Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

И Јапонија со бегство „a ла Груевски“

Thesupermat, Carlos Ghosn - Mondial de l'Automobile de Paris 2014 - 003, CC BY-SA 3.0

И Јапонија со бегство „a ла Груевски“

Станува „заразно“ бегањето од правдата на разни типови, (во основа, криминални) – од политиката, или од големиот бизнис, па таквата „заразата“ некако забрзано се шири низ светот.

Тоа веќе не се само соборените латино-американски (и други) диктатори, кои по угледот на мексиканскиот нарко-бос, „Кускулето„ бегаат за да не го минат животот, во затворска ќелија, туку и тргнати претседатели, осудени корумпирани премиери, или претседатели на компании, дури и оние најголемите и најугледните во светот.

Еден екс перуански претседател, обидувајќи се да избега, не успеа да најде безбедно засолниште за себе, па за да не му се суди се самоуби во својот дом – кога дојдоа да го уапсат.

Екс претседателот на Боливија, Моралес кој „во името на народот“ сакаше да владее вечно, избега прво во Мексико, па потоа се префрли во Аргентина, порачувајќи им на сограѓаните од кои избега за да не му се суди за поттикнување бунт – дека мисли на нив.

Бегство од правдата

Екс македонскиот премиер-осуденик за корупција, бегаше како малите сицилијански мафијаши низ четири држави, но тој под закрила на странски разузнавачки агенции (!) за да се смести во Будимпешта. Од таму праќаше поздрави до своите, продолжи да ја води својата националистичка партија и чека да се врати на „бел коњ“ за да го обнови режимот во Македонија.

А, сега, едно исто такво бегство, а ла Груевски, се случи таму каде тоа изгледаше дека е невозможно да се случи – во една Јапонија.

Таму тоа не бидува со политичар, затоа што традиционалните морални норми, попрво ќе го натераат да си изврши харикири, отколку да бега.

Но кога бегалецот е од бразилско потекло, а е израснат во Либан, на Блискиот Исток и уште поседува неколку пасоши, работите се менуваат. Без разлика што станува збор за Карлос Гон, еден од најугледните светски бизнисмени, екс претседател за мултинационалната автомобилска компанија „Нисан-Рено“.

Обвинет за четири кривични дела за финансиски малверзации, за лично богатење преку земање пари за себе од дилерите за автомобили на Блискиот Исток, како и за пренасочување на парите од „Нисан“ за себе, за што посебно го обвинува неговата поранешна фирма, Гон беше уапсен во Токио, во средината на ноември 2018 година и беше во затвор, па во домашен притвор, чекајќи го судењето.

Пасошите останаа во сеф

Со платена кауција од околу девет милиони долари за условна слобода и за домашен притвор, наместо затвор, тој престојуваше во еден од неколкуте свои резиденции во Токио, постојано надгледуван и прислушуван.

Како државјанин на три земји – Бразил, Либан и Франција, поседувал три пасоши и сите три се уште се наоѓаат во сефот на адвокатската канцеларија која го има застапувано и чии адвокати се имаат изборено тој да може да се брани од слобода.

Но, од 29 декември 2019 година тој е во бегство, а од последниот ден од годината која штотуку замина, Гон е во Бејрут, каде го има пречекано неговата сопруга.

Тој порано, а сега сопругата тврдат дека поранешниот бизнисмен е „невино обвинет“, дека станува збор за „политички мотивирани обвинувања“, како и дека „морал да бега поради суровоста на јапонскиот правен систем“!

„Аргументација“ зад која инаку се имаат криено (секој на свој начин) и Боливиецот Моралес, и избеганиот македонски деспот, а и оној несреќник, екс перуански претседател кој си го одзеде животот.

Заедничко за трите случаи е и тоа што не се знае како можело да се изведат бегствата кога обвинетите и осудените биле под постојан надзор, без разлика што е сосема јасно дека имало помагачи, внатрешни и надворешни.

Резервен француски пасош!?

Медиумите и безбедносните експерти сега се занимаваат со тоа како Гон се најде во Либан, без тоа никој во Токио, ниту од полицијата, ниту од обвинителството, а ниту неговите адвокати да го открие и за спектакуларното бегство сите да разберат од телевизијата, кога бегалецот се огласи од Бејрут.

Либанските власти, како и унгарските, во случајот со избеганиот екс македонски премиер, се правдаат дека „тоа не е нивна работа“.

За нив бегството на Гон е „приватна работа“, но објаснуваат дека тој не би можел да биде екстрадиран, кога Јапонија тоа ќе го побара, затоа што двете земји немаат таков меѓусебен договор.

Не сокриваат, при тоа, дека целото време, откако е уапсен, Либан му има давано секаква поддршка, бранејќи ја неговата приказна дека „за ништо не е виновен“.

Во меѓувреме, тргнаа разните верзии што се случувало со и околу бегалецот.

