Џастин Трудо во самоизолација
Канадскиот премиер Џастин Трудо се наоѓа во самоизолација, која е преземена како превентивна мерка од коронавирусот – соопштил кабинетот на премиерот на Канада. Ваквото решение било донесено откако неговата сопруга Софи Трудо била осомничена дека е заразена со овој вирус. И за двајцата се направени тестови за да се утврди нивната здравствена состојба.
Во соопштението се вели дека поради ваквата неочекувана ситуација, канадскиот премиер ќе работи од дома, од каде и ќе ги раководи работите околу владата.
Треска после Лондон
Сопругата Софи Грегори почувствувала здравствени проблеми, кои се сметаат за типични за овој вирус, веднаш по враќањето од Лондон и Велика Британија. Во британскиот главен град, таа има одржано неколку предавања и при тоа се има сретнато и комуницирано со голем број луѓе. Кога добила треска, веднаш побарала да биде тестирана за коронавирусот.
Во меѓувреме, тестовите покажаа дека канадската „ прва дама“ е заразена со коронавирусот. За нејзината здравствена состојба, во владиното соопштение се вели дека е стабилна и дека е заразена во поблага форма.
Премиерот Трудо не е заразен, но во следните 14 денови, тој ќе мора да остане изолиран.
Во кабинетот на премиерот изјавиле дека токму во следните денови тој имал закажано бројни и важни средби, но тие сега ќе ги извршува користејќи телефон и интернет комуникација.
Случувањата околу здравствената состојба со сопругата на канадскиот премиер , неочекувано, има добиено и меѓународни димензии, откако од Сараево беше јавено дека во самоизолација отишол и претседателот на претседателството на БиХ, Жељко Комшиќ, веднаш по неговото враќање од Канада.
Комшиќ во самоизолација по Канада
Во текот на својот престој, Комшиќ се има сретнато и разговарано со канадскиот премиер Трудо, па босанско-херцеговскиот политичар ги чека резултатите од тестовите на Софи Трудо (а и на сопругот) за да се утврди дали преку премиерот на Канада можеби и тој (евентуално) се има заразено. Сега кога се знае состојбата со сопругата на Трудо и неговата, останува Комшиќ и самиот да направи тестови.
Слична ситуација, како канадската, има и во Шпанија, иако таму состојбата е потешка, отколку онаа во Канада.
Владата во Мадрид објави дека следните 14 денови ќе работи преку видео врска, откако министерката Ирена Монтеро, беше тестирана позитивна на коронавирусот. Таа, меѓутоа, е партнерка на потпретседателот на владата Пабло Иглесијас, лидер на партијата Унидас Подемос, која е главниот коалициски партнер на шпанските социјалисти кои го чинат мнозинството во Парламентот и во владата.
Шпанската влада преку видео линк
Монтеро и Иглесијас живеат заедно во невенчана врска, во која имаат деца, па поради заразата на министерката, сега во самоизолација се наоѓа и вториот човек на владата на Шпанија
Според премиерот Педро Санчез, министерката има блага форма на вирусот, па се очекува таа да се опорави, додека сопругот- заменик премиер ќе остане во изолација. За да не се блокира владата, одлучено е да се користи современата технологија за комуникација меѓу министрите и премиерот, па и седници на владата ќе има преку видео линк.
Ситуацијата со коронавирусот во Шпанија е многу посложена. Досега се регистрирани над 3000 заразени, што е најголем број во Европа, по оној во Италија. Починати се 84 пациенти. Половината од заразените се во Мадрид и неговата околина, а таков е односот и кај починатите.
Заболени министри
Во другите земји, нема вакви ситуации (засега), но во Франција од минатата недела е заболен министерот за култура, а преку него и некои од неговите најблиски соработници, како и неколкумина пратеници. Во Велика Британија, заразена е помошник министерот за здравство, некои нејзини соработнички, како и пратеници во Вестминстер со кои таа комуницирала.
Британија забрзано го зголемува бројот на заразените кои сега е околу 600, со десетмина починати, а премиерот Борис Џонсон предупредил дека голем број семејства, можеби, ќе мораат после оваа епидемија да останат без свои блиски и драги луѓе. Проценка е дека можеби десет илјади Британци да бидат заразени од овој вирус.
Сега, кога се покажа дека Софи Трудо е заразена додека престојувала на британска територија, излегува дека ниту Лондон повеќе не е безбедно место за посети.
(С.Г.)