Поврзете се со нас

Skopje Global

Свет

Истрага за барањето дополнителни гласови во Џорџија?

actionsports/BigStock.com

Истрага за барањето дополнителни гласови во Џорџија?

Правни експерти во САД и во сојузната држава Џорџија побараа кривична истрага за да се утврди дали претседателот на заминување Доналд Трамп го има прекршено изборниот закон, во делот за изборни измами, јавува телевизиската компанија Си-Ен-Ен.

Барањето за една ваква истрага доаѓа откако се разбра дека во саботата Трамп, побарал од државниот секретар во Џорџија, Бред Рафенспергер, во телефонски разговор, да му најде и да му обезбеди 11.870 гласови, за да конечните изборни резултати за претседател на САД, во оваа држава, се свртат во негова полза.

Во Џорџија веќе се преземени и некои конкретни потези во таа насока, но целиот случај му е испратен на ФБИ.

Трамп „купува“ гласови

„Од тебе барам само да ми најдеш 11.870 гласови, еден повеќе од оние кои ги веќе ги имаме“

…му рекол Трамп на државниот секретар во разговор. чии снимени делови ги објави „Вашингтон Пост“ .

Откритието на весникот предизвика нова шокираност во американската јавност и уште едно разочарување во меѓународната заедница за состојбата со демократските вредности во САД, во ова време на администрацијата на Доналд Трамп.

Посебно во времето по изборите од 3 ноември и уверливиот пораз на Трамп што тој и натаму одбива да го признае, зборувајќи дека изборите „биле наместени”!

Според Си-Ен-Ен, меѓутоа, нема ниту малку лесно да се докаже намерата на Трамп да стори кривично дело. Во случај и да се покрене процес, на кој обвинетиот би морал да се соочи со порота, обвинителите ќе мора да докажуваат што навистина Трамп сакал да постигне.

А, тој сега и не бега од своите зборови и ништо не демантира, туку напротив, во една скратена верзија, пораката до државниот секретар на Џорџија ја има ставено и на Твитер.

Формална потврда во Конгресот

Според американските политички правила, кривично гонење на поранешен претседател е незабележан случај во модерните времиња на САД.

Освен тоа, претседателствувањето носи со себе голема моќ, што Трамп, таков каков што е и за каков се прикажува во овие последни денови во Белата куќа, сигурно е дека ќе настојува максимално да ја искористи.

Конечно, новоизбраниот претседател Џо Бајден веќе порача дека сака Америка да тргне напред, што ќе рече дека не би сакал својот мандат да го троши со скандалите и аферите од времето на Трамп.

Во секој случај, тимот на Бајден изјави дека целата таа работа ќе му биде препуштена на министерството за правда.

Целиот овој најнов скандал со поразениот претседател доаѓа непосредно пред 6 јануари кога Конгресот (како Долниот дом, така и Сенатот) треба формално да го затворат изборниот процес, потврдувајќи го Бајден за победник и за нов претседател на САД.

Битка за Сенатот

Оваа формална процедура, сега изгледа, како одлучна битка за поразениот Трамп да му напакости на крајот, на победникот на изборите, во настојувањето да обезбеди доволно свои истомисленици меѓу републиканците, посебно во Сенатот, за да може да се блокира Бајден и дури Трамп да може да остане во Белата куќа!?

Во исто време, токму сојузната држава Џорџија и нејзините гласачи, во вториот изборен круг, сега одлучуваат и за тоа кој ќе го има мнозинството во Сенатот. Тоа предизвика,  двете партии – републиканската на Трамп и демократската на Бајден, да водат жестока  битка за последните две сенаторски места.

Доколку изборите  ги добијат демократите, тогаш тие ќе го имаат под контрола и Сенатот . Двете партии ќе имаат по 50 сенатори, но со вклучувањето на потпретседателот при гласањето, а сега тоа е демократката Камала Харис, демократите ќе се стекнат со многу потребната предност. Особено што веќе ја имаат контролата и врз Долниот дом на Конгресот.

За демократите е многу важно да ја добијат битката во Џорџија, за да Сенатот  не може да ја блокира законодавната програма на новата администрација и да не го отежнува именувањето на функционерите во новата владина администрација.

(В.А.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Свет

Горе