Поврзете се со нас

Skopje Global

Американците остануваат во Германија

Европа/ЕУ

Американците остануваат во Германија

Американците остануваат во Германија

Во бројните еднострани и самоволни решенија што ги носеше Доналд Трамп, најчесто по консултација само со своите најблиски советници во Белата куќа, едно од најконтроверзните е неговата одлука да ги повлече американските трупи од територијата на Германија.

Американците се таму од веднаш по завршувањето на Втората светска војна .Останаа во текот на Студената војна, во тие времиња како гаранти на безбедноста на европскиот Запад, демократијата и слободниот свет.

Останаа и после падот на Берлинскиот ѕид, обединувањето на Германија и на Европа и падот на комунизмот, во намален состав, сега во нешто видоизменета позиција – како „надгледувачи“ на ситуацијата на континентот од каде тргнаа и двете светски војни.

Неразумен потег на Трамп

И кога тоа најмалку требаше да се случи, особено не во условите на се поизразената агресивна руска политика кон Европа (вклучувајќи го и Западен Балкан) и кон Европската Унија, Трамп се одлучи да повлече еден крајно неразумен потег – да ги извлече Американците од германската територија. На огромно задоволство на Москва, а на шок на Берлин и на другите западни сојузници на САД.

Сето тоа требеше да изгледа како „нова стратегија“ на Вашингтон.

Прво, со намалувањето на американскиот состав за десет илјади војници, а потоа, со дислоцирање на оние кои требаше да останат, во другите западни земји, а пред се, во Белгија и Италија.

Со барање да ги прими Американците од Германија, на својата територија, прва се „залета“, Полска која единствена од ЕУ, покрај Унгарија, негуваше блиски односи со Трамп.

Во ова меѓувреме, Полјаците се спогодија со администрацијата на поранешниот претседател, за префрлање на илјада војници на полска територија, со што контингентот на САД во земјата требаше да се зголеми на вкупно 5,5 илјади.

Бајден ја менува одлуката

Повлекувањето од германската територија, меѓутоа, никогаш не беше покренато, до крајот на мандатот на трамповата администрација.

По три недели од стапувањето на функцијата, новиот претседател Џо Бајден, силно про-европски определен американски демократски политичар, објави дека го поништува таквото решение на неговиот претходник.

Едноставно, објави дека САД го запираат извршувањето на одлуката на Трамп.

Објаснувањето на сегашната Бела куќа беше дека американските трупи остануваат таму каде сега се наоѓаат, во како што е речено – взаемен интерес и на САД и на Германија.

Владата во Берлин веднаш го поздрави решението на претседателот Бајден, објаснувајќи кусо дека германската страна „останува во контакт со новата администрација на САД околу нејзините натамошни планови„.

Судир со сојузниците

САД во Германија имаат неколку свои големи локации, пред се, воената база Рамстајн, потоа главниот штаб на американската команда за Европа, како и главната команда за Африка, но и воениот медицински центар Ландштул, најголемата американска воена болница надвор од Америка.

Набрзина донесената одлука на Трамп, во секој случај, не беше дел од никаква нова стратегија како што тоа требаше да изгледа за пошироката и помалку информирана јавност, туку знак за казнување на Германија.

Со ваквиот потег требаше да продолжи судирот што Трамп го имаше отворено со своите европски сојузници (околу партиципацијата за НАТО), а посебно оној со Германија и со канцеларот Ангела Меркел .

Казнување на Меркел

Не ја криеше намерата да се казни Берлин за, наводно, нелојалност, затоа што Германците не ги следат неговите, најчесто, хировити надворешно-политички потези и решенија, донесени без консултации со сојузниците, што редовно, Трамп ги примаше лично и ги сметаше за непочитување кон претседателот на САД.

„Време е Американците да се вратат дома, наместо што трошат пари по германските градови. Германија и нејзините градови од тоа силно профитираат, додека САД за возврат не добиваат ништо“ – изјави тогаш Трамп, отворено зборувајќи каква му беше намерата со (наводната) нова стратегија во разместувањето на војниците на европскиот континент.

Одлуката за казнување на Меркел и повлекувањето од Германија наиде на остро спротивставување во Конгресот, но и во врвовите на воените сили.

Угледни безбедносни експерти инсистираа тогаш. а така мислат и сега дека Американците не смеат на тој начин да третираат една Германија која одамна е клучен американски сојузник и претставува витална база за разни операции.

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе