Поврзете се со нас

Skopje Global

Саркози на суд за корупција

Европа/ЕУ

Саркози на суд за корупција

antvlk/BigStock.com

Саркози на суд за корупција

Поранешниот француски претседател Никола Саркози, најпосле, ќе мора да оди на судење.

Еден париски суд одреди судењето на обвинетиот Саркози да се одржи во текот на октомври годинава, откако низа години, бројните адвокати на поранешниот шеф на француската држава успеваа, со поднесување бројни жалби и приговори, да го одлагаат судењето, кога веќе не им успеа да спречат тој да се појави на суд.

Саркози е обвинет за корупција и за злоупотреба на службената должност, а неговиот случај во француската јавност се означува како „настан без преседан“ затоа што тој е првиот претседател на Франција кој е обвинет за корупција.

Поткуп за судија

Според обвинителниот акт, поранешниот претседател, на почетокот од 2014 година, се обидел преку својот адвокат и добар пријател Тиери Херцог, да дојде до тајни податоци кој кај себе ги имал судијата Жилбер Азиберт, нудејќи му како награда за тоа, нова и повисока функција во Монако.

Од порано, Саркози „влече со себе“ уште еден друг судски случај за кој доколку биде прогласен за виновен би можел да добие казна затвор од една година.

Станува збор за старото обвинување за незаконското, екстра трошење пари за неговата изборна кампања, при обидот да го освои и вториот претседателски мандат. Се тврди дека неговиот буџет за изборите бил надминат за цели 20 милиони евра.

Обвинителството инсистира дека Саркози и неговиот изборен штаб, претходно, биле предупредувани дека трошат многу повеќе пари од она што дозволува законот.

Тој пак се оправдува дека овој случај од 2013 година е „целосно затворен“ затоа што во спогодбено порамнување со обвинителството, Саркози вратил 400 илјади евра.

Сарко се соочува со затвор

Обвинителството, меѓутоа, сега тврди дека целиот случај бил одново отворен, откако било откриено постоењето на цела низа лажни сметки со кои биле покриван енормниот вишок потрошени пари. За ова дело покрај екс претседателот се обвинуваат уште и 13 други лица.

Како сега стојат работите, овие обвинувања за корупција и за злоупотреба на службената должност го ставаат Саркози во мошне тешка ситуација и тој се соочува со осуда, иако продолжува да тврди дека не е виновен и дека обвинувањата имаат политика заднина.

Тој до судењето станува да се брани од слобода, што е можеби единствената отстапка што му се прави како на поранешен претседател на државата.

Францускиот суд верува дека тој нема да избега, како што, на пример, веруваа и властите во Скопје, во случајот со поранешниот македонски премиер, осуден за корупција. Тој како и сите деспоти и луѓе кои креирале режим од власта која им била доверена, избега за да не ја отслужи затворската казна, користејќи при тоа и странска разузнавачка и друга помош.

Згора на тоа, од своето скривалиште во Унгарија, продолжува да ја води својата националистичка, популистичка и русофилска партија, заеднички со неа подготвувајќи терен за негова и на партијата рехабилитација, за да еден осуденик се врати на власта!

Политичари во судир со законот

Никола Саркози беше претседател на Франција во еден мандат – од 2007 до 2012 година. Пред тоа беше и француски министер за внатрешни работи. По неуспехот да добие втор, едно по друго мандат, Саркози се обиде да се врати во Елисејската палата за изборите во 2017 година, но не успеа да ја помине ниту партиската номинација.

Тогаш фаворит беше Франсоа Фијон и многу е веројатно дека тој ќе станеше претседател, доколку во текот на кампањата не беше откриено дека ги плаќал со државни пари сопругата и синовите, пријавувајќи ги како советници, иако тие ништо не работеле, ниту оделе на работа. Поднесе оставка и едноставно исчезна од политиката.

А за претседател беше избран еден компромисен кандидат, новак во политиката, Емануел Макрон, заеднички избор на демократска и либерална Франција против ултра-десничарката Марин Ле Пен.
Саркози, пак, можеби е првиот претседател што е обвинет за корупција, но не е првиот шеф на државата на кому му се судело.

Не така одамна починатиот Жак Ширак, иако беше погребан како еден од најголемите француски политичари на поствоена Франција, во текот на целата кариера имаше проблеми со правдата и правосудството.

Постојано беше прогонуван за злоупотреби со парите, уште од времето додека беше градоначалник на Париз. После многу години провлекување, најпосле беше суден и осуден.

Доби казна затвор од две години, која му беше веднаш заменета со условна.

(Ф.П.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе