Поврзете се со нас

Skopje Global

Бил Гејтс жртва на Ковид заговорот

Свет

Бил Гејтс жртва на Ковид заговорот

"2018 Berkshire Sunday at Borsheims" (CC BY 2.0) by BorsheimsJewelry

Бил Гејтс жртва на Ковид заговорот

Бил Гејтс го создаде и му го подари на човештвото оперативниот систем Виндоуз.

Во годината 2020, меѓутоа, наместо славен и величан, зашто светот денес едноставно не може да се замисли без неговиот изум, Гејтс доживува мачни моменти – да биде клеветен, обвинуван, суден, како некаков „државен непријател” и омразен – затоа што (наводно) го „направил“ коронавирусот!!

Чудовишни обвинувања

Не баш сосема така, туку и уште почудовишно – дека е „предводник на големиот заговор“ со кој сака да ја искористи глобалната пандемија со овој вирус, за да може да ги следи луѓето преку микрочипови.

Од оваа теорија на заговор се шират цела низа други во кои низ интернет мрежата се валка и се клевети овој човек кој има дадено милијарди долари за неговата филантропска активност во годините откако се повлече од управувањето со компанијата „Мајкрософт“ што ја има создадено, практично, од ништо (во гаражата на куќа на неговите родители), а пред за унапредувањето на здравјето на луѓето.

Едната од тие „теории“ го врзува со самото потекло на вирусот. А, таа е дека не станува збор за кинески вирус (како што е) туку дека Гејтс и тие со него го имаат создадено. Го смислиле и го создале само за да потоа од лековите против вирусот овој богат човек „собере“ уште повеќе пари и уште повеќе се збогати.

„Вметнување микрочипови“?

За вакцината која нормалниот свет ја очекува со нетрпение, антиваксерите веќе на стартот ја прогласуваат за непотребна, за опасна (!?) а тоа свое тврдење и тие го покриваат со обвинувањата дека Гејтс сака „да заработи на маките на луѓето“.
Во ова штетно и опасно друштво, меѓутоа, не мал број од нив упорно тврди дека „страшниот вирус не постои“. Или уште дека тој „не е ништо повеќе од потежок облик на грип“ од кој и онака умираат луѓе- секоја пролет и есен.

И едната и другата теорија на заговор се врзуваат за основното обвинување- дека Бил Гејтс сега сака создаде посебна вакцина против коронавирусот, за да преку неа, скришно, им се вметнат микрочипови! Создавачите на ваквите заговорнички теории се убедени дека тој така ќе станел господар на светот- ќе ја имал целосната контрола врз луѓето.

Вуду кукла

„Тешко е да се одговори на сите овие и вакви тврдења. Толку се глупави што на нив не вреди ниту да се реагира, зашто низ постојаното повторување тие може да добијат и во кредибилитет“ – има речено во една прилика Гејтс.

Но истражувањата на Јаху Њуз и на агенцијата Ју-Гав откриваат дека 28 отсто од оние кои го користат Јаху веруваат дека овој светски познат филантроп „сака да ја искористи пандемијата за некои од неговите мрачни цели“!

„Па, тоа се чисти глупости. Никогаш не сум бил дел, или сум вклучен во некаков план за микрочипови“

…зборувал Гејтс во едно интервју, не сокривајќи ја загриженоста, а посебно вознемиреноста дека целата оваа појава може да им наштети на хуманите цели за општо здравје на човештвото.

Оние кои настојуваат некако да ја објаснат оваа неразумна хистерија и секако да го одбранат човекот од сите вакви обвинувања, сметаат дека Гејтс е како некаква „вуду кукла“ во која сите овие разни групи кои ги произведуваат и ги шират теориите на заговор, ги забодуваат своите игли против човекот кој од секогаш е јавно лице, присутен во јавноста и како дел од заштитата на општото здравје.

Пораката од 2015 година

Се смета дека основата за експлозијата од клеветење против основачот на „Мајкрософт“ можеби треба да се побара уште од пред пет години. Во 2015 година, учествувајќи на една меѓународна конференција, Бил Гејтс има речено – „Ако нешто може да убие десетина милиони луѓе, во следните 20 години, најверојатно тоа повеќе ќе биде некој силен, инфективен вирус, отколку воен судир, некаква војна“.

Ова предупредување во тоа време има предизвикано мал, или никаков интерес во јавноста. Веста за оваа изјава на Гејтс, тогаш, ја имаат објавено само некои од поголемите новински агенции.

Но изминатата зима, во време на експлозијата на вирусот од Вухан, на неа се потсетија оние кои во 2015 година не се осврнаа на веста. Скопје/Глобал пренесе информација дека Гејтс уште пред пет години предупредувал на сценариото што ни се случи годинава и со која светот се уште се бори, продолжувајќи да брои заразени и починати.

„Смртна казна“ за Бил

Тој тогаш ги има прекорено државите и фармацевтската индустрија, но и на јавното здравство, што не се истражува повеќе и што не се прават подготовки за некоја масовна вирусна епидемија. Неговата тогашна визионерство и изреченото предупредување, набргу по потсетувањето на тие зборови, наместо, да го направат респектабилен, го претворија во некакво „чудовиште“.

За него некои српски антиамерикански и антизападни определени луѓе, на интернет имаат напишано дека „и смртна казна за Бил Гејтс е недоволна за да се казни страшното зло што го има направено“!

Пишувачите на интернет во Србија и Македонија, на пример, уште и се убедени дека токму тој им го има „пренесено“ вирусот на Кина, за да потоа, таа биде обвинета за неговото ширење.

Интернет го шири заговорот

Видео-снимката од тоа предавање во 2015 година, во оваа 2020 година било прегледано дури 64 милиони пати.

Иако, секој чесен човек од гледањето на снименото излагање на Гејтс може да разбере што тој всушност зборувал, оние другите, кои ги создаваат и ги шират лажните приказни, верувајќи им на измислиците, го обвинуваат дека е „предводник на напорите за депопулација на светот“ (за намалување бројот на населението) .

Сите овие и вакви обвинувања, спакувани како „заговори“, според истражување на „Њујорк Тајмс“, меѓу февруари и април годинава, биле споменати 1,2 милиони пати на телевизиските станици и на социјалните мрежи, пред се, на Фејсбук каде се најбројни и на Твитер.

Една таква „сигурна “ информација на една од социјалните мрежи, која весникот на пренесува, гласи: „Бил Гејтс ПОТВРДИ дека вакцината (против вирусот) сигурно ќе убие 700 илјади луѓе. Вирусот веќе има убиено над 3 милиони (бројката е кога е пишувана пораката) . Па тогаш, може ли некој да објасни, зашто јас би морал да се вакцинирам. Зашто би примил вакцина која ќе убие уште повеќе луѓе“!?

„Намалување на население“

Правени се и испитувања какви се лаги и целосно невистини се ставени на сметка на Гејтс и на Фондацијта што ја имаат основан тој и неговата сопруга Мелинда.

Па, излегува дека има за тоа оти тие тестирале вакцина во Африка и Индија, врз деца, од која умреле стотина илјади. Или дека Гејтс е на судење во Индија, па дека е обвинет во Кенија за продавање лекови од кои жените абортирале.

Во еден видео-клип во ултра-десничарското списание „Американска нација“ дека Гејтс и неговата фондација работат за намалување на населението преку давање вакцини и лекови против забременување. И уште, дека за оваа работа се поврзал со КП на Кина.

Само ова парче било кликнато на интернет 6500 пати, но било видено 700 илјада пати.

Гејтс како Сорос

Американски експерти за испитување на теории на заговор сметаат дека Гејтс е жртва на ваквата хистерија затоа што е познат личност, затоа што е многу богат и славна личност на денешницата. А, за ваквите луѓе, по правило, се врзуваат измислици дека тие „прават страшни работи“.

Како пример за тоа овие експерти ги посочуваат случаите со Џорџ Сорос и неговата борба за демократско и либерално општество, за човековите права и слободи што го прави „непријател“ на сите ултра-десничари, на сите расисти, националисти и популисти, на сите деспотски настроени политичари и партии.

Една четвртина од Американците, а 45 отсто од републиканските гласачи на Доналд Трамп, веруваат дека Гејтс сака да го искористи Ковид-19 за имплантирање микрочипови под кожата на луѓето. На пример, никој од американската администрација нема реагирано за да се запре хистеријата од лаги.

Не е случајно, што за „чипизацијата“ зборува и лидерот на руските комунисти Зјуганов.

Историјата на вакцините

А, во основата за ова обвинување, лежи соопштението дека Фондацијата на брачната двојка Гејтс дава пари за истражувањето на Масачусетс Инститјут оф Технолоџи (МИТ).

Овој, еден од најугледните универзитетски и научни центри на САД, работи на можноста ДА СЕ ЧУВА ИСТОРИЈАТОТ НА ВАКЦИНИТЕ НА ПАЦИЕНТОТ, во код што треба да биде невидлив за голо око, ставено под кожата при примање на вакцината против коронавирусот.

Експертите сметаат дека не е тешко од ова да се измисли „страшна“ приказна и да се надградува и да се преправа како се сака, што сега е многу лесно со интернет и со бројните социјални мрежи.

Значи, станува збор за нешто што се уште не е откриено- прво, нема никаква вакцина, а потоа ниту МИТ не го имаат завршено своето истражување.

„Базата е добра идеја“

Самиот Бил Гејтс има речено дека „базата за податоци е ДОБРА ИДЕЈА, затоа што станува збор за следење на вакцинацијата против короната. Ништо друго. Но, за ова не треба да се користат чипови“.

Теориите за „тајните заговори“ што наводно ги прави Бил Гејтс, сепак, не престануваат да градат низа САД, но особено низ Источна Европа и посебно на Балканот, па така и низ Македонија, од овдешните пишувачи на социјалните мрежи.
Овие овде, а и тие подалеку од нас, како да не знаат дека токму Бил Гејтс е голем донатор на средства за Светската здравствена организација (СЗО).

Во изминатите две години, Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ има донирано за СЗО 530 милиони долари, што е 12 отсто од нејзиниот буџет. Во ова време државата САД за СЗО има уплатено 890 милиони.

(С.С.Г.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе