Поврзете се со нас

Skopje Global

Западен Балкан

Москва жали по Црна Гора

Golden Brown/BigStock.com

Москва жали по Црна Гора

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, деновиве, и јавно покажа колку многу Москва жали по Црна Гора и колку тешко го преболува свртувањето на Подгорица кон Западот и нејзиното зачленување во НАТО.

Лавров учествувал во една видео-конференција со студенти од московскиот Државен институт за меѓународни односи , а потоа одговарал на нивни прашања. На едно студентско прашање, шефот на руската дипломатија требало да одговори и за ситуацијата во и околу Црна Гора!? Во информацијата на руските агенции не е јасно како се нашла токму малечката поранешна ЈУ република на „дневен ред“ во, инаку, изобилството теми од меѓународните односи и политика, за кои студентите би требало многу повеќе да се заинтересираат, кога станува збор за Русија и светот.

„Издајството“ на Подгорица

Но , државната агенција ТАСС во информацијата за конференцијата ја има издвоено и темата за „црногорското прашање“ , односно за сегашните руско-црногорски односи. Тоа би требало да наведе на заклучок дека по стариот , добар советски обичај – и прашањето било однапред договорено, а и одговорот од претходно бил подготвен, за да може Лавров и неговиот МИД ( Министерството за надворешни работи) да им порачаат на властите во Подгорица, што мисли Москва за нив. А, многу веројатно- и за да се испрати порака до целиот регион на Западен Балкан.

Суштината на „одговорот“ на министерот на студентското „прашање“ е грубата дисквалификација на актуелното црногорско, означувајќи го како без малку „ненародно“ и јавната пресметка со претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ. И тој и државниот врв на оваа независна и суверена држава, првиот човек на рускиот МИД ги прогласува за „русофобични“ и за издајници!

Кога ќе ве издаде, не едно лице, туку една држава, која до тогаш била покрај вас, тоа е многу тажно

…рекол Лавров за пресвртот на Црна Гора во нејзината гео-стратешка политичка определба.

Потопени руски амбиции

Црна Гора од слеп поддржувач на политиката на официјален Белград, кога станува збор за балканската политика и посебно за блискоста во односите со Москва, како што тоа можат да дејствуваат – две очи во една глава- се определи за нешто сосема друго.

Во земја со силна евроатланска определба, насочена кон членството во ЕУ и НАТО- која уште пред Србија го започна процесот за преговори за влез во Унијата, отворајќи брзо неколку од поглавјата и згора на се – со поднесувањето кандидатура за влез во Северноатланската алијанса и влегувајќи во НАТО, како 29-та членка.

Тоа во Москва, која на независна Црна Гора, по нејзиното излегување од она што Слободан Милошевиќ го смисли како „малечка Југославија“, било болно доживеано како предавство и како забивање на нож во грбот на Русија. Тоа е очигледно од зборовите на Лавров.

Едноставно, руската дипломатија тоа не го очекуваше, затоа што ја сметаше оваа малечка земја од 650 илјади население, како своја енклава на Јадранот и особено како локација со која ќе се остварат империјалните руски амбиции за излез на топло море.

Нешто што не можеше да го постигне и во времето на комунизмот и на моќниот СССР, со тогашната титова Југославија. Конечно, настанатиот пресврт предизвика и Србија, на која Москва смета како на своја зона, да остане без излез на „свое“ море и изолирана и со измената позиција во балканскиот простор.

Ѓукановиќ на отстрел

Затоа, рускиот министер се пресметува со Ѓукановиќ, не избирајќи притоа зборови и не внимавајќи на дипломатскиот речник. Тоа, во крајно смисла, делува и недолично за шеф на дипломатија на една Русија, голема земја која упорно настојува да се прикаже себе си како еден од главните партнери и играчи на меѓународната сцена, инсистирајќи на правото на секоја држава самата да одлучува за својата иднина и политичка ориентација. Изгледа дека тоа важи само кога се однесува за случаи како Сирија, или како за Венецуела, на пример, или како за правото на оние од Абхазија и Јужна Осетија, да се отцепат од Грузија.

А во своето обраќање пред студентите, министерот ќе го оквалификува црногорскиот претседател за „моментален лидер“ , критикувајќи го што, како што рекол, е „20 години на власт“ и прикажувајќи го како криминалец , за кого рекол дека „имал проблеми со законите на Западот, обвинуван за шверц и за други работи во некои европски држави“.

