Борисов нуди оставка
Бугарскиот премиер Бојко Борисов, на средбата со своите коалициони партнери во владата, понудил и оставка, како едно од можните решенија за надминување на сегашната политичка криза во Бугарија.
Ваквата ситуација настана среде лето, во екот на борбата со пандемијата со коронавирусот, а после претседателскиот „пуч“ на шефот на државата Румен Радев, против премиерот и неговата влада.
На средбата со партнерите во владата, Борисов зборувал за своето повлекување од функцијата, за да се спречат предвремени парламентарни избори и за да му се овозможи на сегашниот владин кабинет (со друг премиер) да го доврши својот мандат, пред редовните избори, во март 2021 година.
Радев испровоцира криза
Борисов е трет пат премиер, откако во 2009 година, за прв пат беше избран на таа функција. Неговата десно-центристичка партија ГЕРБ (Граѓани за европски развој на Бугарија) има мнозинство во Парламентот и заедно со пратениците од двете други партии кои ја сочинуваат владејачката коалиција, можат да обезбедат сигурно мнозинство за управување со земјата во следните осум месеци.
Тој и неговата влада во изминатите три години, дури пет пати се соочуваа со гласање за доверба во Парламентот, покренати од пратениците на опозициската, Бугарска социјалистичка партија (БСП).
Овој пат, опозицијата ги одбра улицата и уличните протести за да се пресмета со власта, а посебно со Борисов, барајќи од него оставка, но оставка се бара и од државниот обвинител.
Протестите директно ги испровоцира претседателот Радев, преку јавно обраќање до јавноста.
Во обраќањето шефот на државата го повика „народот“ да излезе на улица за да ја собори владата, за да се ослободи од корупцијата, за да се спроведат реформи на правосудниот систем и за „ослободување од сега задушената слобода на говорот“ во земјата.
Претседателот на државата се нафрли и врз државниот обвинител од кого и тој побара да си поднесе оставка.
Претрес кај претседателот
Таквиот настап предизвика зголемување на тензиите во земјата и протести кои траат неколку недели, без знак дека ситуацијата би можела да се смири.
Целата криза, меѓутоа, настана кога државниот обвинител нареди претрес на кабинетот на претседателот, при што беа притворени двајца негови советници. Радев го обвинува Борисов дека стои зад целата оваа операција.
Румен Радев е поранешен генерал на бугарското воено воздухопловство. Во трката за претседателската позиција тој беше подржан од бугарската социјалистичка партија. Од почетокот на неговиот мандат тој и Борисов се во постојана политичка битка.