Романија: Премиерот казнет за неносење маска
Романскиот премиер Лудовик Орбан е казнет со парична казна од 540 евра, затоа што ги има прекршено мерките на неговата влада за заштита од пандемијата со коронавирусот, во време кога во земјата се уште трае борбата со вирусот.
Романскиот Орбан собрал едно свое друштво во кое имало владини министри и соработници, во една од просториите во седиштето на владата во Букурешт на состанок, но се покажало дека премиерот, всушност, ги поканил на својот роденден.
Газење на прописите
На фотографијата што ја имаат објавено романските медиуми се гледа „здрава и опуштена атмосфера“ во која премиерот пуши, на масата има разна храна и обилно алкохол, а дека ниту еден од гостите нема маска на лицето, секако за да може да се пуши, јаде и пие, како и дека никој од гостите не е на пропишаната меѓусебна оддалеченост од два метри.
Единственото оправдување што го посочил романскиот премиер било дека тоа не бил состанок, туку дека тој ден го прославувал својот роденден. Во една од службените, владини сали, каде биле и шефот на романската дипломатија и министерот за економија.
Како и да е Лудовик Орбан, велат, собрал храброст за да се извини и ја платил казната.
Тој постапил како и австрискиот претседател кој беше „уловен“ како седи на разговор со свој познаник, без маска и во време кога не би смеел да биде надвор, на јавно место. И Австриецот и се извини на домашната јавност за сторениот пропуст.
Сето ова е сосема различно од арогантното однесување на в.д. лидерот на македонската националистичка партија кој привремено е поставен на челото на партијата, чувајќи му го местото на избеганиот лидер и екс премиер, осуден за криминал, а се однесува копирајќи го бегалецот.
Теретаната на опозиционерот
Овој се шета низ Скопје кога тоа е забрането со мерки за безбедност поради пандемијата, исти како и во Романија, или Австрија. Не носи маска, но и тајно посетува теретани, што не беа дозволени за користење – кршејќи ги на тој начин мерките што владата и епидемиолошките власти ги определија за борба со епидемијата.
А потоа, се сокрива зад техничкиот шеф на МВР, негово партиско другарче, немајќи храброст и доблест – барем да се извини.
Наместо тоа, своето прекршување на прописите, овој привремен шеф на партија, јавно зборува колку бил многу загрижен за здравјето на „народот“, инаку омилен термин на ултра-десничарските популисти.
За таков човек, од една таква партија, изгледа нормално, при тоа, да се нападне власта и да им се држи лекции на епидемиолозите, дека не си ја знаат работата.
(С.Г.)