Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

САД и Кина во расправија за „кинескиот вирус“

photoguns/BigStock.com

САД и Кина во расправија за „кинескиот вирус“

Во ова време на глобална пандемија, каква немало сто години, САД и Кина како да не трагаат по некакво глобално решение, туку се зафатија во расправија за Ковид-19. Расправија која, сепак, не и доликува на ситуацијата, во секоја од овие две земји, а и на општата криза (здравствено-економска) во светот.

Расправијата започна кога претседателот Доналд Трамп, на една од редовните прес конференции во Белата куќа го оквалификува коронавирусот како „кинески вирус“. На почетокот тоа и не изгледаше дека ќе предизвика полемика на Вашингтон со Пекинг, но во одделни политички кругови во САД таквата изјава беше критикувана.

Особено што од почетокот на брзото ширење на вирусот беше јасно дека ни моќната Америка не ќе може да го одбегне вирусот на својата голема територија, а најмногу затоа што Трамп беше полн со разбирање, во времето на кинеската борба да го стави вирусот под контрола. Тогаш кога сите, надвор од Кина, го обвинуваа Пекинг за задоцнетата реакција.

„Гревот“ на лекарот од Вухан

Во тоа време, Трамп во своите Твитер пораки го бранеше кинеското државно раководство за „храбрата битка„ со вирусот, спротивставувајќи се и на критиките во американските медиуми кои ја осудуваа бавното реагирање. А, критиките се засилија откако се разбра дека вирусот за прв пат се појавил уште во декември 2019, како и дека еден локален лекар ги известил властите во Вухан, епицентарот на вирусот, за големата закана што тој ја носи.

Западните медиуми реагираа гневно кога се дозна дека човекот бил укорен (некои велат и казнет) за „кревање паника“.

Во меѓувреме, во САД, во северозападниот дел од земјата, беше регистриран првиот заразен со коронавирусот, инаку човек кој допатувал во Америка од Кина.

Подоцна тој стана и првата американска жртва, но во тоа време американската администрација се однесуваше незаинтересирано за ситуацијата со вирусот, иако Кина го немаше достигнато „пикот“ со заразата, а Европа веќе се претвораше во второто епицентрално подрачје.

Претседателот на САД тогаш уверуваше дека работите се под контрола (!) и дека вирусот би можел и да ја одмине Америка.

Неспремни Американци

Официјален Пекинг ја искористи ситуацијата, кога вирусот не само што не ја одмина САД, туку забрзано се рашири низ целата земја, за да му врати на Трамп. И тоа тогаш кога се откри дека и Американците не се доволно подготвени за еден ваков предизвик- да се борат со зараза и болест (Ковид-19) за која нема директен лек, ниту вакцина за да се спречи, а особено на огромен простор со 350 милиони население.

Излезе дека ниту Американците немаат капацитети, лекари и медицински кадар за да се справат со епидемија од големи размери, каква е оваа, а ниту дисциплина кај населението за да се стават „под контрола„, што ќе рече во масовен карантин.

Кинезите го обвинија американскиот претседател дека „не сака да ја прифати одговорноста“ за грешките околу вирусот на почетокот од заразата со „задоцнетата реакција“. Трамп продолжи да зборува за „кинески вирус“. Во Пекинг за тоа му се лутат, како и за критиката дека „светот плаќа тешка цена„ затоа што Кинезите бавно и доцна јавија што се случува и какви се размерите на вирусот. „Многу подобро ќе беше доколку Кина веднаш јавеше што навистина се случува„- рече Трамп во една прилика.

Застрашувачки бројки

Кинезите уште возвраќаат со контра критика дека американскиот претседател не е доследен, затоа што Пекинг почнал да го известува САД за корона вирусот уште од 3 јануари. А целата нервозна атмосфера се надополни со одлуката на Белата куќа да се ограничи движењето на кинеските новинари во САД, на што од Кина реагираа со протерување на дописниците на трите водечки американски весници- „Њујорк Тајмс“, „Вашингтон Пост“ како и „Вол Стрит Џорнал“.

Додека расправијата беше на сцена- пандемијата достига до сега незапаметени размери. На глобално ниво, до правењето на овој текст, се регистрирани без малку 308 илјади заболени и нешто над 13 илјади починати.

Од сите заболени пациенти се излечени 96 илјади.

Кина има над 81 илјада заболени (46 нови, од оние кои се враќаат во земјата од странство), со 3261 починати и со 5400 сериозни и критични случаи. САД, пак, има без малку 27 илјади заболени, дури 7300 новозаболени, повеќе дури и од Италија која е далеку најпогодена во Европа, а сега и во светот, с0 340 починати. На тој начин, Америка се искачи на третото место во светот, според заболените, пред сите други европски држави.

Кинеската одговорност

Како и да се оценуваат некои изјави на американскиот претседател, сепак, Кина останува најодговорна за она што и се случи, но и она што му го пренесе на целиот свет, во поголем или помал обем.

Прво, со продолжувањето на светот да му „продава“ по некој смртоносен вирус, што како се смета, се создаваат во тамошните се уште ниски санитарно-хигиенски стандарди, со навиките од минатите векови на пазарите да се нуди и продава се и сешто- од свежа храна, до диви животни – на исто место!

Втората работа е дека кинеските власти задоцнија со известувањето до меѓународната јавност какво зло е создадено во нивниот десетмилионски Вухан. Оној лекар кој прв предупреди и самиот стана и жртва на вирусот. Својата грешка, Кинезите се обидуваат сега да ја поправат со посмртното извинување до семејството на лекарот и колку што се знае со сменување на претседателот на КП на Кина за овој град и областа Хубеј, што може да се претпостави дека значи признание за задоцнетата реакција на властите.

Конечно, иако Кина сега ги продава своите „рецепти“ за карантин и за целосна изолација и сугерира строго да ги применуваат, кинеските методи за целосно затворање на тамошните мега градови, не може секаде да поминат, колку и насекаде да е неопходен тотален карантин.

Велат биле употребени брутални методи (!?) во дисциплинирањето на населението, но тоа се случуваше откако стана јасно дека Кина ја губи битката со вирусот што таму се создаде, а го губи и престижот во светот, како земја која има претензии да биде светска сила.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Свет

Горе