Според агенцијата ТАСС, Лавров уште рекол – „Не ја исклучувам можноста токму тоа да е причината за неговиот (на Ѓукановиќ) пресврт од Истокот кон Западот“.

Секако, кога политичарите се толку многу ранливи, со нив може лесно да се манипулира – им порачал на студентите во Москва рускиот шеф на дипломатијата.

Отворени дилеми

Во својата елаборација на „ црногорскиот случај“, Сергеј Лавров констатирал дека „ големо мнозинство“ од луѓето во Црна Гора (не е користен терминот Црногорци) не го одобруваат и не ги поддржуваат „издајството и русофобијата“ на Мило и дека сето тоа таму е само „моментална ситуација“.

Е, сега, после ваквата „ елаборација“ многу прашања се отвораат. Прво, зашто сето ова се случува во овој момент, кога би требало активноста и на дипломатијата да се насочи кон сегашното главно зло – глобалната пандемија.

Таа е голем проблем за цела Европа, а и за самата Русија која допрва има сериозни проблеми, затоа што руската власт на почетокот како да ја игнорираше, уверувајќи ги сите дека таму „работите се под контрола“.

Потоа, тука се и заканите во стилот дека сегашната црногорска позиција е привремена, од што би требало да се заклучи дека после Мило Ѓукановиќ, наводните „здрави сили“ во државата (се мисли на црногорската, српска опозиција, која е против членството во НАТО, која не сака ниту во ЕУ и која заговара сојуз со Србија и секако со Русија, врз православно-словенска основа) ќе ја вратат Црна Гора назад, под руската капа.

Користење на црквата

Колку за потсетување – во октомври 2016 година, во време на тогашните избори, требаше во Црна Гора да се изведе пуч, со ликвидирање на врвното државно раководство, за што властите во Подгорица ги обвинија руските и српските тајни служби. Останува затоа да се размислува дали тоа некои во Москва размислуваат да ја надминат „моменталната ситуација“ со обезбедување победа (на било каков начин) за „здравите“ руски сили во Црна Гора.

Освен тоа, настапот на рускиот министер Лавров доаѓа по силниот притисок на официјален Белград – политички и преку дејствувањето на српската црква, против црногорскиот закон за определување на сопственоста на религиозните заедници во државата.

Законот ја става и СПЦ во исти рамки како и сите други заедници, што српската црква ја натера да ги „отвори картите“ настапувајќи од крајно националистички и според црногорските власти, од големосрпски позиции, со целосно негирање на етничката посебност на Црногорците и на верска самобитност на државата Црна Гора. Москва и руската црква од почетокот се на српската страна.

Пораките на МИД до Скопје

Ваквиот настап на Лавров и кај нас во Македонија остава горчлив вкус и предизвикува да се биде максимално внимателен за да не ни се случи уште еднаш некаков 24 април 2017 година.

Тогаш, со помош на странски разузнавачки сили, тогашната режимска власт, имајќи ја силната поддршка на Москва, се обиде со пуч да го тргне тогаш лидерот на опозицијата и да не дозволи смена на власта по изборите, кога веќе стана јасно дека националистичките, недемократски, криминални, антизападни и антиевропски сили, собрани во таа власта, а сега во овдешната опозиција, ја губат власта.

Единствениот „грев“ на новата власт беше што не сакаше Македонија да се претвори во руска енклава, што беше определена кон Западот и евроатланските интеграции и за таа дамнешна и стратешка цел на државата беше подготвена да направи историски компромис со Грција.

Едно писание од рускиот МИД , во стилот на елаборацијата на Сергеј Лавров за Црна Гора, неодамна прими и владата во Скопје.

Поводот беше подигнувањето на македонското државно знаме пред седиштето на НАТО и формалното влегување на нашата држава во Алијансата, како нејзина 30-та членка и „зеленото светло“ на Брисел за старт на преговорите со ЕУ.

Самото писание, инаку, не вреди посебно да се анализира – премногу наликува на држењето лекции и омаловажувањата во стилот од времето на СССР – според она – ако не сте со нас, вие сте против нас.

(И.Т.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Западен Балкан

Горе