Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Саудискиот принц го хакирал Џеф Безос

Mazen AlDarrab, Mohammed Bin Salman al-Saud2, CC BY-SA 3.0

Саудискиот принц го хакирал Џеф Безос

Саудискиот принц-престолонаследник Мохамед бин Салман го хакирал приватниот мобилен телефон на американскиот милијардер Џеф Безос, сопственик на „Амазон“ и на угледниот весник „Вашингтон Пост“ неколку месеци пред да биде убиен Џамал Кашоги, саудиски дисидент, новинар и публицист, инаку остар критичар на младиот принц- откриваат британските медиуми.

Според експерти на кои се повикува лондонски „Гардијан“, Салман преку видео порака го хакирал мобилниот телефон на Американецот Безос, на тој начин што видео пораката, испратена преку WhatsApp, содржела штетни кодови.

Видео порака

Станува збор за една видео порака која Безос ја има примено на 1 мај 2018 година, како и дека после тоа, од неговиот приватен телефон била симната повеќе од половината од содржината која била таму.

Сомнежите и обвинувањата кон младиот Салман се засновуваат на настаните што потоа се случувале. Пет месеци по тој инцидент, беше убиен Кашоги, инаку колумнист и аналитичар во „Вашингтон Пост“ – весник кој и онака е критички определен кон внатрешните состојби во Саудиска Арабија и кон регионалната политика на саудиското кралство. Девет месеци подоцна, американскиот таблоид „National Enquirer” отпочнал со објавување написи за приватниот живот на најбогатиот Американец.

Лондонските медиуми сега тврдат дека принцот Салман е близок со сопственикот на овој таблоид, Дејвид Пекер.

Казнување за „Вашингтон Пост“

Безбедносни експерти изјавиле дека со ваквите напади врз Безос, саудискиот принц многу е веројатно дека сакал да ги спречи острите и критички определени написи на Кашоги кон него и кон властите во Ријад, што се објавувале на страниците на „Вашингтон Пост“, но со дисквалификациите кон милијардерот, се верува дека целта била да се предизвикаат силни потреси на њујоршката берза во Вол стрит, како и во Силиконската долина.

Џамал Кашоги беше убиен на 2 октомври 2018 година, во комплексот објекти на конзулатот на Саудиска Арабија, во Истанбул. Тој отишол таму за да земе лични документи, што му биле потребни за неговата венчавка со една турска државјанка.

Долго време Ријад ги отфрлаше обвинувањата дека е одговорен за смртта на Кашоги, но подоцна потврди дека Саудиецот бил убиен во, наводно, несреќен сплет од околности. Саудиска Арабија не дозволи меѓународна и независна истрага, па наместо тоа обвини десетина лица (од тамошната безбедносна служба) дека се одговорни за убиството.

Петмина беа осудени на смрт, додека другите добија затворски казни од вкупно 24 години. Никој од блиските соработници на Салман не беше обвинет.

ОН бара истрага и за хакирањето

Експерти за човекови права на ОН ја осудија ваквата постапка на Саудиска Арабија, инсистирајќи дека во убиството на новинарот биле инволвирани високи саудиски функционери. Истите експерти реагираа и по повод пишувањата на британските медиуми и откритијата околу хакирањето што тие ги изнесоа. Се бара случајот со хакирањето на мобилниот телефон на Безос да биде темелно истражен, а истрагата да биде насочена и кон крунскиот принц Бин Салман.

Амбасадата на Саудиска Арабија во Вашингтон ги отфрли сите вакви обвинувања, нарекувајќи ги „бесмислени и апсурдни“. Џеф Безос и саудискиот принц значително ги имаат влошено своите односи, откако Кашоги беше убиен во Истанбул.

Кашоги побегна од Саудиска Арабија во јуни 2017 година, во доброволен егзил во САД. Од септември таа година, тој почнал да соработува со „Вашингтон Пост“ пишувајќи главно колумни. Во април 2018 година, Џеф Безос бил на ручек со саудискиот принц Бин Салман и тогаш тие двајцата си ги размениле броевите од нивните приватни мобилни телефони.

(С.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе