Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

„Унгарската демократија во карантин“

polack/BigStock.com

„Унгарската демократија во карантин“

Виктор Орбан лесно успеа да добие екстра овластувања за управување со Унгарија од Парламентот во Будимпешта во кој неговата националистичка-популистичка партија Фидес има двотретинско мнозинство, јавуваат европските медиуми.

Според новите овластувања, унгарскиот премиер ќе може да управува со декрети, што власта го оправдува со вонредната ситуација со која се соочувала земјата, наметната со пандемијата со коронавирусот.

Унгарија има околу 500 регистрирани заразени и до сега 16 починати пациенти, што е најмалку во целото нејзино опкружување- споредувајќи се со Австрија, Словенија, Хрватска, Србија и Романија.

Владеење со декрети

Има помалку заболени и од малечкиот Луксембург, што зборува дека унгарската ситуација во глобалната пандемија со овој вирус е неспоредливо полесна во однос на ситуацијата во Италија и Шпанија, или во Франција и Германија, каде се воведени вонредни мерки за пресметката со заразата и каде одредени региони и провинции, или целите земји се ставени во карантин, но ниту италијанскиот, а ниту шпанскиот премиер немаат побарано да управуваат со своите земји – со декрети.

Од претходно, уште од самиот старт на појавувањето на вирусот на европскиот континент, во земјата беше воведена вонредна состојба, што само по себе и дава на владата специјални овластувања, но ова сега, со новиот закон значи натамошно зголемување на владината моќ, за која домашната опозиција вели дека се однесуваат на зголемување на овластувањето на Орбан да дејствува сам, како во услови на авторитарна држава.

Тој самиот, во Парламентот има изјавено дека новодонесениот закон ќе го користи „пропорционално и целосно рационално“, но сепак, не се објавува до кога ќе биде во употреба и дали тој ќе се повлече, кога ќе се објави дека опасноста од вирусот е помината.

Опозицијата не му верува на Орбан

Опозициските партии и од двата блока не му веруваат на Орбан кој и онака изминатите 10 години на власт, управува авторитарно, војувајќи со либералната демократија, со ЕУ, околу непочитувањето на судските и медиумските слободи, како и спротивставувајќи се на европската солидарност, која е еден од темелите на Унијата.

Лидерот на партијата Јобик, која едно време им беше и коалициски партнер на Орбан и на Фидес, остро се спротивставила на законот за екстра овластувања за премиерот, тврдејќи дека сега „унгарската демократија е ставена во карантин“.

Локалните медиуми јавуваат дека над 100 илјади Унгарци се потпишале под петицијата против донесувањето на еден ваков закон. Посебно што тој сега, врз основа на „специјалните овластувања“, на Орбан (и на владата) им овозможува дури и да ги затвораат своите критичари, како и независните новинари кои единствени и досега можеа да му спротивстават и да го критикуваат.

„Диктатура во ЕУ”?

Меѓутоа, нему лојалните новинари и агенции за испитување на јавното мислење, што во Унгарија важат за сосема блиски до партијата Фидес, тврдат дека нивните анкети покажале дека Унгарците го подржуваат новиот закон. Дури 90 отсто (!?) рекле дека ги прифаќаат мерките за специјални овластувања за Орбан, а дека 72 отсто бараат уште повеќе да се заостри кривичниот закон.

Во една ваква политичка атмосфера во која премиерот ја има под контрола Унгарија, опозицијата и активисти за човекови права инсистираат дека еден ваков закон кој поради глобалната пандемија, му дава право на премиерот да дејствува со декрети, во ниедна вистинска демократија и во ниту една слободна држава, не би можело да помине.

Виктор Орбан се брани дека законот нема да значи гушење на слободата на говорот, но веднаш потоа јавно ги има дисквалификувано опозицијата и критичарите во кусата парламентарна дебата, тврдејќи дека „несогласувајќи со законот покажува дека тие го БРАНАТ вирусот“!!

Затоа, некои унгарски аналитичари и новинари кои од безбедносни причини се префрлиле во соседните држави од ЕУ, проценуваат дека Унгарија би можела да биде „првата диктатура во ЕУ“.

(Б.У.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе