Поврзете се со нас

Skopje Global

Бегство пред исклучување

Европа/ЕУ

Бегство пред исклучување

Ale_Mi/Depositphotos.com

Бегство пред исклучување

По 21 година поминати во членство во групацијата на Европските народни партии (ЕПП), унгарската десничарска, националистичка и популистичка партија Фидес, на премиерот Виктор Орбан ја напушти групацијата во која доминираат десно-центристички и демо-христијански партии од Европа, откако беше под суспензија од 2019 година.

Ваквиот потег на лидерот на унгарската партија, која ги повлече своите 12 европратеници кои досега беа дел од најбројната група партии во Европскиот Парламент, во европската политичка јавност се објаснува како бегство, пред исклучување – и на Фидес и на нејзините пратеници.

Нови правила на ЕПП

Поводот за ваквиот развод на Партијата на Орбан со ЕПП е одлуката на групацијата да се измени едно од нејзините внатрешни правила – партија членка да биде исклучена, доколку се огреши од нејзините стандарди, наместо досегашното правило – да се исклучат само пратениците на грешната партија. Унгарската партија остро се спротивстави на предложените измени, заканувајќи се дека ако се усвојат, Фидес ќе си замине од групата.

Другите европски партии од овој блок, не само што не се исплашија од заканата од Будимпешта, туку новото правило го изгласаа со огромно мнозинство.

Дури 148 членови од овој блок партии гласаа „за” додека само 22 беа против, што практично, само го олесни исклучувањето на Фидес.

Од пред повеќе години беше јасно дека ќе дојде до една ваква ситуација, кога почна да станува јасно дека Орбан се повеќе скршнува кон крајната десница и се определува за авторитарно владеење во Унгарија.

Орбан прави заговор

Тој е веќе 11 години на власт и со секој нов мандат, а посебно по оној од 2014 и највеќе по последниот, добиен во 2018 година, меѓу другите партии од оваа групација се зголемуваше загриженоста за она што се случува со Фидес и со Унгарија, која на почетокот од посткомунизмот беше некаков модел за транзиција кај земјите од Источна Европа.

Виктор Орбан почна да војува со европските стандарди, со демократскиот либерализам како основен модел на кој се потпираат ЕУ и евроинтеграциите.

Судирот со ЕПП беше неизбежен, откако унгарскиот премиер, во 2019 година, настојуваше да ги искористи евроизборите за да предизвика расцеп во овој партиско – идеолошки блок .

Целта беше да го подели од внатре, за да се создаде нова алијанса во која тој и Фидес би биле главните играчи, заедно со ултра – десничарската Лига на Матео Салвини, со другата таква италијанска партија Италијански браќа, како и со полската десничарска и националистичка партија Право и Правда.

Кампања против Брисел

Не успеа во својот план, но предизвика гнев кај сите другите во групата народни партии, каде конечно, стана јасно дека Орбан е проблемот. Тој повеќе не беше решение за никого во блокот, ниту во ЕУ, како и во Европа.

Тоа требеше да биде јасно уште при донесувањето на одлуката за суспензија на Фидес во 2019 година, кога ЕПП ги обвини унгарската владејачка партија и владата во Будимпешта за непочитување на човековите права во Унгарија, како и за напад врз групацијата, во која, на пример, членува и партијата на германскиот канцелар Ангела Меркел.

Таа година Орбан покрена јавна кампања за дисквалификување на високи функционери на ЕПП и на Брисел и Европската комисија, што натера повеќе партии од Западот и западни политичари во ЕУ да ја обвинат унгарската партија дека води антиевропска кампања со европски пари – со парите што даночните обврзници од Европа издвојуваат за побрз развој на источноевропските земји, новопримени членки на Унијата од мај 2004 година.

Јавна дисквалификација на Јункер

Во таа кампања, поставувајќи плакати и големи постери низ Унгарија, Орбан отворено се пресметуваше со тогашниот претседател на Европската комисија Жан Клод Јункер, инаку долгогодишен висок функционер на ЕПП и повеќе пати премиер на Луксембург.

Фидес и нивниот лидер се нафрлија врз Јункер поврзувајќи го со американскиот милијардер и филантроп (по потекло од Унгарија) Џорџ Сорос дека, наводно, копаат заговор против унгарската држава.

Всушност, расправајќи се со Јункер, унгарскиот премиер се обидуваше да се оправда за бројните националистички и расистички изјави против „бегалците и мигранти нехристијани“ кои божем ќе го нарушиле национално-верскиот состав на неговата држава, иако според квотата на ЕУ требаше да се примат (како привремена мерка) само 3500 бегалци.

Пред крајот на 2020 година беше суспендиран од ЕПП и лидерот на делегацијата на Фидес во блокот, затоа што го спореди германскиот политичар Манфред Вернер, лидер на групацијата, со нацистичката тајна полиција – Гестапо.

Роварење по Западен Балкан

Од тогаш, оваа партија продолжува да „тоне“ кон ултра – десницата на Европа, особено по најавите на Орбан дека сака да го рехабилитира Миклош Хорти, унгарски нацист и квислинг во текот на Втората светска војна, прогласувајќи го за „национален херој“.

Конечно, не треба да се заборави на орбановото роварење по земјите од Западен Балкан и посебно во Македонија.

Токму унгарската власт и нејзината тајна служба имаше клучна улога во бегството на осудениот за криминал екс премиер и лидер на македонската националистичка и десничарска опозиција која е против европеизацијата на земјата и против западниот курс на актуелната влада во Скопје.

Во Унгарија, земја – членка на ЕУ и натаму се крие овој осуденик и бегалец, уживајќи унгарски азил, при што тамошната власт не почитува ниту еден од стандардите и правилата на Унијата. Освен тоа, Будимпешта и натаму работи на дестабилизацијата на актуелната македонска влада, финансирајќи ја кампањата и пропагандата на сите медиуми на опозициските антиевропски ултра-десничари.

(Б.Б.)

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе