Поврзете се со нас

Skopje Global

Екстра Глобал

„Апсолутно – Не“ за Ѓоковиќ

Neale Cousland/BigStock.com

„Апсолутно – Не“ за Ѓоковиќ

Австралиските власти ги отфрлија сите приговори на група тенисери, меѓу кои и на првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ, кои се во Австралија, за егзибицискиот турнир во Аделеијд и за Гранд слем турнирот во Мелбурн кој следи потоа, во врска со воведените мерки за заштита од коронавирусот.

Властите одбиваат да прифатат и било какви преговори меѓу играчите и организаторите на турнирот за евентуално олеснување на изолацијата во која сите сега се наоѓаат.

Премиерот на австралиската сојузна држава Викторија, Дениел Ендрјус, преку изјава за домашните медиуми им порача на налутените тенисери дека одговорот на владата (како и на здравствените власти) е едноставен – „Апсолутно – не“ за сите барања.

Писмо со барања

Ваквата реакција доаѓа откако српскиот тенисер Ѓоковиќ барал тенисерите да бидат порано пуштени од изолација.

Тој неколкупати контактирал, преку писма, со директорот на Аустралија Опен, Крег Тајли и при тоа нервозен за ситуацијата во која се наоѓаат играчите, барал низа попусти, незадоволен што се ставени во, како што рекол, тежок локдаун.

Најважното барање било – тој како и другите тенисери да бидат ПОРАНО ослободени од карантинот во хотелот во кој се чуваат со обезбедување и да бидат префрлени во ПРИВАТНИ КУЌИ во кои има ТЕНИСКИ ТЕРЕНИ, за да можело да тренираат.

Ѓоковиќ е во групата тенисери кои се „заробени“ во Аделејд, во еден тамошен хотел, во карантин, па како што пишуваат медиумите постојано барал организаторите „да имаат повеќе разбирање за играчите“.

А, тие се наоѓаат во таква ситуација затоа што меѓу патниците на чартер авионот со кој допатувале во Австралија, се откриени лица кои при тестовите се покажало дека се позитивни на коронавирусот.

Карантин за 72 тенисери

Само поради тоа 72 тенисери се во изолација од надворешниот свет – затоа што тоа е пропис кој важи во Австралија. Позитивен на корона имало и во авионот на летот за Мелбурн, па властите се определиле за карантин во хотел, како што тоа се прави и за секој друг патник – намерник кој ќе допатува во оваа земја.

Домашните медиуми пишуваат дека не се знае реакцијата на другите, но за Ѓоковиќ велат дека го разлутил ваквиот однос.

Тој приговарал што играчите не биле известени дека доколку и еден патник биде заразен во авионот со кои патувале, ќе мора сите (патници) да останат во карантин, во своите хотелски соби, наместо да тренираат.

Во списокот што српскиот тенисер им го доставил на организаторите, се барало да имаат услови за фитнес, можности некако да тренираат – вежбаат во самиот хотел и да добијат подобра храна, затоа што станувало збор за „елитни спортисти“.

Се барало и можност за директен контакт со нивните кондициони тренери, за да биле подобро подготвени за претстојните натпреварувања.

Правилата важат за сите

Во австралиската јавност и покрај разбирањето на ситуацијата со играчите, како и нервозата што ги има опфатено, сепак, ваквата нивна реакција се смета како ароганција.

Затоа и уследила острата реакција на премиерот Ендрјус.

„Правилата нема да се менуваат, затоа што се воспоставени во интерес на јавното здравје, кое останува најважната работа. Тие (тенисерите) може да прават листи со барања, но одговорот е „Не“. Конечно, правилата за заштита од пандемијата, се однесуваат за сите – подеднакво” – рекол премиерот на државата Викторија, Дениел Ендрјус.

(Г.И.)

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

Повеќе во Екстра Глобал

Горе