се заканува дека сите ќе ги протера.

-Очигледно, ние не гледаме со исти очи на она кои се и што е тероризмот- ќе возврати Макрон, на што Трамп ќе дофрли- дали тоа значи дека вие саката само „ фини“ терористи.  А, кога Французинот ќе реагира со – треба сите да бидеме посериозни- американскиот претседател ќе возврати – господине претседателе не ми одговоривте на прашањето….а , потоа ќе додаде – очигледно станува збор за голем политичар. Па, ова е НАЈДОБРОТО НЕОДГОВОРЕНО ПРАШАЊЕ  што сум го слушнал досега!

Разликите на Париз и на Вашингтон се и околу купувањето на руско антиракетно оружје од страна на Турција, за кое според Макрон не може а да не се разговара и неговото инсистирање дека ИД  се уште не е поразена.

„Прогрес без преседан“

Сето тоа предизвика францускиот претседател , самиот да ја избрише сликата што ја создаде и сакаше да ја гради за себе, пред две и нешто повеќе години кога влезе во Елисејската Палата, од кога почна да настапува како новиот предводник на ЕУ/Европа во дијалогот со САД и со тогаш се уште новата американска администрација.

Сега и после сите (на овој начин)  разменети несогласувања со Трамп, впечаток е дека францускиот претседател ја пропушти сопствената промоција во лидер на ЕУ. Остана  сам  во неговата тврда позиција, околу состојбата во Алијансата, кон САД и кон Турција , бидејќи на крајот од  Самитот се покажа ( уште еднаш) дека НАТО може да биде и знае како да остане единствен.

Според Јенс Столтенберг, Самитот завршил со аплаузот на сите лидери. Бил направен „ прогрес без преседан“ во договорот за зголемени воени потреби со нови 130 милијарди долари, Турција го повлече своето вето за воената помош за Балтичките држави и Полска, па генералниот секретар на НАТО задоволно, на крајот, порача дека „ како се менува светот, така се менува и Алијансата, откако обелодени дека сите членки се согласија околу одбраната од кибер нападите и стратешките предизвици од Кина.

Тоа секако, не значи дека сите недоразбирања се надминати. Канцеларот Меркел изрази задоволство од значителниот напредок по четворната средба во Даунинг стрит 10, меѓу Макрон, Ердоган, домаќинот Џонсон и Меркел, после која германскиот канцелар забележи  дека иако е надмината блокадата на Турција, има уште многу да се разговара.

Но, НАТО од 1949 година се соочува со бројни предизвици, а сепак, беше сведок на падот на комунизмот, падот на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија, распадот на Советскиот Сојуз и тоа без да биде испукан еден куршум.

Проширувањето- историски успех

Алијансата се зголеми до 30 свои членки, играјќи пред тоа клучна улога во стабилизацијата на новите демократии во Европа- од комунистичкиот Исток до  Балканот, обезбедувајќи им при тоа на сите и безбедносен „ чадор“. Некои безбедносни експерти сметаат дека тоа, сепак, не го има направено НАТО посилно, од времето кога Алијансата имала половина помалку членки.

Други, меѓутоа, инсистираат дека проширувањето е неговиот историски успех- за обединување на Европа, за ширење на демократијата и за владеењето на правото и законитоста. И конечно, НАТО сега е 1600 км поблиску до Москва- за земјите кои 45 години беа под советска, комунистичка контрола – а тоа се поранешниот Варшавски пакт и трите балтички, екс советски републики.

Тоа Москва го третира како „ непријателски чин“ и како закана за Русија. Затоа од таму одговорија со интензивирање на рускиот нуклеарен потенцијал и со ширење на влијанието, надвор од руските граници, во обид да се обнови моќта што порано ја имаше СССР. На тој начин,  Русија ја искористи граѓанската војна во Сирија за да се смести на Блискиот Исток и за да го зацементира режимот на Башар ал Асад.

Русија не е СССР

Во Европа, пак, руската страна широко се вклучи во кибер нападите, во продукцијата на лажни вести и ширењето на дезинформации, како и во дестабилизациите на прозападните влади во регионот на Западен Балкан, во мешање во изборните процеси и – во подршката и финансирањето на крајната десница, во обид да се дестабилизира ЕУ. Конечно, Москва се вклучи и во физичка ликвидација на своите политички противници побегнати на Западот, со убиството на Литвинанко во Лондон и со нападот во англискиот град Солзбери, за што беа користени хемиски и радиоактивни агенси.

Најголемиот број земји-членки на НАТО остро реагираа по последниот напад, протерувајќи низа руски дипломати и разузнавачи со дипломатски статус, па во Европа и САД почна да се зборува за нова „ студена војна“ со Москва. Аналитичарите, меѓутоа, сметаат денешното време не е како она во педесетите и во шеесетите години од 20 век. Моќта на Русија е само сенка на онаа што ја поседуваше Советскиот Сојуз , па поверојатно е дека „ сударот“ на Западот и Истокот ќе се одвива некако во „ сенка“, или во состојба што некои ја нарекуваат  „студен мир“.

Западни и НАТО експерти, затоа, предупредуваат дека Русија може да претставува закана и стратешки проблем за Западот и Алијансата само ако тие не успеат изградат  политички консензус. Изгледаше дека лондонскиот Самит може да го покаже неуспехот на тој план. До тоа, сепак, не дојде. Веројатно во зданието во Вотфорд, каде се одржа  годинешниов Самит- јубилеј надвладеало сознанието дека од неедеинството во НАТО  може да профитира единствено Москва.

(С.С.Г.)

 

 

 

 

 

 

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе