Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Мигранти – по две траси до Франција

vverve/BigStock.com

Мигранти – по две траси до Франција

Набргу откако во петокот Турција ја „отвори вратата“ на земјата, односно својата граница за мигрантите на нејзината територија, за да можат слободно да заминуваат во Европа, на неколку интернет страници во земјата, како и на интернет страницата турската државна телевизија, се појавија информации, означени како „корисни“ за мигрантите.

Во текстовите напишани на арапски јазик, се појавија географски карти со исцртани траси за тоа како да е движат мигрантите (бегалците). Сите карти тргнуваат од од сириската провинција Идлиб.

Таа се уште е под контрола на џихадистите и на разните вооружени, милитантни исламисти, што инаку ги помага Турција, а картите им покажуваат на луѓето избегани од воените судири, како да се префрлаат на европскиот Запад, пред се, во Франција и Германија.

„Јужна“ траса

Станува збор за своевидно упатство за тоа на кој начин и по која траса, да се движат, или оние мигранти кои имаат пари, како да патуваат за да стигнат до Западот, советувајќи ги при тоа, да го заобиколуваат Западен Балкан, односно сите држави од поранешна Југославија, заедно со Албанија.

Според предложените траси, кои ги пренесоа некои европски медиуми, првата е насочена директно кон Грција- преку четири нејзини острови во Егејско Море и по копно, во реонот на Еврос (кај граничната река Марица).

Во овој дел што е блиску до турскиот град Едрене и е најблиската граница на ЕУ, од грчката страна покрај силни полициски и погранични сили, од скоро има и специјални сили на војската.

Тука беше направен и првиот обид за насилно влегување на мигрантите, на грчката, а тоа значи и на територијата на Унијата, каде се случија и првите судири со грчките погранични сили.

Упатството, меѓутоа, сугерира да не се остане на грчката територија, туку да се обезбеди префрлување во Италија, а од таму директно во Франција (!?) која се нуди како крајната дестинација.

„Источна“ траса

Втората траса која би можела да се нарече „источна“, исто така, тргнува од реонот северно од Едрене, но наместо кон грчката, сугерира да се тргне кон бугарската територија.

Станува збор за уште една земја-членка на ЕУ, која делови од својата граница со Турција ја обезбедува со жичана ограда, со полиција и војска и со помал контингент припадници на ФРОНТЕКС.

Од Бугарија, мигрантите не би требало да се упатуваат кон Србија, на пример, туку се советуваат да продолжат кон Романија, а од таму кон Унгарија и Австрија, од каде може да се определуваат дали ќе се префрлаат кон Германија, или ќе навлезат кон Франција, која и според оваа втора предложена траса, треба да биде крајна дестинација.

Веднаш по објавата на претседателот Таип Реџеп Ердоган, за тоа дека Европа/ЕУ ќе мора да плати за наводното, непридржување на договорите со Турција, околу бегалците, направен по напливот од луѓе од Блискиот и Средниот Исток, во 2015-2016 година.

Уцена од Анкара

Со тоа турскиот претседател ја бранеше својата одлука за пуштање на бегалците да заминуваат на Западот. Следниот ден, пораката на Ердоган беше уште попрецизно и подиректно објаснето низ нескриената уцена до ЕУ – ако Унијата сака да нема бегалска криза, тогаш ќе мора да ја поддржи „турската иницијатива“ во Сирија.

Тоа значи, ЕУ да застане зад операциите на Турција и на нејзината армија во сириската провинција Идлиб, каде војува со сириската армија, зад која стојат Русија и руската војска, чии две бази се стационирани југозападно од оваа провинција.

А, тоа требаше да значи дека ЕУ се соочува со можноста од директна конфронтација со Москва, ако не воена, тогаш сигурно политичка, а тоа не го сакаат повеќето од членките на ЕУ. Не затоа што го бранат и поддржуваат режимот на Башар ал Асад, туку затоа што не го прифаќаат мешањето на Турција во сириската граѓанска војна, онака како што се прави сега, а посебно со барањата „безбедносни зони“ на сирискиот Север, кои се смета дека се насочени против тамошните Курди.

Порака до Париз?

Во ЕУ, најгласен во критиките е францускиот претседател Емануел Макрон, кој не само што не прифаќа никакво врзување на ЕУ со Турција, туку ги брани и правата на Курдите и на сириска, но и на турска територија.

Во својата контроверзна изјава дека „НАТО е во состојба на кома“ Макрон, практично, зборуваше за политиката на Анкара во сириската граѓанска војна. Тогаш тој запраша – дали НАТО би требало да ја брани Турција (како членка уште од 1952 година) доколку војската на Сирија навлезе на турска територија, во нивната меѓусебна пресметка – а при тоа се знае дека Алијанската да не била ниту консултирана за турската интервенција на сириската територија.

Европски аналитичари, затоа и веруваат дека ваквите карти со „јужната“ и со „источната“ траса кои завршуваат во Франција, треба да се разберат како „порака“ и заканување на Анкара кон официјален Париз.

(С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе