Поврзете се со нас

Skopje Global

Брифинг/Weekly

Принцот Чарлс сака во Иран

palinchak/BigStock.com

Принцот Чарлс сака во Иран

Британскиот престолонаследник, принцот Чарлс изјави дека би сакал да го посети Иран во официјална посета.

„Секако би сакал да одам во Иран. Знам дека Иран игра значајна улога во светот, со векови наназад, и има свој придонес во човековите постигнувања, во културата, поезијата, уметноста“

…рекол во интервју за лондонски „Сандеј Тајмс“ принцот Чарлс, додавајќи дека тоа значи оти станува збор за еден извонреден народ.

Желбата на Чарлс да го посети Иран доаѓа во време на сериозни тензии на Техеран со Западот. Иранско-американските расправии и јавно манифестирано непријателство, за малку не се претворија во трета војна во Заливот, останувајќи (засега) само како одмазднички напади – во стилот око за око – но, со целосна неизвесност и нејасност што ќе донесат наредните месеци.

Самата Британија подолго време има напрегнати билатерални односи со техеранските власти.

Тие уште повеќе се усложнија по апсењето и осудувањето на иранско-британската научничка Назанин Захари-Ратклиф која е мажена за Британец, има дете од тој брак и е британски државјанин. Официјален Лондон подолго време бара таа да биде ослободена, но во Техеран и натаму сметаат дека е осудена како „шпионка“, па затоа останува во затвор.

Во секој случај, во разговорот за лондонскиот неделник, Чарлс рекол дека „сака да биде миротворец“ и дека тој постојано се моли за мир на Блискиот Исток.„Мислам дека најзначајната работа е обезбедувањето траен мир“ – рекол престолонаследникот, надоврзувајќи се на пораките што на крајот од минатата недела тој ги има дадено при престојот на Светата земја.

Британското кралско семејство, на чело со кралицата Елизабета, се исклучени од тековната домашна и надворешна политика, но Чарлс уште од порано, повремено, навлегува во овој „сектор“ преку своите ангажмани за меѓуверски дијалог и за екологија.

Бугарија во евро-зоната од 2023 година?

Бугарија би можела веќе од 2023 година да и се приклучи на зоната на единствената европска валута- еврото- изјавила за бугарското државно радио БНР, Кристалина Георгиева, генерален директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ).

„Тоа е сосема можно. За тоа, во Давос, на Светскиот економски форум, разговарав со претседателот на Европската централна банка (ЕЦБ) Кристин Легард која смета дека постои позитивен развој во Бугарија, па таа очекува плановите за приклучување да се одвиваат според предвиденото темпо“- рекла Георгиева.

Влегувањето во зоната на еврото е стратешка определба на актуелната влада на премиерот Бојко Борисов. Во Софија е најавено дека од април оваа година, Бугарија ќе се приклучи на механизмот за девизен курс, т.н. ЕРМ2, познат уште и како „чекалната за еврото“.
Станува збор за банкарското прилагодување кон зоната на еврото и системот за фиксен паритет во кој државата (во случајов Бугарија) треба да се наоѓа пред да влезе во евро-зоната.

Макрон како Ширак

Францускиот претседател Емануел Макрон се расправал со израелската полиција во Ерусалим, откако тие му се испречиле пред влезот на црвата Света Ана.

„Не го сакам тоа што стоите, овде пред мене“ – му се развикал францускиот претседател на еден од полицајците.

Зборувајќи на англиски јазик (неговата сопруга е поранешна негова наставничка по англиски јазик и драматургија) Макрон изразил разбирање за работата на полицијата, но и побарал, како што рекол, „да се почитуваат правилата кои овде (во Ерусалим) важат со векови“.

Познатата црква Света Ана е изградена од крстоносците, уште во 12 век. Отоманската Империја им ја подарила на Франција во трајно владеење, па таа сега има екстериторијалност и претставува француска територија на тлото на Светиот град. Француската држава има вкупно четири такви локации во Ерусалим.

Инцидентот на Макрон е идентичен со случајот на починатиот поранешен претседател Жак Ширак, од 1996 година. Тогаш пред влезот на истата црква беше запрен Ширак, но од израелските војници. И тој зборувајќи на англиски јазик, им се развикал на војниците…

„Дали сакате сега веднаш да се вратам во својот авион и да си заминам“ – барајќи од нив да се тргнат.

Цркавата Света Ана е лоцирана во источниот, стар дел од Ерусалим, сосема блиску до крајот на безбедносната зона во која секогаш има многу полиција и војници.

До војната во јуни 1967 година, Ерусалим беше поделен град, а Истокот на градот, каде се сите стари христијански објекти, па и оваа француска црква, беше во т.н. арапски дел, во државата Јордан.

Во војната Израелците го освоија источниот дел, го обединија светиот град, а Ерусалим целиот стана израелски. Меѓународната заедница, меѓутоа, и натаму источниот дел од градот, Западниот Брег, Газа и Голанската висорамнина ги смета за „окупирани територии“.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Брифинг/Weekly

Горе