Поврзете се со нас

Skopje Global

Нова војна за Нагорно Карабах

Свет

Нова војна за Нагорно Карабах

Знамето на Нагорно Карабах. Фото: Millenius/BigStock.com

Нова војна за Нагорно Карабах

Во подолго време спорниот регион Нагорно Карабах, одново има воени судирања меѓу двете соседни земји Ерменија и Азербејџан.

И двете страни меѓусебно се обвинуваат за тоа кој (овој пат) прв почнал. Двете земји тврдат дека им имаат нанесено „тешки загуби“ на противничките сили. И веднаш по тоа, во Ереван и во Баку, беше прогласена воена состојба, што би требало да значи дека овие две поранешни советски републики, кои станаа независни држави по распадот на СССР, се подготвуваат за подолготрајни и посериозни воени судирања.

Ерменска енклава

Нагорно Карабах е етничка ерменска енклава, која територијално е дел од државата Азербејџан, но врз која Баку нема никаква контрола уште од 1994 година. Тогаш е создадена демилитаризирана зона која ги раздвојува завојуваните страни, која сега, всушност, претставува гранична линија, што ја разделува енклавата од азербејџанската територија.

Двете земји претендираат дека енклавата е нивна и дека претставува дел од нивната државна територија. Ерменија силно инсистира на тоа, повикувајќи се на етничкиот состав на енклавата што го сочинува ерменско население.

Оваа најнова криза во реонот на Кавказот, започна уште во текот на летото. Во јули беше регистриран еден потежок инцидент во кој се тврдеше дека има и загинати. Сегашнава ситуација, меѓутоа, според воени експерти, не може да се нарече инцидент, туку воен судир, за кој се смета дека бил темелно испланиран.

Загинати и ранети на двете страни

Засега, ниту во главниот ерменски град, Ереван, а ниту во Баку, главниот град на Азербејџан, не се открива зашто овој пат е почната војна.

Но во дводневните судирања, во кое биле употребени тенкови, тешка артилерија, ракети земја-воздух, како и хеликоптери, на двете страни има вкупно 21 загинати лица – војници и цивили, а се споменуваат над 100 ранети.

Азербејџанските власти ја обвинуваат Ерменија дека нејзините сили гранатирале едно село, при што биле убиени пет лица, сите членови на едно исто семејство. Заменик лидерот на Нагорно Карабах, пак, тврди дека Азербејџанците имаат убиено 16 лица, не прецизирајќи дали станува збор за војници, или за цивили.

Во обраќањето до јавноста преку телевизија, азербејџанскиот претседател Илхам Алиев признал дека неговата армија има загуби во луѓе и во оружје, дека има загинати и меѓу цивилите, но и дека Азербејџанците ги „уништиле непријателските единици“, нарекувајќи ги како „бандити“ што е формулација која се однесува на припадниците на оружените сили на Нагорно Карабах.

Криза започната уште 1988 година

Властите во Баку имаат воведено воена состојба, како и полициски час во главниот град на Азербејџан и во другите поголеми градови. Ерменската страна, во меѓувреме, се пофали дека има уништено три тенкови и соборено два азербејџански хеликоптери, но од страната на Азербејџанците- ваквите податоци беа отфрлени, како воена пропаганда.

Властите на Нагорно Карабах ги обвинуваат воените сили на Азербејџан дека во судирањата, ги имаат бомбардирано главниот град на енклавата – Степанокерт, како и два други града, додека од Ерменија е стигнато обвинување и за тоа дека бил гранатиран и еден ерменски град.

Кризата во реонот и меѓу двата соседи настана уште во 1988 година, во времето на Советскиот Сојуз, кога тогашната автономна област Нагорно Карабах се отцепи од азербејџанската територија и прогласи независност.

По распадот на СССР, меѓу 1992 и 1994 година, двете екс републики, сега независни држави беа во вистинска војна која однесе многу животи и предизвика голема материјална штета, осиромашувајќи ги и онака сиромашните економии на Ерменија и на Азербејџан.

Сириски војници на азерска страна?

Во 1994 година, воените судирања престанаа, но Азербејџанците ја загубија контролата не само врз спорната енклава, туку и уште врз седум други региони. од 1992 година траат преговори за обезбедување трајно мирно решение, кое досега не може да се постигне. Преговорите се водат во рамките на т.н. Минск група, како дел од ОБСЕ, предводени од Русија, Франција и САД.

Париз и Москва веднаш реагираа и кај двете страни барајќи веднаш да запрат непријателства. Кремљ соопшти дека рускиот претседател телефонски разговарал со ерменскиот премиер, но не се дадени детали од разговорот.

Француските медиуми, меѓутоа, тврдат дека сегашните воени судирања би можеле и да се интернационализираат. Според нивни наоди, откриено е дека на страната на Азербејџанците има војници (платеници) од Сирија, како и дека Турција настојува да му помогне воено и политички на муслимански Азербејџан.

Ерменија, на чија територија покрај Ерменци и Руси, живеат и мал процент Азери, е доминантно православно- христаијанска земја.

Вака поставени, судирот за Нагорно Карабах би можел да биде и прв муслиманско-христијански воен судир во овој крајно чувствителен дел од светот.

(Е.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе