Поврзете се со нас

Skopje Global

Здравје

Британија: Секои 30 секунди нов заразен во болница!

daisycooil/BigStock.com

Британија: Секои 30 секунди нов заразен во болница!

Секои 30 секунди во некоја од британските болници се прима по еден нов пациент, заразен со коронавирусот – изјави во Лондон Сајмон Стивенс, извршниот директор на британското јавно здравство (НХС).

Во изјава за лондонската Скај телевизија тој рекол дека болниците, како и лекарите и медицинските сестри и целиот друг медицински персонал, веќе се на работ од издржливоста, затоа што веќе долго време се наоѓаат под силен притисок.

Според Стивенс, бројот на оние кои се хоспитализирани – од Божик (25 декември), па до сега – е зголемен за дури 15 илјади нови пациенти. А, како што рекол, само тие се доволни за да ги пополнат капацитети во 30 големи болници во Велика Британија.

„Нема олабавување на мерките“

Шефот на британскиот Форн Офис Доминик Раб, пак, во едно телевизиско интервју, соопшти дека планот на владата предвидува – до септември годинава, сите возрасни граѓани во земјата да ја добијат првата доза од вакцината против вирусот.

Овој министер кој го заменуваше премиерот Борис Џонсон, додека овој беше на лекување во болница, откако се зарази, а потоа и заболе од Ковид-19, рекол дека сегашните строги мерки за одбрана од епидемијата – до понатаму ќе останат во сила.

„И кога ќе дојде време, за олабавување на овие мерки, тоа нема да се направи наеднаш, туку тоа ќе се прави постепено, во зависност од здравствено – епидемиолошката ситуација – рекол министерот за надворешни работи Раб.

По откривањето на новиот, мутиран вид на коронавирусот, кој се пренесува многу побрзо и многу побрзо се развива во болест, во Британија дојде до нагло зголемување на бројот на новозаразените, како и на бројот на починатите.

Најмногу починати – по војната

Во саботата, во оваа земја беше забележан уште еден црн рекорд – 41,400 новозаразени лица и нови 1,295 починати пациенти, во само 24 часови.

Претходно, државното Биро за статистика објави дека во текот на 2020 година се регистрирани најголем број починати лица во Обединетото кралство, после времето на Втората светска војна.

Освен тоа, статистичарите објавија дека 4.4 милиони Британци чекаат да бидат примени на лекување, од разни други здравствени причини, во некоја од домашните болници.

Тоа е најголема бројка после 13 години и само ја потврдува изјавата на извршниот директор на НХС Стивенс, дека јавното здравство е пред колапс.

(Д.Л.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Здравје

Горе