Поврзете се со нас

Skopje Global

Европа/ЕУ

Судир на бугарскиот претседател со Борисов

Anton Chalakov/BigStock.com

Судир на бугарскиот претседател со Борисов

Бугарскиот претседател Румен Радев и премиерот Бојко Борисов се најдоа во жесток политички судир, откако шефот на државата побара оставка на целата влада и разрешување на државниот обвинител.

Во обраќање до бугарската јавност, Радев рекол дека се одлучил на еден ваков, за бугарски прилики, непримерен потег, затоа што „оставки бара народот“, на демонстрациите против владата што ги има организирано бугарската, опозициска Социјалистичка партија.

Всушност, тоа биле протести на симпатизерите и поддржувачите на претседателот и на опозицијата кои барале оставки од Борисов и од неговата влада, обвинувајќи ги за корупција и за застрашувања на јавноста, како и поради притисоците кои (наводно) ги врши државниот обвинител.

Протести и контра-протести

Во Софија се одржале и митинзи и собирања на луѓе со поддршка за владејачката десно-центристичка партија ГЕРБ и за владата на Борисов , па во еден момент двете групи се судриле меѓу себе. Според полицијата, насилни приврзаници на опозицијата фрлале шишиња и камења кон припадниците на полициските сили, при што биле повредени неколкумина полицајци.

Дваесетина највоинствени меѓу демонстрантите, биле уапсени.

За ваквиот, по малку неочекуван развој на работите, што е на работ да предизвика сериозна политичка криза во Бугарија, претседателот ја има обвинето владата.

Според Радев , насобраните луѓе не биле негови приврзаници, или на опозицијата, туку дека тоа биле незадоволни граѓани , гневни поради корупцијата во владата и незадоволни од вкупната состојба во државата. А, пред се, поради, како што рекол „застрашувањата и притисоците“ кои доаѓале од канцеларијата на државниот обвинител.

Радев во служба на опозицијата

Румен Радев е претседател на Бугарија од 2016 година. Беше регистриран како независен кандидат, но ја имаше , а и сега ја има силната поддршка на Социјалистичката партија. Тој е поранешен генерал на бугарската армија, образован и школуван во Русија (СССР) кој ја има симнато униформата, за да стане политичар.

Од почетокот на својот мандат, тој е во постојан судир со ГЕРБ, а посебно со лидерот на партијата Борисов, кого го обвинува и за задушување на слободата на говорот во земјата. Според софиските аналитичари, сепак, станува збор за политичка битка на Радев со Борисов за превласт и за контрола врз бугарската политичка сцена, која трае веќе четири години.

Сите негови настапи се со остра критика за владата и секогаш се насочени за да и помогнат на Социјалистичката партија и на нејзиниот нехаризматичен лидер и на партиската недефинирана и многу често, премногу изразена националистичка определба.

Претрес во канцеларијата на претседателот

Во Софија велат дека Борисов размислува по завршувањето на мандатот да се повлече, но да се кандидира за претседател на земјата, што опозицијата настојува да го оневозможи, дисквалификувајќи го него и владата. Последниот потег, со барањето за оставка на целата влада, се смета како на своевиден претседателски „пуч“.

Целата оваа вжештена ситуација во Софија, меѓутоа, е предизвикана затоа што државниот обвинител има наредено да се изврши претрес во канцеларијата на претседателот на државата, при што биле уапсени двајца соработници во кабинетот.

Радев ги има повикано демонстрантите да ја урнат, како што рекол, „мафијата во владата“ и во обвинителството. Обвинителот, пак, го осуди однесувањето на претседателот тврдејќи дека дејствува антиуставно и дека ја нарушува независноста на бугарскиот правосуден систем и врши притисок врз обвинителството.

(С.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе