Белградски весник-шампион за лажни вести
Српскиот дневен весник „Информер“ е прогласен во Србија за шампион според бројот на објавените лажни вести што ги има направено и објавено во текот на оваа 2019 година. Шампионската „титула“ весникот ја има добиено врз основа на опсежното и темелно истражување на новосадскиот портал „Fake News-трагач“.
Втор на оваа листа е весникот „Ало“ кој според објаснувањето на истражувачите, минатата година имал објавено најмногу лажни вести, додека на третото место е „Курир“. Сите три весници се декларираат за „независни“, но во српската јавност се познати како медиуми блиски на актуелната власт во Србија.
За првонаградениот весник уште се тврди дека е „близок до српската тајна служба“ и дека на неговите страници често има написи и вести за дисквалификација на српската опозиција и на критичарите на власта, како од редот на домашните политичари, така и меѓу јавните личности.
Меѓу првите десет рангирани весници, според лажните вести што се појавиле на нивните страници, се наоѓаат и „Вечерни Новости“ првиот таблоид во некогашна Југославија и тогаш еден од најпопуларните и најпрофесионалните весници, потоа „Блиц“, па „Телеграф“, како и „Б-92“ радио станица која до нејзиното продавање, се третираше како единствениот вистински слободен медиум во Србија.
Според „Fake News-трагач“, лажни вести биле откриени и на програмите на двата јавни сервиси – РТС (Радио телевизија Србија) и РТВ (Радио телевизија Војводина).
Истражувачите на порталот изјавиле за српските медиуми дека во текот на нивното истражување биле откриени „цели фабрики“ за правење лажни вести и центри за пласирање само на дезинформации.
Некои белградски новинари, по овој повод, имаат изјавено дека лажните вести, всушност, се проект на државата и дека затоа против нив (засега) е тешко да се бори. Пари од државата, сметаат овие, одат за медиуми кои редовно се посочуваат како пример за газење на кодексот на новинарите, а не за малите локални медиуми, на кои тие пари им се најпотребни.
Дел од овие и вакви весници се дистрибуираат и во Македонија.
Шампионската редакција на „Информер“ е посебно популарна кај некои од вмровските телевизиски канали, па соработници од оваа редакција гостуваат во нивните програми, главно за да заеднички се дисквалификува актуелната македонска влада и посебно нејзиниот премиер.
Обично, при тоа, се изнесуваат смешни, измислени и крајно исконструирани „fake“ приказни од арсеналот на тајното, странско разузнавачко подземје.