Јапонскиот јавен телевизиски сервис ХНК тврди дека властите му дозволиле на Гон да има кај себе „резервен француски пасош“ (!?) што според оваа телевизија фрла светлина за тоа како избегал, а ја потврдува и изјавата на либанските власти дека бегалецот влегол во нивната земја – со пасош на Франција.

Апсење во Турција

Властите во Токио ги претресуваат детално сите негови резиденции во јапонскиот главен град, додека неговите адвокати потврдуваат оти сите три пасоши на Гон се кај нив.

Француската амбасада во Токио одбила да коментира било што, а експерти проценуваат дека како и да е изведено бегството, станува збор за долго и темелно подготвувана операција за извлекување на обвинетиот од Јапонија, од неколку месеци, како и дека работата ја спровела некоја приватна безбедносна агенција.

ХНК подоцна објаснувала дека Карлос Гон во нормални услови и требало да има кај себе пасош, затоа што според јапонските закони, како странец тој морал да има документ за идентификација (тоа важи за сите странци) кога веќе немал специјална лична карта за странци.

Прашањето останува, како и зошто тој да има два француски пасоши, кога тоа е забрането во секоја држава во светот и кој и кога му има издадено и резервна патна исправа.

Како течеше времето, се отвораа други детали околу бегството, а како прво, сознанието дека во таа операција е вклучена и Турција.

Прво, затоа што бегството било извршено преку аеродромот „Ататурк”, а второ, кога турските власти објавија дека уапсиле седум лица вклучени во операцијата – четворица пилоти, еден директор на карго компанија и двајца аеродромски службеници.

Лет со приватен авион

Токиските медиуми тврдат дека Гон побегнал со приватен авион кој полетал од еден помал аеродром во јапонскиот главен град, што по неколку часови лет, слетал на истанбулскиот „Ататурк“ што сега е претворен во аеродром за приватни авиони.

Подоцна, со друг приватен авион полетал за Либан и на 31 декември слетал во Бејрут. За овој податок потврда има и од Интерпол, кој има распишано потерница по бегалецот, на барање на јапонските власти.

Некои турски весници пишуваат дека човекот кој едно време беше исклучителна фигура во светот на автомобилската индустрија и бизнисмен за углед и со респект, од станот во Токио каде престојувал во домашен притвор, што бил надгледуван од јапонската полиција, побегнал сокриен и затворен во голема кутија за пренос на музички инструменти.

Неговата сопруга побрзала да ја отфрли ваквата верзија, означувајќи ја како „бесмислена“ и неточна. Но, неговите адвокати потврдиле дека тој еднаш го направил тоа, преправајќи се во градежен работник, кога при излегувањето од затвор (бил 108 денови) не сакал да се појави пред новинарите. Бил, сепак, препознаен, па адвокатите морале подоцна да се извинуваат за неговата постапка.

Помош од паравоена група

Како и да е Карлос Гон, сега е најпознатиот јапонски бегалец за кого има „црвена“ потерница на Интерпол. Либан и Франција веќе соопштија дека нема да го екстрадираат, затоа што е нивни државјанин. Либанците немаат намера ниту да го судат за било која основа, а Французите – молчат.

Истанбулските весници, меѓутоа, откриваат дека бегството го организираа и извела една паравоена група, не откривајќи за која станува збор.

Нејзини припадници, се преправиле како рок музичари кои дошле да свират во станот на Гон во Токио. И, навистина имало свирка. Лажните музичари, потоа си ги собрале инструментите и опремата, ги натовариле во големо комби возило и си заминале.

Во една од големите музички кутии бил сокриен обвинетиот бизнисмен. Возилото заминало кон токискиот аеродром за летови со приватни авиони, носејќи го бегалецот кој од таму лесно избегал со еден од тие авиони за Истанбул.

Либанците и Унгарците

Вака прикажано бегството на Карлос Гон е мошне слично со бегството на лажниот македонски патриот и корумпиран екс премиер. кој само и покажа на јавноста во Македонија дека неговото преправање дека работи – „по цел ден и цела ноќ“ – било освен за да изведува неговата сметководствена операција и планирањето како да се „кидне“ од земјата, ако загусти, а да не се оди во затвор.

Сигурно е дека како и за Гон, било долго и темелно испланирано и дека во тоа била вклучена определена група помагачи кои ги смислиле деталите, за да таа биде изведено со разузнавачка прецизност низ три земји од Западен Балкан.

Унгарците продолжуваат да се „вадат“ за она што го направија и го прават. Нивниот шеф на дипломатијата, Сијарто, меѓутоа, пред празниците, на некој начин ја потврди разработената, глобална, шема за бегање од правдата, кога во Будимпешта има речено- преоблечен, или не, со кола или на друг начин, Груевски влегол во Албанија и во Тирана, во унгарската амбасада побарал (и добил) азил.

Кај Карлос Гон, сепак, сето тоа одело по елегантно и пософистицирано – да се знае разликата која постои меѓу него и македонскиот бегалец. Ист е само криминалот.

С.С.Г.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе