Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Трамп останува во Белата куќа

shganti777/BigStock.com

Трамп останува во Белата куќа

Трет пат во историјата на САД, во текот на изминатите недели, беше спроведена постапка за импичмент (за отповикување) на американски претседател од функцијата и за судење кое според Уставот се спроведува во Сенатот (Горниот дом на Конгресот) – и по трет пат „судот“ со мнозинство гласови се определи шефот на државата да остане на функцијата.

Прв пат тоа се случило во 1868 година, во случајот со 17-от претседател Ендрју Џонсон.

Во тогашната постапка за отповикување, спроведена затоа што претседателот го сменил министерот за војната Едвин Стонтон без согласност на Сенатот, бил покренат импичмент. Се гласало на два пати, но и во двете изјаснувања на сенаторите, Џонсон успеал да се провлече – останал на функцијата само благодарејќи на еден глас повеќе во негова полза.

Втор пат, ваквата постапка се спроведе, цели 130 години подоцна, во 1998 година за Бил Клинтон, како 42-от претседател на САД.

Без изненадување

Поводот овој пат беше „аферата Луински“ (неговата тајна љубовна врска со младата соработничка во Белата куќа Моника Луински) за која тогашниот претседател долго време ја лажеше и својата сопруга и американската јавност, тврдејќи дека не само што немал никаква врска со неа, туку и дека не ја познава. Клинтон беше обвинет за попречување на правдата. Во 1999 година, на судењето, Сенатот го ослободи, од обвинувањето, а тој и покрај скандалот, остана популарен во домашната јавност.

Пред крајот на минатата година Конгресот на САД, само со мнозинските гласови на демократите, покрена постапка за отповикување на актуелниот претседател Доналд Трамп.

Во Претставничкиот дом беше обвинет по две основи – за злоупотреба на службената должност – за притисок врз властите во Киев да покренат истрага за Џо Бајден и неговиот син, доколку Украина сака да ја добие одобрената воена помош од САД, како и за опструкцијата на Конгресот.

Ова беше третата постапка за импичмент, која на средината од оваа недела заврши како и претходните две – со ослободување.

Ваквиот епилог на ова судење, по кое Трамп останува во Белата куќа, не претставува никакво изненадување.

Неумолива партиска математика

За разлика од судењето на Клинтон кое имаше многу помала тежина од двете обвинувања против сегашниот претседател, а сепак, предизвика многу поголеми бранувања во американската јавност и малку требаше Клинтон да биде осуден, постапката против Трамп не доби во јавноста онаков одглас каков што демократите веројатно очекуваа. Дури и некои традиционални гласачи на демократите сметаа дека постапката не е потребна. Јавноста остана цело време поделена, иако оние кои тврдеа дека претседателот е виновен и треба да биде тргнат од функцијата, постојано беа во мнозинство.

На крајот, пред изрекувањето на пресудата, тоа мнозинство се сведе на само еден отсто разлика – 50 отсто од Американците веруваат дека Трамп е виновен, а 49 отсто дека треба да се ослободи. Еден отсто од анкетираните беа неопределени.

Во самиот Сенат, од 100 сенатори, мнозинство републиканци, 52 гласаа за ослободување, на претседателот од обвинувањата. Само сенаторот Мит Ромни, гласаше за осудување на Трамп, па тој ќе остана запаметен како првиот републиканец кој гласал „неговиот“ републикански претседател да биде сменет од функцијата.

Сите 47 демократски сенатори беа за казнување, што беше недоволно, зашто за осуда беше потребно дво-третинско мнозинство, или 20 сенатори – републиканци да гласаат за тргање на Трамп од Белата куќа. А, тоа беше невозможно да се постигне. Уште при гласањето во Конгресот, за покренувањето на целата постапка, се виде дека двете страни гласаат врз партиска припадност која во Сенатот му одеше на рака на претседателот.

„Лажно судење“

Демократите не го кријат своето разочарување. Спикерот Ненси Пелоси порача дека и покрај ваквиот исход, за САД и за националните интереси на земјата е многу важно, Трамп да не добие и втор мандат.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот Чак Шумер го нарече целото судење лажно, а постапката како „најнечесниот, најмалку темелниот и најнабрзина изведен импичмент во историјата на земјата“. Неговото незадоволство се темели на случувањата во текот на целиот процес, обвинувајќи ги републиканците за блокадите на постапката за судење на претседателот.

Уште пред да се знае резултатот од гласањето во Сенатот, Шумерс ја означи пресудата како „бесмислена“.

Лидерот на републиканското мнозинство сенаторот Мич Меконел, пак, во нам познатиот стил на меѓу партиско препукување, во секој случај и за секој повод, им возврати на демократите обвинувајќи ги дека „воделе војна против самата традиција“.

Постапката на Мит Ромни

Остана да се посочува републиканскиот сенатор Мит Ромни, кој самиот еднаш беше претседателски кандидат, како единствената светла точка на целата постапка. Не толку што беше за тоа претседателот да биде осуден, колку што со својата принципиелност го „спаси угледот на целиот Конгрес“.

„Трамп е виновен за страшната злоупотреба на јавната доверба. Сметам дека неговиот обид да се мами на избори за да се остане на власт, претставува досега најдрзок напад врз Уставот на САД“ рече меѓу другото Ромни, објавувајќи како ќе гласа во Сенатот.

Како и да е, Доналд Трамп во својот добро познат стил на комуникација со јавноста и на дисквалификација на неистомислениците, ја прославува победата. Барањето на демократите за импичмент го означи како „корумпирано“, затоа што целта била да се „поткопа неговото претседателствување“. Целиот процес го означи како една голема „лакрдија“, а обидот да биде сменет од функцијата ја нарече „лов на вештерки“.

Трамп ги победи демократите

Зборувајќи пред членовите на неговата администрација, пред персоналот на Белата куќа и претставниците на конзервативните медиуми, тој се фотографираше со насловната страница на весникот „Вашингтон Пост“ (весник близок до демократите) на кој главен наслов на првата страница е – Трамп е ослободен. Порача при тоа дека ќе и ја подари страницата на својата сопруга и дека ќе врами за да ја има за спомен.

Така или не, станува збор за најголемата досега победа на Трамп над демократите во Конгресот.

Тие сега ја напаѓаат администрацијата на претседателот и Белата куќа дека преку републиканските сенатори не дозволија во постапката да се вклучат уште сведоци и дополнителни докази, практично блокирајќи го процесот за импичмент, иако преку медиумите и бројните интервјуа и изјави, се појавија низа докази дека шефот на државата дејствувал спротивно на Уставот.

Во таа група, Американците ги ставаат сменувањето на амбасадорката на САД во Киев, Мари Јованович, затоа што не работела на тоа да се најдат „докази“ против Бајден и неговиот син. Потоа, сознанијата за делувањето на Руди Џулијани, кој како личен адвокат на Трамп патуваше во Киев и низ Европа за да се среќава со поранешните (сменети од украинските власти) обвинители и функционери за да ги наговара да помогнат да се најде нешто што би го компромитирало Бајден.

Поделеност врз партиска основа

Во таквите докази се вбројуваат и изјави на сведоци кои тврдеа во јавноста дека знаат за притисоците врз властите во Киев. Конечно, тука е и забраната од Белата куќа, како сведок во постапката за импичмент да се појави Џон Болтон, сменетиот советник за национална безбедност на Трамп. Неговата книга која се подготвува (велат) ќе расветли многу работи од работењето и однесувањето на претседателот.

Меѓутоа, со покренувањето на постапката за судење се отворија бројни дилеми кои некои аналитичари во САД ги имаа и порано – за тоа дали демократите можеби си „пукаа во сопственото колено“, правејќи го Трамп „жртва“ кај неговите гласачи. И тоа во изборна година.

Неговата популарноста во републиканскиот табор, сега по ослободувањето од обвинувањето, според Галуп, изнесува дури 94 отсто. Толкав процент републикански гласачи го одобруваат неговото работење како претседател. А на ниво на САД, Трамп има поддршка од 49 отсто, што е најголема откако тој беше избран во ноември 2016 година.

Од друга страна, судењето покажа колкава е голема и длабока поделеноста во САД, како на партиско ниво, така и во целото општество. Дури 90 отсто од републиканските гласачи смета дека Трамп не бил виновен за да морало да му се суди во Сенатот. На другата страна, голема маса демократски определени гласачи се убедени во вината на актуелниот шеф на државата, дека го погазил Уставот на САД.

Републиканците под надзор

Втората работа што импичментот ја покажа, а најдобро го илустрираше гласањето и во двата дома на Конгресот, тоа е дека Трамп сега ја има Републиканската партија целосно под своја контрола. Таквата сегашна состојба, многу важна пред изборите на есен, е сосема различна од онаа пред четири години. Во 2016 година, и покрај победата на ноемвриските избори, никој од водството на републиканците не му беше наклонет.

Токму неговата популарност кај гласачите, се смета дека го има направено овој пресврт – како конгресмените, така и сенаторите не сакаат да им се спротивстават на републиканските гласачи, па затоа и се максимално претпазливи во изјавите кои ги даваат во јавноста и покажуваат лојалност, не толку кон самата партија, колку кон претседателот.

Се смета дека Трамп има наметнато надзор без преседан, со своето однесување – фалејќи ги (јавно) оние кои го поддржуваат и стојат зад него, а критикувајќи ги оние дури и за мали и сосема безначајни замерки или забелешки. А тоа доведе републиканците да гласаат партиски, како никогаш до сега.

Блокиран Конгрес

Тоа, пак, откри дека Конгресот на САД, институција во која „се крстат“ Американците, како симбол на нивната демократија, што како пример им се нуди на светот и на младите демократии во разни земји, сега е целосно блокиран во меѓупартиската поделба и ривалитетот на републиканците и демократите.

Откако овие ја презедоа контролата на Претставничкиот дом на Конгресот, имаат свој Спикер (Ненси Пелоси), но не може да ја спроведат конгресната политика.

Цела низа закони кои ја имаат поддршката на Долниот дом, не поминуваат во Сенатот, или најчесто не се ниту разгледуваат. Велат сето тоа по налог на Белата куќа.

Дури и републиканската сенаторка Лиза Мурковски е загрижена за состојбата во Конгресот. „Тажно е но Конгресот како институција е пропаднат“ – има изјавено сенаторката.

Ова е сосема спротивно од времето, на пример, на Бил Клинтон. Тој како претседател на САД – демократ, во еден период од две години, немаше мнозинство од неговите демократи и во двата дома, но Конгресот не беше блокиран како што е тоа сега.

Со трпелива работа на правење компромиси беа носени потребните законски акти.

Овие сегашните, меѓутоа, не ретко се судираат врз големите идеолошки разлики – конзервативизмот и десничарењето на републиканците и либералната демократија која ја бранат демократите.

Сервис-Скопје/Глобал

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе