Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Меркел во изолација поради коронавирусот

shganti777/BigStock.com

Меркел во изолација поради коронавирусот

Германскиот канцелар Ангела Меркел (65) од неделата вечерта (22 март) се наоѓа во домашен карантин, во услови на само-изолација, откако се разбрало дека била во контакт со лице кое, како што се покажало, на тестот за коронавирусот било позитивно, односно заразено.

Според портпаролот на германската влада, ваквата одлука била донесена затоа што е заразен еден од лекарите на канцеларот Меркел кој претходно ја има вакцинирано. Кога се разбрало за тоа, Меркел и самата побарала да биде во изолација, во својот дом.

Ваквата одлука на германскиот канцелар се случила само неколку часови, откако таа ја извести јавноста во Германија за заострување на мерките за спречување на ширењето на смртоносниот вирус. Од понеделникот (23 март) Германците, наместо до сега дозволеното групирање, во најмногу до пет лица, со одлука на владата во Берлин е намалено на комуникација на само две лица.

„Максимална разумност“

Тоа значи дека во Германија и натаму е на сила политиката строго да не се ограничува движењето, како што е тоа случај во другите земји на ЕУ (и светот), туку максимално да се ограничи дружењето меѓу луѓето и нивната комуникација. Овие мерки се однесуваат на комуникации на јавни места.

Во својата порака пред да влезе во изолација, Меркел порачала дека Германците ќе мора да се придржуваат на сите до сега донесени мерки и при тоа „да покажат максимална разумност“.

Портпаролот на владата рекол дека канцеларот продолжува со редовна работа, само што сега тоа ќе биде од нејзиниот дом.

Таа не е првиот европски (и светски) политичар која се најде во една ваква ситуација, но секако е првата од редот на светските политички лидери.

Трудо и Санчез

Џастин Трудо – Пред Меркел, во самоизолација се најде и канадскиот премиер Џастин Трудо, откако неговата сопруга се заразила со вирусот за време на нејзиниот службен престој во Лондон, во Британија.

Речиси идентична е ситуацијата и во Мадрид, каде премиерот на Шпанија Педро Санчез е во самоизолација, затоа што е заразена неговата сопруга Бегона Гомез.

Шпанската ситуација со вирусот е мошне тешка, но е и прилично сложена и кога станува збор за функционирањето на владината администрација, затоа што се заразени две владини министерки, а при тоа една од нив е и животна партнерка на шпанскиот вице-премиер, па и тој се најде во самоизолација, иако и тој и Санчез не се заразени.

Владата, како и Парламентот (Кортес) продолжуваат да дејствуваат во вонредни услови, одржувајќи седници преку видео комуникација. Згора на тоа, заразен со вирусот е и се уште актуелниот претседател на шпанскиот регион Каталонија, Ким Торе, па е ставен во карантин.

Принцот Алберт и Иранката Ептекар

Не се разбра кој беше прв на списокот на оние кои се заразени, како и на оние кои се во самоизолација, но се верува дека прва заразена, а на висока државна позиција беше потпретседателкста на Иран, Месумех Ептекар. Таму, пред нејзиниот случај, беше јавено дека починал од коронавирусот еден висок советник на верскиот лидер, ајатолахот Хаменеи.

На европскиот континент, прв заразен во некоја од владите, беше францускиот министер за култура. Потоа за заразувањето призна и британскиот помошник министер Надин Дорис, како и поранешниот шеф на француската дипломатија, а сега главниот преговарач на ЕУ, прво за Брегзит, а сега за идните европско-британски односи, Мишел Барније. Има и еден полски министер, а како позитивни после тестирањето се и дел од луѓето со кои сите овие работеле, или блиску соработувале.

Принцот Алберт – Изненадување предизвика соопштението на кнежевската палата во Монако дека принцот Алберт кој е суверен на оваа, една од најмалите европски држави, е заразен со вирусот. Не е познато како и каде го има „закачено“ вирусот, освен што е соопштено дека неговата здравствена состојба е добра и дека станува збор за поблага форма на вирусот. Тој како и сите други ќе мора да биде во карантин, до конечното заздравување.

Случајот со холандскиот министер

Бруно Бруинс – Сепак, како најбурен настан во политичките случувања во ЕУ, врзани за состојбите околу вирусот, е оставката и повлекувањето од владата на Холандија на тамошниот министер за здравство Бруно Бруинс.

Во екот на една жешка парламентарна дебата во Хаг, токму околу коронавирусот и за тоа како земјата се справува со него, Бруинс се онесвести на говорницата додека одговарал на пратенички прашања. Брзо интервенирале неговите колеги и го подигнале министерот незнаејќи за што станува збор и дали можеби тој е заразен. Подоцна беше јавено дека не станува збор за некоја болест, туку дека човекот – едноставно – се онесвестил од исцрпеност, после низа денови силна работа.

А, потоа уследи изненадување – без некое поголемо објаснување, министерот поднесе неотповиклива оставка, а премиерот Марк Руте, а потоа и кралот Виљем Александер, брзо ја прифатија. За сега екс министерот, се врзува здравствената стратегија за т.н. на стекнување на колективен имунитет. За вакво справување со вирусот, првично беше и Британија и нејзиниот премиер Борис Џонсон, но под притисок на домашната јавност се откажа. Засега, во Холандија има 4800 заразени, а 213 починати.

Колинда Грабар Китаровиќ – Во реонот на Балканот, колку што е познато во самоизолација е само доскорешната претседателка на Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ. Таа влезе во изолација по враќањето од САД, каде се има среќавано со луѓе во средини, каде подоцна се разбра дека имало заразени.

Актери, спортисти и Доминго

Питер Датон – Во Австралија заболе тамошниот министер за внатрешни работи Питер Датон, па поради него во изолација се најде и Иванка Трамп, ќерката на американскиот претседател Доналд Трамп, со кого таа се има сретнато во Вашингтон, за време на неговиот престој таму, пред да знае дека е позитивен на вирусот.

Ранд Пол – Во САД, пак, заразен е угледниот сенатор Ранд Пол, а како позитивни се тестирани повеќемина конгресмени, како и градоначалникот на Мајами, од она што засега имаат јавено американските медиуми.

Том Хенкс и Рита Вилсон – Во светот на познатите лица, први на листата на заразените се најдоа актерот-оскаровец Том Хенкс и неговата сопруга Рита Вилсон, додека престојуваа во Австралија. Подоцна самите се огласија дека се заразени и актерите Идриз Елба и Даниел Дае Ким, еден од крими серијата „Хаваи-Фајф Зиро“ и поранешната Џејмс Бонд девојка, Олга Кириленко. Има на десетина американски кошаркари од НБА, играчи на американскиот фудбал, фудбалери во Италија и во Шпанија, меѓу нив и поранешната ѕвезда на италијанскиот фудбал Паоло Малдини, заедно со неговиот син, тренерот на лондонски „Арсенал“ Микел Артета, како и 19 годишниот играч на „Челси“ Калам Хадсон-Одои.

Пласидо Доминго – Со признание дека е заразен од страшниот вирус се огласи и познатата оперска ѕвезда, сега остарениот тенор Пласидо Доминго, дел од некогашната прославена оперска „тројка“ – со Хозе Карерас и Лучијано Павароти.

(Г.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе