„Смрзнати“ разговори на Зеленски со Путин
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и рускиот Владимир Путин, постигнаа согласност во Париз за целосен прекин на огнот во Источна Украина и за размена на сите заробеници до крајот на оваа година.
Согласноста на двајцата претседатели, всушност, претставува ревитализација на стариот договор од Минск, од пред три години. Прашањата околу статусот на двата отцепени региони – Донецк и Луганск – без чие разрешување не може да има вистински и траен мир- меѓутоа, не беа воопшто ниту покренати, па останува за нив да се разговара во некое друго време.
Ова беше прва средба на Зеленски и Путин и таа се одржа во Елисејската палата во францускиот главен град, со посредство на претседателот Емануел Макрон и на германскиот канцелар Ангела Меркел. Разговорите траеле девет часови, но поминале во, како што се опишува, крајно студена и речиси „смрзната“ атмосфера меѓу двајцата преговарачи.
Украинскиот и рускиот претседател не се поздравиле при среќавањето, а избегнувале меѓусебно и да се погледнат, комуницирајќи индиректно, преку двајцата посредници.
Ревитализација на договорот од Минск
Воените судири во источните делови на Украина избувнаа во април 2014 година, веднаш по руската анексија на полуостровот Крим.
Се верува дека досега во судирањата загинале над 13 илјади лица, на двете страни, додека околу еден милион луѓе се третираат како бегалци, или како раселени.
Официјална Москва која и натаму зборува дека не е инволвирана во војувањата, туку дека таму војуваат локални „доброволци“, воено и економски, а и политички цврсто стои зад руските бунтовници во областите кои порано беа познати како Донбас. Бунтовниците во меѓувреме, еднострано прогласија своја „Донецка Народна Република“ која Русија не ја отфрла, иако ја нема признаено, онака како што ги има признаено за независни држави двете отцепени области од Грузија – Абхазија и Јужна Осетија.
И покрај „смрзнатата“ атмосфера меѓу претседателите на двете соседни земји, сепак, разговорите во Париз не се оценуваат како неуспешни. Особено што, договорите од Минск никогаш во целост не се исполнија, па непријателствата на Истокот од Украина никогаш вистински и не се престанати.
Зеленски: Постигнавме малку
Сите страни се согласиле, за четири месеци да се одржи нова рунда разговори на истата оваа „четворка“ на која би требало да се конкретизира како би изгледало организирањето на локални избори во бунтовничките региони, а тоа да не значи признавање на нивното отцепување од Украина.
Според францускиот претседател Макрон, се уште има многу несогласување околу ова прашање.
Зеленски по разговорите открил дека со Путин бил разработен нацрт-договор за повторниот транзит на руски гас преку украинската територија, но признал дека нема никаков договор за главните политички прашања – статусот на Донбас, во рамките на Украина и за тоа кој да ја контролира источната граница на Украина, која сега е граница меѓу бунтовничките региони и Русија.
„Постигнавме премногу малку“ – рекол украинскиот претседател по париските разговори.
Канцеларот Меркел, меѓутоа, не гледа толку песимистички на париската средба. „Има уште многу работа, но впечаток е дека постои добра волја да се успее“ – рекла Меркел. Претседателот Путин, пак, изјавил дека е задоволен, додавајќи дека Русија е „спремна да се заврши судирот“.
Путин: Нова Сребреница во Донбас!?
Подоцна, меѓутоа, и тој како и Зеленски се огласија со поинакви размислувања околу париската средба.
Украинскиот претседател порачал дека Киев „нема да се откаже од својата територија и од својата самостојност“, а за политичките прашања врзани за Истокот на Украина рекол дека е „невозможна федерализација на земјата, па дека таа останува унитарна држава„. Освен тоа, Украинецот порачал дека не може да има компромис за Истокот на државата, на тој начин што ќе се дава украинска територија во рамките на меѓународно признатите граници.
„Донбас и Крим се дел од Украина“ – порачал Володимир Зеленски.
Владимир Путин, меѓутоа, подоцна возвратил дека доколку „Киев ја преземе контролата врз (источната) граница, можен е масакр како оној во Сребреница!
Според рускиот претседател, мора да постои апсолутна сигурност дека „народот на Источна Украина“ ќе биде сосема безбеден кога (Украинците) би ја презеле границата, затоа што без таквата гаранција може да се повтори она што во 1995 година се случи во источна Босна.
Нема спремност за компромис
Средбата во Париз беше организирана за да се воспостави крај на војувањата на истокот од Украина и за помирување меѓу завојуваните страни. Но изјавите дадени по средбата потврдуваат дека за да се постигне тоа треба и многу време и многу работа, но и спремност за компромис. Ништо од тоа, засега, не може да се забележи.
Русија постојано зборува дека не е замешана во војната, а нејзиниот претседател преговара со својот украински колега за запирање на војувањето. Украинската страна сака решавање на прашањата околу отцепените региони (Москва Крим не го ниту споменува), меѓутоа, останува на својата „црвена линија“, а таа е истата онаа која ја имаше и претходниот претседател Петро Порошенко.
Официјална Москва, затоа, ја одржува својата линија предупредувајќи на „националистичките сили“ во Украина. Во веќе спомената изјава, Путин рекол дека Зеленски продолжува да контактира со националистите и дека при тоа не е јасно кој во таа комуникација е главниот! Освен тоа, предупредил на „злото што би се случило ако тие сили навлезат во Источна Украина без да се добијат безбедносни гаранции“.
Излегува така, дека Зеленски и Путин се согласуваат дека не може да се согласат за повеќе работи, а пред се, за главните прашања кои се суштината на конфликтот.
Останува затоа да се види што ќе се случи на следната средба, на истата оваа четворка, за четири месеци, како и тоа дали во Киев е можно ублажување на неговата позиција.
Во секоја друга варијанта, Русија ќе обезбеди уште еден „замрзнат судир“ што на крајот, за некоја година, би можел да заврши според „грузиското сценарио“.
(С.С.Г.)