Поврзете се со нас

Skopje Global

Италија блокира извоз на вакцини за Австралија

Европа/ЕУ

Италија блокира извоз на вакцини за Австралија

askarimullin/Depositphotos.com

Италија блокира извоз на вакцини за Австралија

Италијанската влада го блокираше извозот на вакцините на Астра/Зенека определен за Австралија. Станува збор за 250 илјади дози, што инаку се произведуваат во фабрика која е на италијанска територија.

Италија е првата земја членка на ЕУ која го искористи ново – воведениот пропис на ЕУ за контрола на извозот на вакцини, што Брисел ги навести после Нова година. Унијата ја подржа одлуката на владата во Рим, што е донесена затоа што Италија, како и целата Унија се соочуваат со недостиг од вакцини.

Судир на ЕУ со Астра/Зенека

ЕУ воведе контрола на извозот, откако некои од компаниите – производители, а пред се, тоа се однесува на Астра/Зенека, не ги исполнија своите договорени обврски кон земјите во Унијата, додека во исто време извезуваа и продаваа вакцини низ светот.

На тој начин, беше целосно нарушен и системот Ковакс што, инаку, беше договорен со Светската здравствена организација (СЗО) уште пред воопшто да почне дистрибуцијата.

Европската комисија тогаш одлучи да го спречува извозот, доколку компанијата не ги има исполнето обврските кон ЕУ, а владата на премиерот Марио Драги и Европската комисија тоа прв пат го применија сега – кон Австралија.

Оваа британско – шведска компанија веќе призна дека во првите три месеци од оваа година ќе може да ги исполни побарувањата на ЕУ само со 40 отсто. Таа навести дека ќе го зголеми процентот на испораки во вториот квартал, до крајот на јуни, но дека ниту тогаш тоа нема да биде онолку колку оваа компанија се има договорено со Брисел.

Неисполнети обврски

Тоа предизвика расправија меѓу производителот, кому Унијата за побрзо откривање на вакцина против коронавирусот му има платено над 350 милиони евра и Европската комисија во Брисел. Поранешниот италијански премиер Џузепе Конте, во јануари остро го осуди однесувањето на Астра/Зенека како пример за неисполнување на договорот и најави дека Италија ќе ја тужи компанијата.

Таа, пак, и тогаш, а и сега се оправдува со „проблеми во производниот процес“.

Повеќе земји од Унијата, меѓутоа, кои исто така останаа во кусок со вакцините, инсистираат дека неисполнувањето на обврските кон ЕУ се последица на работењето на компанијата само за британските потреби и за нарачките од владата во Лондон. Сите нејзини погони на британска територија немаат извезено ниту една доза во изминатите месеци.

Така излегува дека мерката за контрола на извозот донесена во Брисел, што Италија за прв пат ја искористи, всушност, е идентична со британската – прво да се задоволат барањата и потребите за британската популација.

Австралија не е загрозена

Во Рим не сакаат дополнително да ја коментираат одлуката на владата која предизвика голем интерес низ светот, освен што се изнесува од порано даденото објаснување, испратено до Брисел, дека Австралија не е земја која со корона пандемијата е зафатена и погодена во обем, каков што има една Италија, или земјите од ЕУ и од Европа.

Едноставно, во Рим сметаат дека Австралија не се наоѓа во фаза на постојан недостиг од вакцини, како што тоа е случај на европскиот континент.

Освен тоа, количеството дози што Астра/Зенека требаше да ги испорача на австралискиот пазар, е дури и повисок од оној што Италија го има примено од истиот производител.

Австралиската влада реагираше со зачуденост на ваквото решение на Италија (и на ЕУ) и соопшти дека по „низа канали е во комуникација со Европската комисија“. Од Брисел, владата во Канбера бара да се преразгледа решението за блокирање на испораката со вакцини.

Австралијанците признаваат дека веќе имаат примено 300 илјади дози и дека почнале дури сега со вакцинацијата, користејќи ги вакцините на Фајзер. Владата во Австралија најавува дека самата ќе почне (во скора иднина) да произведува вакцини, со планирани еден милион дози – неделно.

Национализам со вакцините

„Италијанскиот извоз, во основа, не може во моментот да се означи како неопходен“ – има речено австралискиот министер за здравство!

Во секој случај, Италија и ЕУ настојуваат да се воспостави поголем ред во дистрибуцијата, барем додека се задоволат нарачаните и договорени количества дози со вакцини.

Одново се потврди дека компаниите и некои држави целосно паднаа на тестот на моралноста предизвикувајќи, за прв пат, национализам со вакцините.

Британија и Израел, пред сите другите, се посочуваат како лош пример за занемарување на сознанието дека пандемијата е глобална и дека глобално мора да се совлада. Или, како што велат во СЗО – Никој не е сигурен, додека сите не сме сигурни.

Според официјалните податоци – Британија тврди дека има вакцинирано една третина од своето население. ЕУ има само осум отсто од Европејците.

 

Коментирај

Напиши одговор

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Повеќе во Европа/ЕУ

Горе