Две тинејџерки предизвикаа Ковид тревога
Две австралиски тинејџерки, предизвикаа Ковид – здравствена тревога во Бризбејн и во сојузната држава Квинсленд, како и гневна реакција на јавноста и на медиумите, откако обете заразени со коронавирусот, заминале илегално во Мелбурн, што од 7 јули се наоѓа под карантин. Таму го поминале времето во журки и дружење, а потоа се вратиле дома, во својата матична држава.
Оливија Муранга и Дијана Ласу се првите лица, заразени со корона, чии идентитет беше целосно откриен, со објавени фотографии во сите медиуми. Ваквиот преседан е направен затоа што со својата „неодговорна и криминална постапка“ имаат повредено низа мерки и прописи воведени за да се спречи ширењето на пандемијата, но и предизвикано кривични дела, загрозувајќи го здравјето на луѓето и овозможувајќи раширување на вирус на едно пошироко населено подрачје.
Од болница – на судење
По врќањето од Мелбурн, со авион, преку Сиднеј, тие цели осум денови се рашетувале низ Бризбејн и неговата поблиска околина. При тоа, не ги известиле пограничните органи дека престојувале во главниот град на соседната држава Викторија, што е сериозно погодена од, како што сметаат австралиските епидемиолози – вториот бран на вирусот, па се смета за опасно жариште.
Но, во исто време, постојано им давале на властите лажни информаци.
Тинејџерките посетувале кафулиња и ресторани, училишта, па дури биле и во еден медицински центар.
Сознането за таквото нивно однесување, предизвикало итно воведување карантин и изолација во целиот југоисточен дел на Бризбејн, каде престојувале и главно се движеле.
Тие се откриени и се сместени во изолиран дел на една локална инфективна клиника, а полицијата соопшти дека откако ќе заздрават, двете ќе бидат уапсени, а потоа и изведени на судење.
Заменик комесарот на бризбејнската полиција Стив Голчевски рекол дека покрај нив, во градот веќе има новозаразени лица, како и дека се верува оти бројот на заболените ќе расте во следните денови.
Црни рекорди на Мелбурн
Полицијата од Мелбурн има откриено дека во целиот овој заговор, имало и трето лице, кое е веќе заразено, а кое било со двете млади девојки од Бризбејн на една од журките.
Властите сега настојуваат да ги откријат сите од забавата и да ги сместат во карантин.
Истрагата, пак, се обидува да открие што ги натерало девојките да избегаат од хотелот за изолација каде биле сместени и да одат на забава во град, каде сето тоа што го правеле е забрането, откако во Мелбурн и покрај сите воведени мерки, продолжува да се шири епидемијата со уште позабрзано темпо.
Во последните 24 часови, во градот се регистрирани дури 720 новозаболени и 13 починати лица што е рекордно „црн биланс“ за градот и за државата Викторија, но и за цела Австралија која досега, релативно лесно и со малку човечки жртви помина низ глобалната пандемија од коронавирусот.
Во домашната јавност ваквите податоци се примени со голема вознемиреност, затоа што тие се далеку повисоки отколку во времето кога епидемијата ја погоди и оваа држава-континент.
„Криминални измамнички“
Во Мелбурн од пред три недели е воведен карантин од 40 денови, за кој сега се вели дека ќе биде продолжен.
Северните делови од градот се одново во ситуација грѓаните да мора да останат во своите домови, ако немаат потреба од излегување, а Мелбурн е и првиот австралиски град каде е задолжително носење маски за лицето.
После „црниот понеделник“, епидемиолошките власти најавуваат дека маските ќе станат задолжителни за целата територија на сојузната држава Викторија.
Сите досегашни мерки , сепак, барем засега, не даваат резултат, па на оваа австралиска држава отпаѓа дури 95 отсто од сите регистрирани заразени во земјата.
Локалната влада се обидува да ги натера луѓето да се тестираат, доколку забележат било какви симптоми кои би упатувале на корона, но тоа не се прави.
Најголем отпор и натаму даваат припадници на разните етнички заедници, меѓу кои е и македонската. Се јавуваат на лекар тогаш кога веќе се заболени.
Медиумите во Бризбејн, затоа, на случајот на двете тинејџерки му посветуваат голем публицитет, остро критикувајќи го нивното неодговорно, опасно однесување.
Весникот „Бризбејн Тајмс“ ги нарекува младите девојки – „криминални измамнички“.
(Г.И.)